top of page

β-муабет со Емануела, авторка и изведувач на монодрамата ,,Драг Вардар’’

Writer: Леонид ВелковскиЛеонид Велковски

Призрак, дух, битие, мртов човек, што е Фантомот?


,,Драг Вардар’’ мистичната монодрама, Емануела Ковачевска Китановска ја изведе во џебното кино на МКЦ на 24 април оваа година. Јас бев сведок, посетител, публика на нејзината изведба. Посебно искуство, многу интимно и близу до нас, иако можеби на брегот на Вардар, но некаде и во воздухот. Таму се наоѓа и Фантомот. Тој е безвременски, без минато и иднина, само постои во сегашноста. Не може да умре, ни завидува за тоа, не знам ни дали се родил. Но, што е Фантомот без нас? Што е Емануела без Фантомот? Без да му пишува писма на Вардар?

Скопје и неговите проблеми, Скопје изникнува во Емануела, иако Емануела се преродува секој ден во него. Скопје и неговиот пулс без сомнение се чувствуваат во претставата, како минатото и иднината на градот и неговата нема река Вардар да се соединиле, здружиле и сега ни ја претставуваат приказната за тажниот Фантом, како преку месијата Емануела да ни го пренесуваат словото. Словото за сè она што постоело, што умрело и треба да постои во градот, за сè она што Фантомот видел, а Емануела напишала, напишала за некој и го овековечила, на Фантомот му вдахнала дух за да почне да зборува.

Длабоко прочепкавме и загребавме на површината, но не знам колку издлабивме. Веројатно доволно за Емануела да нè задоволи.

Иако поминаа месеци од интервјуирањето на Емануела и некои работи се променија во реалноста, сепак интервјуто е сè уште релевантно. Можеби сега и е подобро време да биде објавено.



Леонид: Монодрамата ,,Драг Вардар’’ беше прво изведена во Домот на култура ,,Кочо Рацин’’, февруари 2021 година на ,,Коронијалс’’, премиерно и потоа како доаѓаш до МКЦ?


Емануела: Во 2020 година имам напишано збирка поезија, неиздадена, се вика ,,Фантомот и реката’’ и таа е со романтичарски елементи, дојде ,,Коронијалс’’ и јас се бавев со театар, иако со короната се паузираше моето одење на глума. Театарот во мене беше светлина што подоцна ја открив, всушност нашата врска беше еднострана, тој мене повеќе ме љубеше отколку јас него. Сите мои вештини ги пронајдов на театарската сцена иако мечтаев за филмското платно. Дојде првото издание на ,,Коронијалс’’ 2021 година, имав пет дена дo мојата изведба која немаше ни име! Седејќи покрај Вардар, без никакава цел, пишував писменца и почнав: ,,Драг Вардар, драг Вардар...’’, вака и вака се чувствувам. Што сум јас, само едно чудовиште, еден фантом што седи покрај тебе...’’ Така и бидна. Мислата ми течеше брзо и свилено, се погрижив за костимографија, сценографија, уживав во создавањето на оваа улога. Морам да се заблагодарам и на моите пријатели од кои што добив голема поддршка и ме испратија на сцената храбро. Почнав со бел фустан, шминка и огледало. Во сета импровизација се случи монодрамата, се случи тој нов лик Кадри Коелјо уметникот од Арачиново, се случи ,,скелетрозата’’, ,,келетрозата’’, затоа што навистина заборавав и не знаев што да правам. Го направив смешното тажно и тажното смешно. Имаше доста интерес после претставата, беше лудо како одлучив да направам втора изведба. И тоа можеби е најубавото нешто за актерот, да му го одземеш гладот на човекот, притоа и да го задоволиш. Публиката е можеби најсуштинскиот дел од театарот, доколку те избере мораш да го задоволиш нивниот избор и да уживаш во тоа. МКЦ беше преобразба, нов и професионален простор за мене, не се чувствував како да правам нешто за прв пат, туку веќе ликот постана жив и оформен. Сигурно ќе продолжам таму со изведби и ќе видам каде ќе ме однесе текот. Монодрамата пробуди многу прашања, мистеријата што копка, желбата за уште едно такво доживување. Се дискутираше во секаков круг на уметници, авторот Стефан Марковски исто така покажа интерес, тој има студирано драматургија, извадоци ќе има во наредниот број на ,,Современост’’. Темата во ,,Драг Вардар’’ е очајот на едно бесмртно суштество кое сака да умре во свет кој пробува да ја избегне смртта.

Леонид: Во монодрамата споменуваш еден цитат од Горан Стефановски.


Емануела: Да. ,,Измислија милион нови начини како да дојде времето, никако како да запре’’ – Горан Стефановски.


Леонид: Дали имаш директна инспирација од ,,Демонот од Дебар Маало’’?


Емануела: Не, но може да се пријатели.


Леонид: Интересна е поврзаноста, корелацијата помеѓу Фантомот и Демонот, едниот е во Дебар Маало, другиот покрај Вардар, тука се некаде. Фантомот рече дека може да биде секој. Конкретно е духот на Скопје, некој човек, призрак ти викаш, што е конкретно тој? Постои во етерот, во воздухот?


Емануела: Тој е Фантом, го глумам како што го имам напишано и замислено, но не мора да значи и во твои очи. Секој го доживува различно и тоа е убавината.


Леонид: Црн е? Бел е? Сенка?


Емануела: Не можам да го дефинирам. Повеќе сакам публиката да го доживее, тоа да е негова приказна, тоа да е негов свет. Поважно ми е да оставам простор за мечтаење и прашања.


Леонид: Јас си го сфатив како Фантомот да е духот на Скопје и си разговара со Вардар и бидејќи Вардар тече постојано во Скопје и му кажува сè што гледа, сите маки на луѓето кои што живеат, судбините... затоа сака да се убие, затоа што не може да го прифати тој факт, затоа е во егзистенцијална криза.


Емануела: Фантомот може да е трета особа, да постои, како навистина да е тука. Тој и самиот вика: ,,Преживеав сто човечки животи, безброј погреби...’’ и се бори, тој е заглавен на брегот, нема со кого да зборува, полудува, никој не го слуша...

Леонид: Затоа што сака да умре фактички, затоа што е Фантом, сака да умре, ама не може, јас така го разбрав.


Емануела: Контрадикторно е, еве со човекот, човекот знае дека ќе умре, човекот е привремен и ние всушност, цел живот стравуваме од смрт, Тоа е факт и тоа нè мачи цел живот, сè додека не умреме. Сакав да е спротивно, призрак, Фантом, што е бесмртен и сака да умре и му завидува на човекот затоа што човекот има смрт, може да доживува секакви животи за разлика од човекот што има амнезија, фантомот во оваа монодрама нема.


Леонид: Дали ти таму ги искажуваш, ги ставаш можеби, проблемите околу твојата егзистенцијална криза, проблемот со осаменоста, неприфаќањето од општеството можеби или пак твоите размисли за општеството не разбирајќи како тоа функционира?


Емануела: Лично не се поистоветувам многу со Фантомот, не се чувствувам како осамена личност која сака да умре, напротив многу го сакам животот, не сум осамена, се сметам за радосна личност, меѓутоа имам доста темнини, ги имам тие светови во мене кои ги крварам на сцена, на хартија. Би можела да споменам дека ликов можеби е инспирација од еден специфичен период, но тоа се сведува на збирката која ја напишав да се навратам, затоа што ,,Фантомот и реката’’ е друга приказна, од таму го извадив ликот. Фантомот е спој на многу работи, друг свет е, наш свет е, не е ни мој, ни на минатото.


Леонид: Значи не се случува во минатото, не се случува во сегашноста, туку неодредено време. Дали имаш некој нареден чекор со монодрамата?

Емануела: Сигурно би го играла повторно оваа есен. Иако трае 25 минути, тоа е 25 минути терор. Би го играла додека не умрам ако ме прашуваш (се смее).

Леонид: Интересно е што ти си потенцирала 2022 година, ама јас го сфатив безвременски.


Емануела: Во мојата уметност има некое доловување, некоја еквивалентност со публиката, за до некаде да може да разбере. Апстрактно пишував порано, многу непоимливо, и не можеше толку да помине, но ете сакав да се доближам колку толку, ама пак да го задржам својот глас.


Леонид: Kаков беше процесот на подготовка? Емануела: Обавезно пред да се пушти настанот во градот имам фотосесија за постер. Сакам постерот да изгледа привлечно и да ја доловува монодрамата. Во овој процес соработувам со уметницата Ана Андонова, едноставно се разбираме со поглед и знаеме што треба да правиме. Таа е и фотограф на моите претстави. Нејзиното око е маестрално.


Леонид: Додека те гледав, јас си размислував. Како драмата одеше сè понатаму, јас си отворав прашања во главата. Додека гледаш колку и да размислуваш си фокусиран на тоа. Зошто Фантомот на почетокот се гледа во огледало?


Емануела: Затоа што тоа е трагокомедија, огледалото е само најава.


Леонид: Дали сакаше да истакнеш дека ликот е андроген, да не бидеш ти, да не биде човек?


Емануела: Во театарот не можеш да бидеш конкретен. Затоа и фустан облеков, затоа што има некоја андрогеност и фустан да облечеш, мислам дека е интересна свежина за таа улога. Театарот не е фиксен, секогаш ќе е променлив и ќе се издигнува на површина во културата. Меѓутоа секоја претстава е неповторлива, различна. Таа не се чита и не се гледа преку екран, тоа е доживување. Припаѓа во вредностите на еден народ. Дури мислам дека во Скопје луѓето почесто одат на театар отколку на кино.


Леонид: Во право си. Ме интересира околу сценографијата... на масата имаше книга.


Емануела: На масата имаше книга од писателот Гане Тодоровски.


Леонид: Што имаше на столицата?


Емануела: На столицата имаше весници, крстозбори, на масата имаше книги, свеќници, пламен. Пробав да ја доловам повеќе неговата сцена, како го замислувам, што има покрај него, затоа што тие се спонтани работи, не беше конкретно маса, столица, дневна соба, нашиот систем, нашето човеково постоење, крај него беше поинаку: ,,Ова ќе фати, она ќе остави, ова ќе фати, ова ќе остави’’. Сакав да доловам сè што прави, сè што доживеал, сè што се случува во него. Намерно палев свеќи дома, да изгледа како да ги горел свеќите со години. Има да се работи на сценографија, на сè. Се надевам дека во иднина кога ќе работам во театар ќе имам можност да го спремам со професионални луѓе кои го работат тоа и кои веруваат во ова дело.



Леонид: Пееш две различни песни или иста песна?


Емануела: Иста песна, само одземени стихови и додадени стихови.


Леонид: За што пееш во песната, на кој му се обраќаш?


Емануела: Песната е една потсвест. Потсвест на еден човек. Со песната го најавувам крајот, затоа што вика: ,,Јас не сум тука, јас сум твој сон, затоа што тоа сме сите ние, едно сениште’’ и рефренот, главната реченица: ,,Го обвинувам сонцето за твојата светлина’’. Може Фантомот ги гледа луѓето како сенки, што умираат, што ја имаат таа привилегија да умрат, само тој ја нема.


Леонид: Тој е заглавен тука...


Емануела: Заглавен покрај Вардар.


Леонид: А повикот?


Емануела: Енигма.


Леонид: А Вардар се налутува, не сака да разговара со него или умира?


Емануела: Можеби.


Леонид: Дали се имаш можеби инспирирано од перформанс уметноста?


Емануела: Не, ова дојде од поезија, како од сон на некое дете.


Леонид: Перформанс уметноста е медитативна. Таква е како уметничка форма.


Емануела: Нешто правам, ниту сум свесна каде патувам и што ќе заокружам, ми се допаѓа. Се чувствувам како да треба да продолжам да го правам ова. Сакам да го рефлектирам времето во кое живееме и повторно да е безвременско. Сакам да направам нешто за сегашноста во која извира мојата младост.


Леонид: Ја рефлектираш денешницата, дали рефлектираш одредени личности, настани, случки, тоа што го гледаш? Ја спомена Франција, што планираш таму?


Емануела: Мојата уметност е поврзана со заминот, со поврзаноста на еден човек, напуштањето, тука доаѓа тоj романтичарски елемент: патење, копнеж, недостижност, бајка. Но, вметнувам дел од мојот хумор. Мора да има некој свеж ветер, нешто што ќе те врати. Ова ме доближува до себе, мe доближува до нови луѓе, до културата, до градот. Имам план да ја преведам на француски јазик, па и таму да однесам нешто наше, сакам да се проширам. Се уште сум скромна за таква величина да си дадам на себе, ми треба повеќе интеракција со публиката и со тоа што го создавам. Поаѓам од своето срце, од својата душа, го правам ова затоа што го сакам, тоа сум јас, тоа се моите светови и ги споделувам со луѓето.


Леонид: Зошто мандолината како инструмент?


Емануела: Затоа што не е гитара. Дедо ми има кафана и кога потсредувавме во просторот, јас влегов во еден шпајз ја најдов во еден ќош и си ја земав. Звукот на мандолината ми е волшебен. Пресвртот беше на мојата промоција во декември 2021 година кога Владимир Мартиновски (професор, писател, поет) ја донесе својата мандолина и ми рече Емануела, оваа мандолина е од 30те или 40те, вакво злато не се бара, туку те наоѓа самото и кога ќе те пронајде треба да знаеш да го препознаеш и да го зачуваш.


Леонид: Се поврзале работите.


Емануела: Сè е поврзано... барем во мојот животен пат.



Comments


bottom of page