По повод новото издание на „Рукописи“, како и фестивалот што го организираат со млади поети од земјите од поранешна Југославија разговораме со Јасмина Топиќ за престојните активности и за тоа што значат „Рукописи“ за регионалната сцена, за младата поезија, како и за заемната соработката помеѓу авторите и екс-ју земјите.
Јасмина: Ви благодариме за поканата да го направиме овој разговор. Во тек се последните подготовки за годинешниот фестивал „Рукописи 47“, кој ќе се одржи од 12. до 14. септември во Панчево. „Рукописи“ изминаа долг пат од обична книшка со млада поезија од Панчево до регионален зборник што ги обединува младите писатели и литературен фестивал. Оваа година програмата трае три дена. Првиот ден е разговор со млади афирмирани поети по концептот „жива библиотека“, каде што публиката поставува прашања до учесниците. Вториот фестивалски ден ќе има книжевна вечер со авторите и уредниците на „Рукописи“, кои веќе се автори на самостојни поетски книги: Тања Божич од Словенија, Лука Ивковиќ од Хрватска и Стефан Басариќ од Србија. Потоа, секогаш имаме концерт, а овојпат ќе настапи сè попопуларната група „Драм“ од Белград. Третиот ден е централниот настан, кој подразбира книжевна работилница со авторите и гостите на „Рукописи 47“, и читање на делата што се најдоа во зборникот. Со самиот поглед на програмата, може да се види дека сè е интерактивно, со цел да се поттикне дијалог, поврзување и размена на искуства и информации за различните литературни средини. Ова, секако, води кон идни соработки. „Рукописи“ постојат доволно долго и тие се пасош за преминување на секоја граница и пречка, како и еден од најдобрите амбасадори на Панчево. Кога ќе се погледне колку автори тука ги објавиле своите први дела, а потоа биле препознаени и во своите книжевни средини, тоа веќе е доволен аргумент за важноста на нашиот зборник.
Годинава по 47-ми пат ќе биде издаден зборникот на поезија и проза од млади автори од земјите од поранешна Југославија. Каква приказна стои зад „Рукописи“ и традицијата која ја има, какво значење има овој зборник и која е главната идеја за издавање на ваков избор од поезија и проза од млади автори?
Јасмина: Како што веќе реков, „Рукописи“ првпат беа објавени во 1976 година како збирка на млада поезија од Панчевачките автори, што беше идеја на поетот и гимназиски професор Момчило Параушиќ. Кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век, збирката поезија и кратка проза доби статус на „југословенска“, а од 2004 година стана екс-југословенска збирка. Идејата беше да се поврзе истиот културолошки простор повторно и да се вратат изгубените врски, пред сè за авторите да можат да се претстават на поширока книжевна сцена, да се поврзат и да соработуваат во иднина. Во Панчево секогаш постоел уреднички тим, претежно составен од Панчевачки автори, а таа идеја се задржала до денес, бидејќи секогаш имаме многу квалитетни писатели. Од друга страна, кога се отворивме за соработка со поранешните ЈУ републики, првите автори кои испратија дела беа од Македонија (покојниот Бошко Бозаџиевски беше првиот гостин од Македонија во Панчево). На почетокот на 2000-тите, Звонко Танески стана првиот уредник на „Рукописи“ за Македонија, а потоа се менуваа и други автори, како Ѓоко Здравески и Петар Андоновски, кои некогаш беа и самите автори во збирката. Нашето засега единствено претставување на „Рукописи“ надвор од Србија беше токму во Скопје во 2013 година на манифестацијата „Бели ноќи“, па се надеваме дека оваа убава соработка ќе продолжи и во иднина.
Колку автори годинава се пријавија на конкурсот, а колку влегоа во изборот за годинава? Што можеме да прочитаме во изданието за оваа година?
Јасмина: Последниве неколку години навистина пристигнуваат многу повеќе дела отколку пред една деценија, благодарение на слободата и брзината на преносот на информации што ни ја овозможи интернетот. Поради тоа, со години природно се зголемува и бројот на автори кои се вклучуваат во „Рукописи“. Минатата година пристигнаа 250 мејлови со поезија и кратка проза, а оваа година нешто над 300. Авторите обично испраќаат по три песни или раскази, а често испраќаат и песни и раскази, па бројот на прочитани дела станува прилично голем. Затоа е добро што постои уреднички тим. Последните пет години има послаб одѕив од авторите од Македонија, особено за поезија, па се надеваме дека можеби овој текст ќе помогне тоа да се промени во иднина. Во „Рукописи 47“ своето место го пронајдоа 77 млади писатели.
Секоја година, заедно со издавањето на „Рукописи“, во младинскиот културниот дом во Панчево се организира и фестивал со млади автори – каква програма имате подготвено за годинешното издание на Фестивалот?
Јасмина: Мислам дека на ова прашање веќе одговорив на почетокот од разговорот. Можам да додадам дека секоја година навистина се трудиме програмата да ја приспособиме на помладата публика, но без да ги изоставиме и нашите „хард-кор“ фанови од постарите генерации. „Рукописи“ имаат своја публика, но ние секоја година се трудиме да ја негуваме, а воедно и да привлечеме нови посетители. Програмата прави баланс помеѓу централната вечер – читањето на авторите од збирката и она што е моментално актуелно. Најмногу сакаме да се поврзуваме со поранешните автори кои со текот на времето се етаблирале, па да ги претставиме во ново светло или да ги ангажираме како уредници – за Словенија тоа е Тања Божич, која годинава е и гостинка и актуелна уредничка.
Какво значење за пошироката книжевна и културна сцена има овој Фестивал? Дали може да се каже дека „Рукописи“ и Фестивалот во Панчево е прва појдовна точка за еманципација на младите автори во Србија?
Јасмина: Во Србија има многу конкурси за прва книга и неколку фестивали кои повикуваат млади автори, но нема зборник како што е „Рукописи“. Искуството покажало дека тоа навистина претставува почетна основа и, како што велат, „ветер во крилата“ за понатамошна работа и напредок. Верувам дека тоа е поврзано не само со печатењето на првите песни или раскази, туку и со можноста за запознавање на фестивалот околу нашиот зборник.
Моментално во Македонија има нова и млада генерација на поети и поетеси кои полека, но сигурно се пробиваат на значајните поетски настани, фестивали и случувања, тие се наградувани и веќе земаат учество и на странски фестивали. Каква е ситуацијата со младата поезија во Србија, колку е развиена младата сцена и колку нови и квалитетни автори се појавуваат на српската книжевна сцена?
Јасмина: Мислам дека најмладата сцена е добро поврзана и разгранета. Видливи се благодарение на интернетот и бројните читања, особено во Белград. Тие исто така сами се (само)промовираат на социјалните мрежи и полесно наоѓаат публика. Проблемот во такви ситуации е вреднувањето на делата и квалитетот во однос на квантитетот – но, живееме во такво време. Поддршка се и малите независни издавачи кои главно поддржуваат поезија, како што се ППМ Енклава, Раштан издаваштво, како и едицијата „Најдобра“ на Здружението на писатели на Панчево, која е поврзана со „Рукописи“, а последниве три години и со книжевната работилница што ја водам.
Што е тоа што им го порачувате на младите автори од регионот? Каде може да ве следат за објавата на конкурсот за следната година и кој сѐ може да земе учество на конкурсот?
Јасмина: Конкурсот се објавува секоја година во првата недела од јануари и трае до средината на февруари (горе-долу десетина дена). Го објавуваме на сите регионални портали и портали во Србија, на Фејсбук страницата на „Рукописи“, како и на Инстаграм страницата – таму може да се следат и сите наши активности. Конкурсот е отворен за автори од 15 до 30 години. Жирито е строго, но се труди да биде праведно, се чита во неколку круга и се прават неколку селекции сè додека не се дојде до оптимално решение. Ова е воедно и повик до авторите од Македонија да ги следат нашите страници и да се подготват за следниот конкурс – со задоволство ќе ги очекуваме вашите дела!
Comments