top of page

Бета-муабет со Капка Касабова: Единствено слушајќи и гледајќи го Другиот, можеме да се запознаеме и себеси

  • Writer: Калина Качоровска
    Калина Качоровска
  • 23 minutes ago
  • 7 min read

Пред неколку дена, на 20-ти август, во кафе-книжарницата „Буква“, македонската публика конечно имаше шанса одблиску да се запознае со писателката Капка Касабова на книжевна средба организирана од „Или-или“. Средбата и разговорот беа посветени на нејзините книги преведени на македонски: „Кон езерото“ и „Граница“. Покрај ова, доаѓањето на Касабова во Скопје е поврзано со фестивалот за креативен документарен филм „Македокс“ каде таа е дел од жирото за етички идеи.


За Капка Касабова првпат слушнав пред точно три години на „Македокс“ кога ги запознав Агата и Зоша, две Полјачки кои тогаш патуваа низ Балканот со автостоп и кои дојдоа во Македонија токму поради опсесијата на Зоша со книгата „Кон езерото“ и нејзината желба да ги пронајде езерските луѓе за кои Касабова пишува. Пред да заминат во потрага по нив во Охрид, беа на неколку дена во Скопје и сосема случајно залутаа на „Македокс“ каде сосема случајно налетаа на мене, сестра ми и Амелиа и сосема случајно станавме неразделни. И еве, три години подоцна, Агата повторно доаѓа во Скопје за „Македокс“ каде Капка гостува како жири и за оваа убава приказна да се заокружи како што треба, ја имам честа со нејзе да поразговарам за, како што вели таа, „апстрактни“ теми како идентитет, простор, вода, граници, етичност, меморија и наследство, на еден конкретен и жив начин, во нејзин стил. 


ree

Калина: Во „Кон езерото“ и „Граница“ митологијата и документарноста се испреплетуваат. Во првата, ја имаме водата како женски елемент, во втората границата како машки (оружје, граничари, насилство, па и најчесто токму машките се оние кои остануваат да живеат „на граница“). Колку овие симболики се нешто кое природно се наметна од теренските истражувања, а колку беа Ваша свесна одлука за да го нагласите односот меѓу родот, меѓу просторот и меѓу идентитетот?


Капка: Така ги почувствував инстинктивно. На границата има едно тегобно чувство, и често ми беше страв, но нешто ме влечеше да навлегувам сè подлабоко во граничните шуми, села и човечки приказни. Во вековната букова Родопска шума, во ничија земја меѓу Грција и Бугарија, има многу дрвја издлабени со иницијали – на грчки и на кирилица, најмногу од 40-тите и 50-тите години (грчката граѓанска војна, потоа почетокот на комунизмот), и 90-тите години (Бугари кои нелегално минувале во Грција да бараат работа). Од едно такво дрво почнав да ја барам приказната за „Жената што одела една недела“, и ја најдов. Тоа се симболите што ги барав: шумата во која секое дрво зборува со човечки глас. Јас не работам со апстракции како „идентитет“ или „припадност“, туку со места и живи луѓе. Оттаму извира сè. Така е и со езерото. За мене Охридското Езеро е неразделно поврзано со баба ми Анастасија, од која сум впила длабока љубов и интерес кон сè македонско. Но и кон сè книжевно. Таа беше езерска жена, ги сакаше луѓето – сите луѓе, без предрасуди; беше космополитска и поетична. Ја сакаше водата, сонцето, југот, чувствата и човечките односи, родовата меморија, литературата и драмата. Беше позната новинарка во Радио Софија, а меѓу нејзините охридски братучеди што живееја во Софија беше и композиторот Борис Карадимчев. (А некогаш, Димче Карата, кираџија, дошол во Охрид од Албанија – така што имаме и нешто албанско, и до крајот на кираџиската професија во нашето семејство кираџиите зборувале албански.) Баба ми беше многу приврзана кон своето семејство, а границата меѓу Бугарија и Македонија ја разболе и ѝ го скрати животот. Јас ѝ должев да се вратам на езерото и да побарам лек за мене, за неа, за сите нас што делиме заедничка историја и заедничка душа на овие простори: Бугари, Македонци, Срби, Грци, Албанци, христијани, муслимани и неверници. Границите – и физичките и психичките – еден ден неизбежно паѓаат. Но езерото го има последниот збор. На Охрид и Преспа научив многу интересни нешта, но трансцендентното присуство на самите езера е највозвишеното нешто. Тоа се места на средби, надежи, здравје и простување за сите нас: и за живите, и за мртвите, па и за неродените. Треба да ги чуваме овие езера чисти, како своите души.


Калина: Ова Ваше доаѓање во Скопје е поврзано со фестивалот за документарен филм „МакеДокс“, и тоа токму со жирито за етички идеи. Вашата проза, исто така, се карактеризира како документарна. Дали можеби документарниот филм и литературата се сретнуваат токму во таа точка, во она мачно и тешко прашање за тоа како да сведочиме, а да не повредиме? Како да раскажеме туѓа приказна на еден, ете, етички начин, без разлика дали во форма на книга или на филм?


Капка: Мислам дека етичноста започнува со тоа да бидеме природни, искрени, и да задржиме отворен ум и срце кон другите. Тоа важи и во уметноста, и воопшто во нашето секојдневие, во обичните ситуации и одлуки што ги носиме секој ден. Како да живееме најдобро на оваа планета? Етичноста во документарното кино, во литературата и во обичниот живот не е нешто апстрактно, туку се случува кога тоа што го мислиме, зборуваме и правиме е во хармонија. Прво треба да бидеме етични кон самите себе, а потоа е лесно да бидеме етични и кон другите. За мене лично, кога ќе изгубам малку од таа хармонија сред стресот и хаосот на човечкиот свет, одам во нечовечкиот свет – на пример во некоја голема шума и се потопувам во неа. Нечовечкиот свет секогаш е етичен.


Калина: Балканот често го опишуваме како место на граници, а Вие велите дека сите ние овде сме гранични луѓе. Границата секогаш ја разбираме како симбол на поделба и траума, како простор на болка која станува дел од нашата судбина, болка која ни е вродена. Но, дали постои начин да избегаме од таа клетва на (балканската) граница? Може ли човек да ја надмине?


Капка: Се разбира дека може. Некои од јунаците на „Граница“ и на „Кај езерото“ ја надминале. Со простување. Со посветеност на нешто што го сакаат – селото, градината, карпестиот манастир, светилникот, собирањето на „малите“ приказни што ја прават големата историја... Малите приказни ни покажуваат дека ние не сме нашите граници. Ние сме она што го сакаме. За мене тоа беше најголемата лекција од границата и езерото. Патот назад кон исцелувањето и целоста започнува од нас самите. Не однадвор, не од некаква политичка сила, туку со интимни средби со Другиот – кој на крајот се покажува како наше огледало, наш брат, наша сестра. 


Калина: Веќе две од Вашите книги се преведени на македонски јазик од страна на Бранислав Мирчевски во издаваштво на „Или-или“, а беше најавено дека на пат е и преводот на други две. Како гледате на процесот на преведување, не само како пренос од еден јазик на друг, туку и како пренесување на еден културен код во друг контекст?


Капка: За мене литературата не започнува со јазикот, туку со музика и движечки слики. Секогаш го гледам местото како сцени и слики, но исто така секое место има своја музика – на пример, Охридското Езеро има поинаков глас од Преспанското, тие се во постојан музички дијалог, преку Галичица, и тоа му го дава особен карактер на езерскиот екосистем. Тој, пак, го обликува и карактерот на езерските луѓе, низ вековите. И затоа, за мене преминувањето од еден јазик на друг е како оркестар во кој свират многу инструменти и пеат многу гласови. Во оваа тетралогија црпам материјал од мајчиниот и бабиниот јазик, но потоа пишувам на англиски. А потоа повторно ги препишувам книгите на бугарски, со помош на преведувач. Потоа доаѓаат и другите преводи. За мене е среќа што Бранислав Мирчевски работи и со бугарската и со англиската верзија на овие книги.

Калина: На средбата со Вас организирана од „Или-или“, кажавте нешто што ми остави особено голем впечаток и што откако го чув, ми помогна уште подобро да ги разберам Вашите книги. Рековте дека веќе долго време, не сте фасцинирани од идеи, од филозофии, од ставови или размислувања, туку од искуства. Во ова време кога често владеат празни пароли и активизам без акција, како го гледате односот меѓу идејата и искуството? Може ли едното без другото?


Капка: Она што трајно нè менува и што го прави светот подобар, не се идеите и „мислењата“, туку искуството. Ако сакаме да живееме вистински, да се ослободиме барем малку од затворот на виртуелниот свет чија основна идеологија е консумацијата и конформизмот, треба да се измешаме со другите. Да тргнеме на пат, па дури и тоа да значи во сопственото маало. Помислете: ако почнете да ги собира­те приказните на луѓето што живеат на вашата улица, тоа ќе го промени вашето разбирање не само за таа улица, туку и за светот во целина.

  

Калина: Вашата лична биографија е, на некој начин, гранична, со тоа што сте, како што велите самата, мигрантка од четврта генерација по женска линија. Колку ова Ваше лично искуство Ве води кон темите со кои се занимавате - граници, вода, претци, женско раскажување, митологии, движење, селење, паметење…?


Капка: Сигурно е карма – и моја и колективна. Во секоја генерација се потребни одреден број личности што можат да прават нешто надвор од личното, нешто за колективното. Затоа и во секоја генерација има жени кои избираат да не бидат во улогата на мајки во овој живот, за да бидат слободни да преземат други архетипски улоги: алхемичарки и лечителки, патници и поетеси, свештенчки и менторки.

ree

Калина: Со „Еликсир“ и „Анима“ ја заокружувате таканаречената Балканска тетралогија. Значи ли ова дека (привремено) ќе го напуштите Балканот, барем во однос на Вашите книги?


Капка: Не можам да ги напуштам нашите земји, затоа што тие се во мене. Но тетралогијата е завршена, и за следните една-две книги сум посветена на Шкотска и нејзините гласови.

  

Калина: И последно, рековте дека луѓето кои живеат на овие простори многу сакаат да зборуваат, но не знаат да слушаат. Како некој кој научил да слуша, што е очигледно според Вашите книги, како се учи умешноста на слушање


Капка: Како што рече овчарот Сашо во „Анима“, кога бев восхитена дека видов дека овците имаат само долни заби, дека ноќе во планината има гласови, дека во дивината од она од што најмногу ми е страв сум јас самата, и дека кучињата ти ги читаат мислите: „нема како да го знаеш, ако не си го доживеал“. Слушањето и вгледувањето е уметност што се учи со практика: кога се среќаваме со други луѓе и животни. Колку се поразлични од нас – толку подобро! Парадоксално е, но единствено слушајќи и гледајќи го Другиот, можеме да се запознаеме и себеси. Затоа што живееме во огледален свет.


*Фотографиите се преземени од официјалната faceboook страница на издавачката куќа „Или-или“

Comments


bottom of page