На годинешното издание на фестивалот „Нишвил“ во Ниш, Србија претставата „Кенди“ во режија на Тамара Стојаноска во продукција на театарот „Златен елец“ ја доби наградата за најдобра претстава. Пред тоа оваа претстава се здоби и со други награди, а зема учество и на неколку фестивали и поединечни изведби низ Македонија и во странство. По повод добивањето на наградата разговараме со Тамара Стојаноска, Лео Поповиќ, Бобан Алексоски и Лука Тошев од тимот на „Кенди“.
На „Нишвил“ во Србија ја добивте наградата за најдобра претстава, најпрво, што за вас значи оваа награда?
ТАМАРА СТОЈАНОСКА: Секоја досегашна награда ја гледам како огромно признание за „Кенди“, чувствувам надеж и среќа дека публиката ја разбира пораката на претставата и го гледам ова како една поддршка за нашата работа. Наградите во уметноста се една посебна радост и имаат една друга димензија и секако се многу поинакви во доживувањето за разлика од наградите во некои други области или во спортот и мислам дека многу е важно да не ги гледаме како натпревар или трка, бидејќи во уметноста тоа не треба да постои. Ваквите признанија се како непланирани прослави на животот на претставата, инспирација за понатаму и поврзување со публиката и жири комисиите кои досега, во мојот случај, биле составени од врвни театарски уметници со кои имав чест да се запознаам преку нашата претстава. Сѐ уште сум во еден позитивен шок бидејќи учеството на „Нишвил“ ми беше голема желба и чувствувам голема благодарност дека ми се исполни.
ЛЕО ПОПОВИЌ: За мене лично оваа награда е пред сѐ доказ дека до квалитетен резултат кој го препознаваат и други се стигнува без никакви финансии и без никакви „битни“ познанства. Награда од еден фестивал од овој калибар секогаш ќе значи дека некој, од позиција на знаење со многу објективност, твојот плод за кој ти не можеш да си објективен, го препознава. Од емотивен аспект е навистина сплотувачко искуство, ова е веќе трета ситуација во која со екипата значајно си се погледнуваме.
БОБАН АЛЕКСОСКИ: Наградата е само мотивација за уште посветеност и работа, храброст за напред и надеж за подобро особено кога целиот труд е неколкупати награден. Многу сум горд на екипата, за соработката, професионалноста и љубовта што секој посебно ја дава кон „Кенди“. Одиме понатаму, нѐ чекаат уште доста изведби и фестивали, претставата треба да се види, најмногу заради темите кои ги нуди, односно претставениот „пекол“ на дел од проблемите во секојдневието што го живееме, случувања кои сакаме да ги премолчиме или одбегнеме, или толку лесно само ги дискриминираме и ситуацииите и луѓето.
ЛУКА ТОШЕВ: Оваа награда значи дека сме завршиле добра работа, дека нашата претстава е јасна и може да „кокетира“ и со меѓународна публика и да допре до многу луѓе.
Какви беа реакциите на публиката за „Кенди“ на „Нишвил“, но и како вие си поминавте, кои се вашите впечатоци?
ЛЕО ПОПОВИЌ: Искуството на „Нишвил“ дојде со низа предизвици па со тоа и сосема логични стравови; прво искуство под отворено небо, пред публика која зборува сличен но сепак друг јазик. Но секое ново искуство буди нови чувства, а секое ново чувство буди нешто ново во ликот, па со тоа публиката во Ниш запозна некои нови, можеби дури и посмели Кенди и Дени, кои ги прими со раширени раце.
БОБАН АЛЕКСОСКИ: Првпат ја игравме „Кенди“ на отворено и позитивниот „страв“ што цело лето го чувствував уште од самата покана на селекторката и уметничката директорка Маја Митиќ, зашто „Кенди“ е интимна претстава, го снема вечерта кога почна изведбата и тоа беше една специјална и магична изведба со дел нови моменти или мизансцени зададени од самиот простор кои едноставно во театар никогаш нема да се родат, игравме на Тврдина, под ѕвезди, со многу публика, не можам да опишам. Публиката исто како и во Македонија ја прими претставата доста позитивно, особено жири комисијата, новинарите и сите присутни - заради што и ни доделија награда која навистина значи. За претставата „Кенди“ се пишуваше во неделникот „Време“, интервју со театарската критичарка и новинарка Наташа Гвозденовиќ, а Ана Тасиќ - театарска критичарка, напиша прекрасна критика во „Политика“, која е и селекторка на Фестивалот „Стеријно позорје“ во Нови Сад, Србија. Кога Маја Митиќ ми пушти слики од весниците, ми напиша – „то вам је престиж у Србији“. :)
ЛУКА ТОШЕВ: Бидејќи голем дел од музиката ја изведувам во живо и изведбата на „Нишвил“ беше на отворено стравував за звукот и дали ќе може публиката добро да ја доживее претставата, неколку пати погледнав во публика за време на претставата и видов дека вџашено гледаат во дејствието и играта на Лео и Бобан. Аплаузот после претставата беше огромен и долг „врисок“ кој не го очекувавме.
Ова е трета награда за „Кенди“, какви успеси доживеа оваа претстава и колку за вас како тим што работи на претставата тие успесии ви даваат надеж за напредок на вашиот независен театар?
БОБАН АЛЕКСОСКИ: „Кенди“ не е прва претстава на Театар „Златен Елец“, во февруари полниме пет години и работевме доста проекти. Ентузијазмот е сѐ кога станува збор за независен театар, тој ја води и силата на проектот, за среќа многу од претставите ни се активни и тоа се должи на професионалноста од страна на екипите, а „Кенди“ доби три награди и желбата да се игра уште и уште е кај сите нас, нескромно ќе кажам дека претставата навистина треба да се види. Напредокот оди заедно со успесите, меѓутоа не значат ништо тие успеси ако утре останеме само на тоа, нашата работа во театар на било каков начин, доколку навистина сакаме да се занимаваме со ова, а и за да одиме напред не треба никогаш да запре, секако не сметајќи го времето што е потребно да си го земе уметникот за да биде подготвен да создава, што е исто многу важно.
ЛУКА ТОШЕВ: „Кенди“ покажува дека е зрела претстава и дека имаме отворена публика на која ваквиот израз не ѝ е туѓ, а меѓународното жири на „МОТ“ и „Нишвил“ заедно со публиката ни потврдува дека ова е насоката во која што треба да движи театарот денес.
„Кенди“ е претстава која прикажува едно „современо“ општество кое дозволува огромна стигма и дискриминација кон корисниците на дроги и останатите маргинализирани заедници. Зошто беше важна оваа тема за вас и што сакате да прикажете преку обработка на оваа тема и адаптацијата на истоимениот роман на Лук Дејвис?
ТАМАРА СТОЈАНОСКА: Во секоја сработена претстава се занимавам со приказни кои што од сам почеток ги сметам за важни, теми кои имаат значење за мене и со кои мислам дека можам да придонесам кон нешто позитивно и искрено да се поврзам со приказната на било кој начин за после да може да се поврзе и публиката. Особено ми се важни социјално ангажираните теми преку кои се пресликува светот во кој живееме и со кои многу луѓе можат да се поврзат на различни начини и истовремено да се почувствуваат дека не се сами. Мене уметноста ми помага на таков начин и се трудам да создавам и јас таква уметност. Во периодот пред да ја работам претставата „Кенди“ се интересирав за односот на општеството кон одредени маргинализирани групи/заедници, особено за важна ја сфатив зависноста како тема, зависноста како болест и различните видови зависности и на тој начин се поврзав со романот на Лук Дејвис (Candy: A Novel of Love and Addiction). Романот има автобиографски елементи и е прекрасен текст во кој авторот раскажува љубовна приказна за еден пар, корисници на дрога, но истовремено успева да не ја романтизира темата туку напротив, дава една реална слика за зависноста како болест, потребата за поддршка и реална слика за системот во кој живееме и придонесуваме. Голем проблем се предрасудите кои водат кон незаинтересираност за вакви теми, дискриминација, недостатоци во здравството и изгубени животи. Во самиот процес на претставата, темата стана поголема од романот и приказната се премести тука и сега во Скопје со конкретни примери за ситуацијата кај нас, со поддршка, информации и совети од здружението на граѓани ХОПС - Опции за здрав живот Скопје.
Каква е ситуацијата со независните театри во Македонија, колкава поддршка добивате и колку сте препознаени од институциите, но и од културната сцена?
БОБАН АЛЕКСОСКИ: Независните театри во Македонија творат, се прошируваат, се создаваат многу добри продукции и тоа е голема работа која не треба да помине незабележана, можеби токму таа енергија која наголемо движи во државата ќе ја врати целосно публиката верна на театарот и неговата вредност и денеска во новото време што го живееме, преку алтернативни простори, поставки, концепти поблиску до новите медиуми што неопходно се користат, публиката е друга денес. За културните институции и културната сцена можам да кажам пофални зборови, ја поздравувам и јавно се заблагодарувам на поддршката од одредени институции и раководители, директори што разбираат и се тука кога може и кога ни е потребно, зашто ние генерално имаме еден проблем - простор и сцена за работа и изведби на претставите, зависиме од институциите и секогаш сме почестени кога ќе се најдеме заедно на репертоар со другите претстави од државните театри. Публиката е сѐ побројна на претставите кои ги играме и многу се радувам зашто тоа што го замислувавме полека се остварува. Би посакал повеќе слух и поддршка од страна на државата и приватните фирми за она што го работиме, најмногу во однос на финансиите, за да не ни бидат врзани рацете и да не трпат проектите што сакаме да ги создадеме. Независната сцена е многу важна за денешното општество, не само за невработените уметници да имаат што да работат туку и за самата нејзина убавина што ја носи. Публиката е сѐ повеќе заинтересирана за нешто современо и искрено, исто така во овие проекти се зборува за многу важни општествени и социјални теми на еден директен начин кој во државен театар е реткост да се види и чуе.
Дали моментално, како театар, работите на нешто ново и кои се вашите следни планови за работа?
БОБАН АЛЕКСОСКИ: Моментално ја завршуваме летната турнеја со претставите „Пингвинот“ и „Кенди“ во режија на Тамара, последно играме на И.А „Вртешка“ - на планината Плачковица со „Пингвинот“, а во септември продолжуваме со изведби на претставите во Скопје и низ државава, а исто така по повод наградата „БИШ“ минатата година, во копродукција со фестивалот „МОТ“ треба да почнеме со подготовки на новата претстава во режија на Тамара Стојаноска, премиерата е на „МОТ“ 2024, па понатаму би откриле повеќе, зашто и за тоа сме силно возбудени.
Фотографии: Ѓорѓи Костовски
Comentarios