Еден уметник, кога создава одредено дело и кога тоа искрено го прави, не размислува за слава или награди, туку се надева дека неговото дело ќе допре до барем еден човек на планетата, а во најдобар случај ќе остави нешто за паметење. Но, луѓето и уметноста се непредвидливи, па секогаш е убаво кога публиката му се обраќа на уметникот, со воодушевување или критика. На ист начин и со иста мера уметникот е среќен кога другите уметници ќе го наградат и ќе го признаат неговото дело.
Дина Јашари е млада музичарка од Скопје која полека ја освојува домашната и регионална музичка сцена. На свој начин, со нејзиниот посебен визуелен и музички стил, ја сее својата уметничка визија низ регионот. Сеидбата жанровски е ,,дрим поп’’, а плодот кој привлече најмногу внимание е нејзиниот најнов краток албум ,,Дома’’ кој излезе минатата година.
Од ,,Дома’’, случајно или не, за истоимената песна, Дина Јашари, во културниот центар Дорќол Плац во Белград, ја доби наградата ,,Милан Младеновиќ 2022’’,која ја доделува Фондацијата „Милан Младеновиќ“ за најдобра песна во регионот, секоја година од 2019 па наваму, на 21 септември, на роденденот на Младеновиќ.
Јашари влегла во финалето покрај 11 други песни, а првично за наградата конкурирале 229 песни од целиот регион. Статуетката ѝ ја врачила минатогодишна добитничка на наградата, Ана Ќурчин, со што Дина Јашари станува четвртиот лауерат на оваа награда. Покрај статуетката се добива и парична награда.
По повод добивањето на наградата одлучив да направам краток муабет со Дина, за ,,Дома’’, досегашните ангажмани и што следува во иднина.
Леонид: За почеток едно едноставно прашање. Кога Дина почна да се занимава со музика и кога знаеше дека и понатаму со тоа ќе се бавиш? Како се создаде твојата прва официјална песна?
Дина: Прв инструмент што научив да го свирам е мандола во мандолински оркестар, од таму почна мојот интерес за музика, во средно школо сфатив дека ништо друго не ме интересира и кога го завршив одлучив дека сто посто сакам да се посветам на она што го правам сега. Од мала си пишувам песни, прва официјална издадена песна ми е соработката со Cyrillic - Во тебе се гледам (2017).
Л: Од првата песна па до денес поминати се 3, 4 години. Каков е процесот на творење кај тебе? Те инспририраат луѓето, секојдневието, природата на нештата или можеби само еден збор? Ја бараш ли скриената есенција и смисла на нештата?
Д: Одговорот е во самото прашање, сите работи што се набројани ме тераат да напишам нешто што сакам да остане. Моите песни се како еден дневник што си го пишувам низ годините, моите искуства, доживувања, секоја моја песна кога ја слушам ме враќа на периодот во кој сум ја направила.
Л: Каде се гледаш ти на македонската музичка сцена? Можеби како дел од новиот музички бран?
Д: Мислам дека сум дел од новиот музички бран, а кога нема да сум нова, сакам да сум дел од свежиот музички бран. Има свежина и има надеж, ние артистите меѓу себе треба да се поддржуваме, да си одиме на концерти едни на други, да споделуваме што повеќе македонска музика.
Л: ,,Дома’’ е твојот најнов краток албум. Во кој момент почувствува дека се раѓа ,,Дома’’? Која беше иницијалната каписла за да се запише првата нота или првиот стих?
Д: Пред некој ден најдов снимка во мојот телефон како ја пеам фразата „твојот дом е таму каде што ќе посакаш”. Тоа е првата фраза што ми дошла на памет и сум ја снимила. Неповрзано со ова, после некое време на гитара ги засвирев свежо научените Maj7 акорди во боса нова ритам. Таа фраза совршено се вклопи и така настана Дома, како песна :’)
Л: ,,Дома’’ е нежен и опуштен албум. Се чувствува искреноста и убавината на животот. Ја пренесуваш оптимистичната страна на животот од твоја гледна точка, но звучи и универзално бидејќи секој може да се пронајде во стиховите. Кој дел од себе или што од себе остави во албумот? Каде се пронаоѓаш ти?
Д: Дома го крстив дома затоа што е направен и испродуциран погодете каде ;)) Во карантин хехехе. Тој збор има многу значења и токму затоа го искористив како наслов за мојот прв албум. Сакав од сите тие сиви денови да направам нешто корисно и позитивно, затоа одлучив да звучно и визуелно биде розев албум. Си ги барав сите позитвни работи во мене и околу мене што можам да ги најдам и од тоа напишав песни. Гости и Нешто друго, се не толку среќни песни, но аранжмански звучат така. Сите песни се под влијание на музиката што ја слушав тој период, боса нова, нео-соул, поп… Ќе го спомнам и Драги, кој ми помогна сето тоа на крај да го спакуваме убаво и да звучи како што звучи. Тој има голем удел и во аранжманот на Дома.
Л: Кога твориш музика, засвируваш прво на гитара, на пијано, ја потпевнуваш мелодијата или можеби те инспирира некој шум или одреден звук?
Д: Сè од ова. Нема правила, некогаш отворам во voice memos и се газам од смеење што се сум снимила и од што се сум се инспирирала. Идејата кога се појавува мораш да ја фатиш и да ја запишеш/снимиш, за да не ти избега. Тоа е мојот начин. Дури и кога чувствувам дека не можам ништо да напишам, се навраќам на стари снимки и идеи што не сум ги довршила. Така се случи Досада, рефренот го имав многу долго време, ама со друга мелодија. Се борев да најдам прав текст за строфите и прав аранжман, за после 2 години да сфатам дека е скроз друга песна. Од меланхолична спора верзија стигнав до “banger” dance песна. Чудесно е како ни функционира мозокот и како некогаш е потребно многу време за да се стигне до нешто.
Л: Што е она што последно слушаш од музика, а би им го препорачала на читателите?
Д: Во последно време слушам артисти од регионов: Сара Ренар, Nataleé, A.N.D.R., Porto morto…
Л: Иако можеби е клише прашање, но навистина, како се чувствуваш откако си добитник на награда која го носи името на фронтменот на култниот југословенски рок бенд ,,Екатерина Великa’’? Дали сметаш дека Младеновиќ би бил задоволен со изборот?
Д: Верувам дека на Милан би му се допаднале сите артисти што стигнаа до финале со своите песни. Времето е друго, околностите се други и веќе не е ни битен жанрот на музиката што ја твориш колку што е битен духот. Конкуренцијата беше голема оваа година и било кој да ја земеше наградата ќе беше правиот избор. Пресреќна сум што јас си ја донесов ДОМА :)
Л: Дали барем малку очекуваше ваков исход?
Д: Ќе излажам ако кажам не. Знам дека лани, кога бев номинирана со Бои, бев меѓу фаворитите и освоив второ место. Самата номинација и влез во финале за оваа награда е од големо значење, а победата е само еден плус од сево ова. Да си во првите 12 од вкупно 250 песни пријавени од цел Балкан, е голема работа. Кога ја видов конкуренцијата моите очеувања за победа се намалија, па си оставив да бидам изненадена до последен момент, и бев!
Л: Што претставува награда за твоеото творештво воопшто? Дали се дава доволно внимание и поддршка на младите уметници кај нас и во регионот?
Д: Ова е огромна поддршка и мотивација за мене, особено бидејќи е едно одобрение од луѓе надвор од мојата земја, што сметам дека е многу потешко да се дојде до тоа. Јас како човек што си ја сака својата земја и својот мајчин јазик, сум среќна што можам да творам таму каде што сум, на јазикот што ми е најприродно да се изразам. Никој не може да ми го одземе тоа. А кога е наградено и признаено, радоста е уште поголема :)
Л: Дина Јашари е сè поприсутно име на музичките фестивали. Каде сè имаш настапувано во последниов период и со кој сè имаш соработувано?
Д: Имав 3 мини турнеи на Балканот: Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија… Во Македонија настапив на Д фест, Егзит фестивал во Струмица, Арт Генератот во Велес, Звуците на Скопје итн… Имав многу продуктивно лето, полно со настапи во регионов, сакам тоа да се случува се повеќе и повеќе, а следниве месеци сакам да ги посветам на пишување и снимање нова музика.
Л: Дали нешто конкретно твориш сега? Што би можеле да очекуваме во иднина? Нов албум, нова соработка? Дали можеби ќе нè изненадиш со нешто неочекувано?
Д: Во моментов се печати мојот прв винил, во кој ќе се најдат сите мои песни до сега и една нова. Промоцијата треба да се случи крај на 2022 или почеток на 2023.
Л: На каде се движи музиката денес? Еве и ќе го локализирам прашањето, каде се движи музиката кај нас? Што е тоа што публиката полесно го вари и што со тоа?
Д: Се додека имам другари што прават квалитетна музика безразлика во кој жанр, јас имам мир дека сме во добра насока. Во моментов тоа се случува и се надевам дека ќе станеме побројни и погласни. Нормално е дека има борба со тоа што е “естрада”, турбофолк и слично, малку е потешко да излезеш на виделина, но јас стигнувам до луѓето што треба да стигнам и тоа ми одговара. Квалитет врз квантитет. Секогаш.
Л: Што би порачала за крај?
Д: Правете музика на македонски!
Слушајте ја Дина Јашари, слушајте го ,,Дома’’ сè до следниот муабет за нов албум и некоја нова награда.
Bình luận