БЕТА-МУАБЕТ со Бобан Алексоски од театар „Златен Елец“: Наградите за претставите „Дневникот на лудиот“, „Кенди“, „Грета“ се само поттик за уште поголема храброст понатаму
- Андреј Медиќ Лазаревски

- 1 day ago
- 7 min read
Годинава независниот театар „Златен Елец“ прославува шест години од своето постоење. Во овие години работа, театарот оствари неколку значајни претстави кои играа на повеќе домашни и меѓународни фестивали, а се здобија и со неколку значајни награди. Моментално тимот на „Златен Елец“ работи на нови проекти, а годинава се избрани да ја напишат македонската порака по повод Светскиот ден на театарот. За сѐ ова зборувам со Бобан Алексоски актер и извршен продуцент во театарот „Златен Елец“!

Андреј Медиќ Лазаревски: Шест години постоење на вашиот независен театар. Како ќе ги опишете овие години, кои беа најголемите предизвици, најголемите успеси, што е она што го научивте?
Бобан Алексовски: Сѐ досега личеше на цел факултет што го поминавме низ годиниве и сите предизвици што како независни уметници ги решивме и надминавме, нѐ научија дека без борба и жртви не се достигнуваат резултати. Борба за простор и реализација, а жртвите се заеднички и различни. Сите години заедно би ги опишале како години на исполнети желби и идеи, како да живееме еден убав сон за кој навиваме да продолжи.
Главната мисија на Театар „Златен Елец“ беше и остана да твори независно и континуирано со исклучителен развој на работната програма преку промоција на нови уметници. Гордоста произлегува од веќе готовите проекти заедно со достигнатите колективни и поединечни успеси на колегите кои заслужуваат уште толку повеќе. Сигурно знаеме дека заедно со труд и посветеност правиме големи чекори за напредокот на драмската уметност во нашите простори, обединувајќи се со современиот чекор на новата и постојана театарска публика. Наградите за претставите „Дневникот на лудиот“, „Кенди“, „Грета“ се само поттик за уште поголема храброст понатаму. Секако и препреките не научија да продолжиме да работиме со уште повеќе верба, мотив, љубов и посветеност. Развојот што го достигнува овој театар со заедничката работа е задоволство на сите во театар „Златен Елец“ и посакуваме напредок на сите уметници, да доаѓаат понатаму и нови генерации а сите ние да им бидеме пример за истрајност и упорност при нивното развивање.
Имавме меѓународни соработки, гостувања надвор од државата и во неа, игравме речиси во сите театри и домови на култура, се запознавме со луѓе кои сакаат отворен и искрен театар, разговараме долго после претставите, дијалозите продолжуваат и на социјалните мрежи. Поминуваме многу километри на пат заедно со екипите за претставите и задоволството што го чувстуваме е огромно.
Кај нас досега режирале Ѓорѓи Ризески, Ана Батева, а најголем дел од претставите се на режисерката Тамара Стојаноска која е дел од основачите на овој независен театар а минатата година доби награда за најдобар млад режисер на конкурс во Бугарија. Таа постави претстави кои носат општествено ангажирани теми за кои е важно да се зборува во денешно време. Работиме и претстави за деца, а тоа е една друга гранка која бара посебно внимание. Колешката Надица Петрова која исто така е основач работи и стенд-ап проекти. Благородноста што ја нуди оваа работа ја чувствуваме и продолжуваме да работиме онака како што сме замислиле. Новите планови и визии допрва не чекаат.

А: Каква е театарската сцена во Македонија? Зошто се одлучивте за независен театар? Кои се предностите да се биде независен во културата?
Б: Моментално театарската сцена во Македонија е разновидна, но она што најмногу нѐ радува е развојот на независната сцена и приватните проекти на уметниците во државава. Тоа се амбициозни проекти, големи или мали, но смислени и родени со многу повеќе љубов од обична репертоарска претстава на државен театар, секако со доста исклучоци. За нас потребата за независен театар тргна од апсурдното чекање на актерски ангажмани по завршувањето на академија за глума во нашата држава и немањето правилен систем за избор на актери во ансамблите. Пазарот е голем, а професијата бара дисциплина и постојано одржување, тука независната сцена е вистинска потреба за тој момент кај младиот уметник кој има потреба да се изразува и напредува. Предноста да бидеш независен е да имаш можност да избереш или лесно да бидеш одбран, да предложиш повеќе идеи, да експериментираш повеќе, да работиш многу улоги или претстави на специфичен начин што најчесто не е својствен за процеси на театарска претстава во институција, но тоа секогаш зависи од жанрот, авторот, но најмногу од начинот на работа на режисерите.
А: Подготвувате претстава по текст на Пјер Паоло Пазолини. Кажете ми малку повеќе за овој процес?! Какво значење има поставувањето на еден текст на Пазолини, кои луѓе работите на проектот, кога се очекува да ја видиме претставата на сцена?
Б: „Теорема“ од Пјер Паоло Пазолини публиката премиерно ќе ја види во јули на фестивалот „Скопско лето“ и возбудата е голема. Тоа е еден поголем проект кој веќе почна со реализација од септември 2025 година со поддршка од Министерството за култура и туризам, Heartefact – проект на Швајцарската амбасада „Култура за развој“ и Италијанската амбасада. Режисерот на претставата е Мирко Радоњиќ, успешен и реномиран режисер во Црна Гора и пошироко, а авторот Пазолини за првпат се поставува во театар во нашата држава и е од големо значење во однос на темите и актуелноста денес што тој во своите дела ги обработува. Врската што ќе ја има претставата со авторот ќе се види во самите решенија на режисерот, полни со значења и симболи како и кај самиот Пазолини. Мирко е искрен и свој авторски режисер кој на интересен начин со многу развиени слики и театарски форми ги интерпретира ситуациите помеѓу публиката, актерот и приказната. Претставата отвора прашања за идентитетот, духовноста, телото, моќта и празнината во современото општество. Процесот веќе почна, сѐ уште сме под имресии и едвај чекаме да продолжиме со проби во месец мај и со сигурност можеме да кажеме дека „Теорема“ ќе биде уште еден храбар чекор после другите претстави на Театар „Златен Елец“ и неговиот развој низ годиниве. Во претставата играат актерите: Стефан Вујисиќ, Златко Митрески, Бобан Алексоски, Ана Јовановска, Леонида Гулевска и Бранко Михајлоски. Драматург на проектот е Ева Камчевска, преводот на романот го изработи Наташа Сарџоска, костимографијата е на Лина Лековиќ, додека сценографијата ја потпишува самиот режисер, Мирко Радоњиќ. Се радуваме и се трудиме оваа претстава да доживее многу меѓународни фестивалски гостувања и интерес кај домашната публика.

А: Кои ви се другите планови за оваа година? Работите ли и на други проекти?
Б: Една од главните цели секоја година ни е претставите да имаат што повеќе изведби, веќе во месец јануари редовно учествувавме на деновите на независна сцена организирани од Драмскиот театар во Скопје, овојпат со претставата „Сина Сенка“ во режија на Тамара Стојаноска, последната премиера на нашиот театар од месец ноември 2025 година. Се работи за текст на Брајан Рејнолдс кој беше присутен на самата премиера и одржа работилница во Скопје. Играат актерите: Кристијан Танчевски, Мина Јелушиќ Јериниќ, Бобан Алексоски, Сара Спиркоска, Ане Блажовски, Ема Лазарова, Кристијан Петковски, Стефан Арсиќ, музиката е на Мајкл Хукер и Лука Тошев. Овој февруари е во знакот на роденденот, славиме шест години и ги играме повеќето претстави, односно „Сина сенка“ во МКЦ на 23-ти, „Добри луѓе“ на 27-ми во Театарот во Велес која веќе редовно ќе биде на репертоарот таму, што е уште еден достигнат успех, односно нашето залагање за поголем простор на независната сцена во институциите и сакаме да упатиме јавна благодарност до управата на театарот, но и до поддршката на сите други театри и институции за култура кои до сега ни ја давале. Во „Добри луѓе“ играат Тијана Трајчевска и Филип Христовски, а режијата е на Тамара. Потоа на 28-ми февруари ја играме претставата „Хинкеман“ во МКЦ Скопје исто во режија на Тамара Стојаноска, од Ернст Толер, претстава во копродукција со фестивалот „Млад отворен театар“ со која се отвори фестивалот во 2024 година, а во септември 2025 година учествуваше на Sarajevo Theatre Showcase и доби неколку покани за фестивали. Во „Хинкеман“ играат Бобан Алексоски, Филип Христовски, Надица Петрова, Талија Настова, Бранко Михајлоски, Ане Блажовски и Леонида Гулевска, а музиката е на Лука Тошев. На 1 март се враќаме и на најмладата публика со претставата „Чудесниот напиток“ во авторство на Надица Петрова во „Јавна соба“ во Скопје, а ќе ја играме во следниот период во Скопје и низ државата. На 19 февруари Надица има настап со своето шоу во Охрид.
Репризите на сите претстави ќе продолжат и во наредниот период, а освен процесот, премиерата и гостувањата на „Теорема“ во режија и адаптација на Мирко Радоњиќ од новите претстави за оваа година, до крајот на летото ќе имаме соработка и со Центарот за култура во Битола, односно нова претстава во режија на Тамара Стојаноска. Тоа е дуодрама со наслов „Свињи“ по текст на Томислав Зајец со поддршка од Министерството за култура и туризам и ова претставува уште еден проект со цел да се види во што повеќе места, а да има свој град за постојани изведби, што ни е важно како организатори. Во претставата ќе играат актерките: Илина Чоревска и Викторија Степановска од Битола.

А: Оваа година ќе бидете и автори на македонската порака за Светскиот ден на театарот. Каков театар ѝ треба на оваа земја? Каков театар сакате вие?
Б: Кога стигна известувањето односно одлуката дека ние ќе бидеме автори на овогодинешната македонска колективна порака по повод Светскиот ден на театарот бевме пресреќни и веста ја примивме многу одговорно и искрено се заблагодаруваме на довербата и честа што ни ја приредиле сите дванаесет членови во програмскиот одбор при Интернационалниот театарски институт во Македонија.
Нам ни е потребен достапен, редовен и искрен театар, секој жив човек ја заслужува оваа жива уметност, која е посебна и единствена, која што поттикнува прашања, дава одговори или остава чувства и буди некаква промена колку да е реална или можеби брутална. Сакаме театар кој носи позитивна или потребна сила за некаква конкретна промена во општеството и живеењето, да се зголеми надежта, да надојде поривот и желбата кај нас: актерите, режисерите, драматурзите… постојано и без престан да „туркаме“ со главата во ѕид и да очекуваме барем еден од публиката да ја однесе промената, а тој потоа да влијае на уште неколку други. Работејќи ја оваа професија, само човечноста е моќната алатка кон обидите за раскажување приказна за чија совршеност односно несовршеност секогаш искрено говори или „суди“ публиката.
Во секој случај, разговорите и размислувањата што ќе ги наведе самата претстава со сите нејзини заеднички чинители зад неа е почетничкиот успех, било тоа да е независна или претстава од државен театар, тука нема разлика. Актерот е секогаш актер, а театарот може да биде секаде театар, но само присутен, дишејќи нормално како во животот заедно со времето, носејќи ја идејата и пораката што потоа може да разбуди вистинска емоција на двете страни. Да поставуваме вистински прашања, да трагаме храбро по непознатото, да го следиме времето, да завземеме став, а не да бидеме “слепи“ во создавањето, за да биде цврсто, вистинско и значајно.





Comments