Во серија интервјуа ги претставуваме македонските финалисти за музичката награда „Милан Младеновиќ“, а први со нас разговараа членовите на бендот Луфтанза кои со својата песна „Кула“ влегоа во финалето за наградата. За важноста на оваа награда, фидбекот од публиката, настапите на европските фестивали и најави за сленди настапи - прочитајте во продолжение!
Со песната „Кула“, Луфтанза влезе во потесниот финален избор за наградата Милан Младеновиќ, што за вас значи оваа награда?
Оваа награда, според нас, би требало да значи некакво признание дека иновативниот и борбениот уметнички дух на Милан живее во избраниот бенд/артист и/или дека на Милан би му се допаднала или би ја почитувал нивната музика. Самата номинација за нас значи дека барем на некаков начин ја евоцираме неговата енергија, што е повод за радост на целиот бенд. Важно е (преку наградата, а и воопшто) да се одржува жив неговиот спомен, а и балканскиот, братски музички сооднос, како една борба против секојдневниот национализам и насилство кои ја чинат стеротипната претстава за нас балканците.
„Кула“ го има можеби најдобриот, а под тоа мислам најпоетскиот, текст од она што досега го имате работено. Колку за вас е важно текстот да има и поетска, книжевна, вредност?
Вредноста на текстот во музиката може да се толкува на безброј начини. Тоа што е најважно за нас е на некаков начин (при подиректно усогласување или јукстапозиција) да се соединат чувствата на текстот и музиката и при нивното соединување да се надополнат. Во грубо кажано "текстуалната" музика (наспроти некоја инструментална) текстот е она со кое се води развојот, односно наративот на песната, па, секако, е важно да се има предвид јазикот кој се користи, но вредноста на еден текст, во контекст на музиката со која е побратимен, според нас, се проценува првично и главно при неговиот сооднос со музиката. Книжевноста и поезијата најчесто се третираат како извори, односно алатки за остварување на еден начин на градење на текст кој ќе наведе на повеќе размислување и толкување. Овој начин може да ја зголеми мистеријата на текстот, да го активира авантуристичкиот дух на читателот, за тој да се впушти во потрага кон некакви одговори (да се обиде да изведе некои ‘очигледни‘, а и некои ‘скриени‘ значења), а и да го активира естетскиот дух на читателот, кој се восхитува на осмислена структура, убави зборови, сликовитост, живописност и емоција. Но, исто така, појавата на овој начин може да е знак за претенциозност, кога се мисли дека со овие начела, текстот може да се изгради единствено со комплексен јазик.
Важно е да се напомене дека и едноставниот јазик е исто така дел од книжевноста и поезијата. Едноставноста може да има голема вредност во музиката, а со тоа, едноставниот текст може да биде вреден и поетичен на свој начин (со многу свои значења или очигледен, но интересен), додека пак оној комплексен, навидум "книжевен и поетичен", може да е само колекција на празни придавки и долги, но незначајни зборови. Најубава е средината меѓу двете, кога еден артист е мајстор на спектарот, односно, кога знае да биде и притаен и очигледен. Вообичаениот ‘интелектуален‘ дискурс го претпочита оној израз кој го изустува долг, но тап јазик.
Во последниве години има големо движење на македонската независна и алтернативна музичка сцена, а вие заедно со „Гола планина“ и уште неколку бендови сте предводниците на таа нова сцена, како гледате на новиот музички бран кај нас и какви промени донесе ова ново движење?
Новиот музички бран е еден често наивен, но искрен гарнизон насочен против Џинот Некултура; тој е банда која издвојува победи кои за поддржувачите на културата се големи, но Џинот е преголем и сѐ уште несоборен. Стои и онаа едноставна вистина дека најчесто тие културни победи се интелектуални, лебдат некаде во етерот, не носат леб. Треба да почнеме да си го бараме лебот, сите од нас. Да ја бараме промената. Џабе интелектуалност и ученост без агресија и обратно; првото раѓа млитави, неборбени, разочарани и поразени души, а второто борбени души без насока, хаотични, неефективни. Во двата случаи душите се јалови.
Летово имавте настапи на неколку значајни фестивали (In music, Exit, ArsenalFest, D Fest). Од искуството со настапите на овие фестивали, каква е рецепцијата на вашата музика, што добивате како фидбек?
Генерално им се допаѓаше на посетителите. Играа, пееја, слушаа, и кај нас и надвор (делумно владее и онаа југословенска пристрасност). Отсекогаш и секаде имало и ќе има љубов за невообичаеното.
Дали можеби работите на нешто ново и дали имате најава за настапи наскоро?
Сè уште не би сакале да кажеме конкретно, но ако ви се допаѓа новиот албум и ако сакате музика во живо, развиваме неколку идеи кои би ве насмеале. Ќе биде! Најави следат, наскоро.
Фотографиите се преземени од официјалните facebook профили на Луфтанза, Zaduzbina Milana Mladenovica и IN Music Festival.
Comentarios