Бета-муабет со Јулијана Величковска по повод 37. издание на Поетска ноќ во Велестово: Фестивалот е основан од пркос и од инает кон некогашниот естаблишмент
- Андреј Медиќ Лазаревски
- Aug 10
- 5 min read
Годинава, од 15 до 17 август ќе се одржи ново издание на поетскиот фестивал „Поетска ноќ во Велестово“ по триесет и седми пат. Организиран во три дена на повеќе различни локации во село Велестово и во Охрид и со над десетина гости од неколку различни земји повторно ќе се случи еден од највпечатливите поетски настани во Македонија. По тој повод разговараме со програмската директорка на фестивалот Јулијана Величковска.

Андреј Медиќ Лазаревски: Јуле, најпрво ти благодарам што одвои време во овие густи предфестивалски денови да бидеш дел од разговорот за „Култура Бета“. Најпрво, фестивалот се случува по 37. пат, тоа е втор најстар поетски настан во државава (по Струшките вечери на поезија), па сакам да те прашам околу самото значење на фестивалот – што значи тој за нашата поетска сцена, што сакате вие како организатори тој да биде и какво е искуството да се организа фестивал во оваа културна средина толку многу години?
Јулијана Величковска: Поетска ноќ во Велестово опстојува толку долго заради тоа што успеа во својата мисија – да им ја врати поезијата на луѓето, на местото од каде што потекнува. Фестивалот е основан во 1989 година од пркос и од инает кон некогашниот естаблишмент и се чини дека тој пркос и инает сѐ уште нѐ држат и ни помагаат да опстоиме и покрај сите сопки, пречки, обиди да се политизира и да се внесе нешто друго освен уметноста во него. Сепак, за толку долго да опстои најголема заслуга имаат сите пријатели на фестивалот што несебично нѐ поддржуваат низ годините, кој со што може, а најмногу нашата верна публика што секогаш е многубројна и подготвена да се качи во едно село на 1000 метри надморска височина и да ужива во програмата што секогаш со многу внимание и грижа ја подготвуваме за нив. Се разбира, најубавото во фестивалот се сите дружби пред, помеѓу и по поетските читања, музичките концерти и разгледувањето на ликовните изложби, кога се градат нови вистински и долготрајни пријателства и меѓу домашните учесници, но и со бројните учесници од странство, од кои се изродија многу соработки и разни книжевни размени, на кои сме особено горди.
А: Познато е дека на фестивалот секоја година се портретира еден македонски поет. Оваа година поетскиот портрет ќе биде посветен на Андреј Ал-Асади, поет од младата генерација македонски книжевници. Која е причината што годинава Ал-Асади е избран за поет во фокусот на фестивалот, какво е неговото значење во книжевниот и културниот контекст особено како дел од таа млада генерација поети и што е планирано за неговото претставување?
Ј: Причините се повеќе. Една од важните причини е актуленоста, Андреј зад себе има веќе шест поетски книги, од кои последните четири беа во потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“, вклучително и најновата стихозбирка „Рубедо“ што на фестивалот за првпат ќе ја промовираме, како и неговата поема „Никогаш пред ил потем“ за која ја освои наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема. Ние во фестивалот сметаме дека тој е еден од квалитативно најдобрите македонски поети што творат во моментов. Исто така, Андреј е и еден од најавтентичните македонски поети воопшто. Неговата поезија е микс на повеќе култури и влијанија, навидум далечни едни од други, но тој сите тие нишки ги врзува со автентичен македонски поетски код по принципот на Блажевата строга и проста песна.

Фактот што Ал-Асади веќе има толку многу зад себе, но особено што во него го гледаме потенцијалот и сметаме дека допрва следува книжевното богатство што тој ќе го остави за македонската книжевност, е уште една од причините со ова претставување да го доближиме до пошироката македонска јавност, но и на некој начин да го помогнеме неговото претставување надвор од нашите граници, а тоа го правам и со помош на поврзувањето со интернационалните гости на фестивалот, но и со моите заложби како негов издавач и уредник да биде дел од книжевните размени што ги договараме со сродни организации и фестивали од странство.
Претставувањето ќе подразбира поетско читање и разговор за сите негови досегашни поетски книги.
А: „Поетска ноќ во Велестово“ е интернационален фестивал. Од кои држави ќе имате гости годинава на Фестивалот? И секако, кои се тие гости?
Ј: Ќе имаме гости од шест држави. Од Ирска, како дел од соработката со Литературниот центар Мунстер од Корк, ни доаѓа Рошин Кели. Од Хрватска, како дел од соработката со Хрватското друштво на писатели и фестивалот „Стихот во регионот“ ни доаѓаат Мирослав Кирин и Рената Јамбрешиќ Кирин. Од Азербејџан ни доаѓа Фарид Хуесин, од Бугарија ни гостува Поли Муканова, а од Романија ќе ни гостува младата поетеса Анисија Ангел. На фестивалот ќе настапат и следните домашни поети: Лулзим Хазири, Ивана Јовановска, Маја Мојсова, Стефан Костоски, Павлина Атанасова, Марија Ангеловска и Емануела Ковачевска Китановска.
А: Покрај поетскиот портрет на Андреј Ал-Асади планирани се и други поетски читања, како и промоции на книги. Кажи ми нешто повеќе за програмата, што сѐ е планирано годинава?
Ј: Традиционално, поетскиот портрет секогаш е врзан и со претствувањето на еден ликовен уметник, односно со отворање изложба, па годинава се радуваме што ќе го претставиме младиот академски сликар Стефан Мкаденовски, кој ни доаѓа од Крива Паланка. Во соработка со „ПНВ Публикации“ ќе се организираат и две промоции на стихозбирките „Зебрано“, избор песни од Мирослав Кирин во препев од хрватски на Славе Ѓорѓо Димоски, како и стихозбирката „Како сон“, избор песни од Фарид Хусеин во мој препев од англиски јазик. Ќе се одржат уште три интернационални поетски читања, а пред сето тоа, на сцената ќе го видиме и младиот Игор Климовски од Охрид, кој ќе настапи со кус музички концерт на хармоника.

А: Како што веќе спомена, издавачката куќа „ПНВ Публикации“ минатата година потпиша меморандум за соработка со Литературниот центар Мунстер од Корк, Република Ирска. Колку во недостаток на силна државно-институционална поддршка за меѓународни соработки во книжевноста, се важни овие индивидуални соработки за размена на автори? Што предвидуваат тие?
Ј: За жал, по 15 години работа како издавач, не гледам напредок туку сериозно назадување во однос на институционалната поддршка на нашите уметници, не само на книжевниците, но особено на книжевниците, почнувајќи од немањето активен конкурс за превод на дела од македонски автори во странство, до разните органичувања и неотвореност за поддршка на гостувања на нашите автори на книжевни фестивали во странство. Сиве години наназад фестивалот го организираме со микробуџет и гостувањата на поетите од странство се возможни само и само поради фактот што во нивните земји тие ја уживаат потребната поддршка, најмалку за нивните патни трошоци, а некои добиваат и соодветни хонорари или дневници, средства за покривање на трошоците за сместување и слично. Сонувам за Министерство за култура кај нас што ќе има таков однос и почит кон авторите, како што велат дека имаат во сите изјави за нивните наводни грижи и заложби околу македонскиот јазик.
А: За три години се навршуваат 40 години постоење на Фестивалот. Дали веќе имате планови како ќе го одбележите тој голем јубилеј?
Ј: Вообичаено планираме по неколку изданија однапред, и главната програма и учесниците ни се исто така одбрани многу порано. За јубилејното 40-то издание планираме да направиме поетски портрет на новата генерација млади македонски поети, бидејќи сметаме дека ве има многу и дека ако по утрото денот се познава, за македонската поезија следува светла иднина!
А: За крај, не можам, а да не ја искористам приликата да поставам и прашање врзано со твоето творештво. Годинава твојата најнова стихозбирка „Рајсфершлус“ влезе во потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата. Што за тебе значи оваа награда, овој влез во најтесниот избор и, генерално, како се чувствуваш по повод оваа одлука?
Ј: „Струшките вечери на поезијата“ е еден од најважните поетски фестивали во светот воопшто. „Браќа Миладиновци“, пак, како дел од тој фестивал е најважната поетска награда во Македонија, и многу ме радува што мојата „Рајсфершлус“ е во најтесниот избор за наградата. Тоа исто така зборува и за тоа дека во жирито мора да има книжевни критичари што имаат отворен ум и вистинско чувство за поезија, и успеале да ја препознаат чистата лирика зад мојот експериментален прозен облик на песните. Тоа го сметам за своевиден доказ на мојата теза дека поезијата е сеприсутна, но видлива е само за оние што ја носат во себе, па умеат да ја препознаат во секој нејзин облик.
Comments