Првиот настан одржан со име „Просторни реадаптации“ беше одржан пред три години во 2022г., со што последователно се организираат и второто а и годинешното трето издание. Настанот се одржува на градската плажа на кеј во паркот на Скопје. Како што и сугерира името, целта на настанот е да се реупотребат јавните простори за други намени, како што се изложни салони за уметнички изложби. Групната изложба се состои од девет уметници, кои имаат изработено дела од различен карактер и содржина. Но, тоа што ги сплотува нивните дела е проактивност, со што секој уметник ја има искористено шансата да пренесе некаква порака преку нивниот ликовен јазик и начин на комуникација. Потенцирајќи го фактот што настaнот се одржува на тоа што е останато од некогашната замисла и идеја за градската плажа, се обрнува посебно внимание и на културниот и општествен контекст во кои тие творат и создаваат уметност.
По повод одржувањето на новото издание на „Просторни реадаптации“ разговарам со Ана Трајковска, уметни и организатор на настанот.
Поради тоа првото прашање ми е за тоа која е конкретната причина за избор на локација. Колку и да не сакаме, сепак мора да се земе предвид дека тоа место е едно од недовршените или неупешните проекти на Скопје 2014. Па затоа дали изборот на плажата е симболично и во корелација со пораката која сака да ја пренесе самиот настан?
Ана Трајковска: Идејата за токму овој простор се случи многу спонтано. Како активен љубител на возење на велосипед покрај кејот на Вардар, една таква вечер ја загледав конструкцијата, и сѐ понатаму е историја. Со колегата Доротеј Нешовски активно бараме и истражуваме напуштени локации низ градот кои го имаат потенцијалот за ваква уметничка реадаптација. Без разлика на историјата на објектот, сакаме преку уметничка интервенција да донесеме нова свежина во тие напуштени објекти.
Друг важен фактор е карактерот на просторот кој е одбран, а тоа е сепак јавен простор на отворено. Дали дел од идејата за концептот на настанот е слична со пораката на анти-уметност движењата во 20-тиот век и уличната уметност или, пак, има друга намера?
Ана: Првичната идеја и предизвик ни беше како да ја донесеме уметноста поблиску до “обичниот” човек. Свесни сме за времето во кое живееме и знаеме дека уметноста и културата не се приоритетен фактор во нашето општество. Преку овој настан сме имале многу интеракции од граѓани кои обично не би отишле на изложба, така да би кажала дека овој настан носи повеќе еден едукативен фактор кој отвара простор за многу дискусии.
Што точно придонесува поединечно но и како група, за вас како организатори и уметници овој проект и се разбира реакциите и интересот кој го пробудува? Дали сметате дека реакцијата која ја добивате е соодветна и со тоа сте ја постигнале таа некоја цел која сте ја замислите или сметате дека има потреба од повеќе слични настани за да ја постигне?
Ана: На нас ни е мило што сме во можност еве и трета година по ред да го организираме овој настан, фактот што појдовме со идејата дека само еднаш ќе го реализираме овој настан што се разви во еден вид на “традиција” го кажува своето. Колегите се секогаш спреми за предизвикот да создадат дело кое ќе биде дел од просторот, така да се спремаме и за просторни реадаптации 4.0. Секако дека има потреба од повеќе вакви настани, ова не е нов концепт да се изнесат делата вон изложбениот простор, а потребен дел е од визуелните уметности, највеќе поради едукативниот фактор за мнозинството.
Со оглед на тоа што настанот е поддржан од Министерство за култура и туризам, кој е ставот кои сте го оформиле околу поддршката која ви е пружена? Каков е односот меѓу оние кои финансирааат и оние кои творат?
Ана: Сите три настани до сега се поддржани од Министерството за култура, поддршката е минимална во однос на продукцијата која што ја вложува секој автор учесник. Генерално сите сме навикнати на тие синтни парички што ќе ги добиеме од министерството, и секако дека поголемиот дел од продукцијата паѓа под личниот трошок на авторот. Ставот е јасен, за квалитетна програма во културата, потребни се достојни средства за тие идеи да се реализираат. Ама на крајот на денот, надежта последна умира, се надеваме на подостоен фонд на средства за наредната година.
Дали сметаш дека вашите уметнички дела како учесници треба да имат корелација со идејата и концептот на настанот или пак би биле задоволни со дела со послободна тема, наместо оние чии пораки имаат кохезија и преклопување со поентата на „Просторни реадпатации“ како културен настан?
Ана: Секоја година им даваме на авторите слободна тема, оваа година се погодивме сите да имаме теми кои ги критикуваат сегашните околности. Мислам дека е потребна слобода на израз, дека и “полајт” делата имаат исто став и значење, не можеме цело време да бидеме критично настроени, потребни ни се и такви дела малце да земеме здив од реалноста.
Ти како организатор и уметник, преку своето дело и работа, која порака сакаше да ја пласираш за јавноста и посетителите? Преку твоето дело, кое е висечки кутии облепени со банкноти, што точно сакаше да соопштиш и дали беше мотивирана од самиот настан како проект?
Ана: Со моето дело на овогодинешните просторни реадаптации, сакав да го потенцирам недостатокот и немањето на доволно средства за поддршка на културата од институциите. Како културен работник многу често одвојувам повеќе средства од својот сопствен буџет за продукција на едно дело. Па затоа оваа година обвиткав 4 стиропорни кутии со сито печат од 1000рки кои ги поставив да лебдат на отворениот простор на кејот. Идејата е во кутијата, идејата е скапа, па затоа кога ќе ги добијам потребните средства што се наведени на секоја кутија, ќе ја остварам идејата. До тогаш, идеите ќе останат само лебдечки објекти во просторот и во мојата имагинација.
Comments