top of page

Бета-муабет со Мартин Џорлев за „Сепак Се Врти“

  • Writer: Марија Хана Трајкоска
    Марија Хана Трајкоска
  • May 12
  • 3 min read

Вчера се случи последниот ден од караванскиот фестивал „Сепак се врти“. По двенеделно музичко патување, екипата се врати во Скопје и по турбулентни временски промени, „(Точка) Ком“ го затворија фестивалот во пабот „Ѕе“. Во сиот овој хаос, го украдов Мартин Џорлев за да направам краток муабет за неколку теми поврзани со спремањето на фестивалот.


Хана: Оваа година фестивалот се оддржа по вторпат. Како почна оваа иницијатива? Која е мислата која доведе до реализирање на овој настан? 


Мартин: Многумина ја чувствуваме потребата да се рашири културата низ цела Македонија, да се дејствува против скопскиот монопол: едните исти нешта на едните исти места. Таа потреба е клучна како зачеток на „Сепак се врти”.


Хана: Зошто баш Битола, Прилеп, Гостивар, Струмица, Куманово и Скопје?


Мартин: Во тие градови веќе имавме некоја воспоставена мрежа на соработници/другари, без чија помош и целосна вклученост не ќе можевме да го реализираме овој наш заеднички караван. Поздрав до Ponder, Гунгула, Дона, Excess, Boiling Point и сите наши пријатели кои доброволно помогнаа. 


Хана: Во саботата во Струмица свиреа поголем дел од метал бендовите во Македонија. Како Струмица стана град на металот?


Мартин: Сосема случајно. Металот е невообичаен во Струмица, па си рековме „зошто да не?”. Беше забавно.


Хана: Која е лекцијата која ќе ја понесеш со себе при следното издание на фестивалот „Сепак се врти“?


Мартин: Повеќе комуникација. Да си легнам на време пред пат. Луѓето во Скопје треба повеќе да го развиваат и негуваат своето сочувство. Македонија е прекрасна земја, идилична природа и добри луѓе. Треба да имаме повеќе почит кон она што го имаме, помалку омраза и огорченост и повеќе конструктивно дејствување. Секако има и други потехнички лекции, но за тие одговорите ќе ги дадеме со праксата. 


Хана: Каков впечаток доби од овогодишната публика за разлика од онаа лани?


Мартин: Публиката надвор од Скопје е жедна за настани. Прекрасни луѓе. Ги има насекаде. Само прошетајте и ќе видите. 


Хана: Како се снајде менаџирајќи ги двете улоги на организатор и музичар? Како едната улога влијаеше на другата?


Мартин: Убаво е да се чувствуваш дека правиш нешто. Во едната улога, како возач, бев малку нервозен. Не го сакам градскиот сообраќај. Се чувствувам како секој секого да мрази. Повеќе сакам патишта низ природа. Инаку улогите најмногу си влијаеа една на друга во аспект на насобран умор. Но сладок умор. Сакам да свирам и уживав во секој момент. 


Хана: Што мислиш за каузата ,,Дружба си е дружба, служба си е служба"?


Мартин: Во нашиов случај, за сега, се покажа дека дружбата знае и да помогне во службата. Да си кажеме што чувствуваме, што можеби не би си го кажале да не бевме пријатели, за да имаме што поздрави врски едни со други. Нема лутиш, или има, но не долго. 


Хана: Како може пошироката публика да поддржи вакви иницијативи? Дали постои платформа на кои што луѓе можат да донираат?


Мартин: За сега нема таква платформа, но во моментов може да нѐ поддржите со донација или купување на карта (доколку има) на нашите настани, купување на мерчот и албумите издадени од „Мртов коњ“ (физички и онлајн) и стримање на истите. Фала :•)


Хана: Какво е чувството да се биде двигател на моменталната музичка сцена во Македонија?


Мартин: Да се биде дел од оваа сцена е прекрасно и надреално. Има многу добри, работливи и талентирани луѓе. Знае да биде и тешко, кога толку ретко сме поддржани институционално и медиумски. Речиси ниеден интернет портал, весник, ниедна телевизиска програма, ниедни вести ни други новинарски зафати не изразија ни грам интерес за нашата иницијатива, камо ли да помогнат. Иднината личи ем мрачна, ем светла. Од нашиот труд зависи како ќе биде.


Хана: Кои се најтешките одлуки што мораа да бидат направени за реализација на музичкиот караван „Сепак се врти“?


Мартин: Најтешката одлука која беше направена е тоа дека првенствено, во нашите лански планови, Струмица беше предвидена за наредното издание, додека пак на нејзино место требаше да биде Кочани. Во сочувство со семејствата и столчени од трагедијата, чувствувавме дека не е во ред да го правиме овогодинешното издание таму. Сепак, не смееме да дозволиме културата во Кочани да бледнее. Кога ќе се луѓето таму спремни, мораме да дејствуваме, да се прават културни настани, бидејќи таму сѐ уште има луѓе, млади, жедни за промена, жедни за уметност и културно издигнување. Не смееме да го заборавиме Кочани. 


Хана: Кои се критериумите за да станеш дел од Гола Планина?


Мартин: Биди искрен/а. Прави музика. Живеј музички, уметнички. Твори од душа за душа. Секогаш може да се биде подобар, но ни сега не си лош/а. Најдобар/најдобра никој не е, бидејќи такво нешто не постои.

Спомни дека си тука на некој кој е веќе дел од колективот. Кажи нешто како: Еј! Постојам!


Хана: Се надевам дека оваа порака ќе охраби нови музичари да се појават на сцената и со тоа ќе видиме нови лица наредна година, а на сите кои беа дел од овогодишното издание на „Сепак се врти“ им посакувам уште многу вакви настани. 


Comentarios


bottom of page