Бета-муабет со битбоксери Ален (Griptone) и Виктор (Koji): Се трудиме овој дел од музиката да го внесеме на нашата сцена
- Андреј Медиќ Лазаревски
- May 9
- 2 min read
Вечерва во кафе-книжарницата „Буква“ со почеток во 21 часот ќе се одржи битбокс настап на младите битбоксери Ален и Виктор кои настапуваат под имињата Griptone и Koji, a ќе настапат придружени од Snuziii и неговиот диџеј сет.

По повод овој настан направивме кус разговор со двајцата битбоксери со кои позборувавме околу битбокс културата и сцената кај нас, за досегашното искуство од нивните настани и новиот културен бран. Прочитајте во продолжение!
На 9. мај во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се случи вашиот битбокс шоукејс заедно со диџеј сет на Snuziii. Што може да очекува публиката од настанот?
Виктор: Публиката од нас може да очекува многу интересни звуци која за првпат ќе слушне како со овие звуци можеме да направиме музика. Ќе го презентираме нашиот материјал на кој имаме работено последните месеци. Овој материјал ќе содржи многу елементи на електронска, рап и хип хоп музика, а нашиот DJ SNUZIII ќе ви приреди огромно шоу со неговиот голем опсег на музика.
Ова е ваш трет битбокс настан до сега, претходно имавте исто така настапено во „Буква“ како и на настанот во Ла Кања. Како сте задоволни од настаните, како поминаа тие?
Ален: Задоволни сме од нашите настани, си поминавме супер и публиката беше задоволна. Очекуваме нашиот трет настан да биде најголем и најуспешен досега.
Колку е развиена битбокс културата и битбокс сцената во Скопје и во Македонија. Дали го враќате или ја подигнувате, оживувате, таа сцена кај нас?
Ален: Битбокс културата во Скопје и низ целата држава не е воопшто развиена. Пред 5-6 години имаше мала сцена, но таа веќе не постои. Ние пробуваме да ја оживееме повторно сцената, тоа е нашата цел.
Со што се занимавате? Само битбокс или и со друг тип на перформанс или музика?
Ален и Виктор: Во моментот се занимаваме само со битбокс.
За крај, моментално во Македонија има млада, многу развиена и многу активна културна сцена. Каде и како е битбоксот сместен во таа културна сцена и како сметате дека треба да се развива? Дали го чувствувате ова како уште една гранка од таа сцена?
Виктор: Според нас, битбоксот моментално сѐ уште не е сместен на нашата културна сцена и на публиката не ѝ доволно овој дел од музиката. Затоа се трудиме овој дел од музиката да го внесеме на нашата сцена и да биде повеќе препознатлив. Исто така, имаме цел да допреме и до луѓе кои се занимаваат со битбокс. Мислиме дека бибоксот треба да се развива со повеќе настани, видео материјали и настапи по фестивали, ако имаме шанса. Моментално не ја чуствуваме како една гранка од таа сцена ама веруваме дека со текот на времето и ова ќе стане дел од гранката на нашата културна сцена. Ве очекуваме во „Буква“ во петок од 21 часот!
Comments