top of page

Бета-муабет со „Расплет“, дводневен хуманитарен фестивал: Ова е фестивал кој се бори против тишината, но и оддава почит и пружа помош

  • Writer: Калина Качоровска
    Калина Качоровска
  • Jul 31
  • 3 min read

Овој викенд на први и втори август на Споменикот на слободата во Кочани ќе се одржи дводневен музички фестивал од хуманитарен карактер – „Расплет“, организиран од страна на млади луѓе од Кочани, посветен на нивната другарка, сограѓанка и музичкарка Сара. За значењето, симболиката, програмата, но и за тишината, отпорот и солидарноста разговаравме со организаторите на фестивалот. 



Калина Качоровска: Зошто токму „Расплет“? Што се обидува фестивалот да „расплетка“?


Расплет: Името доаѓа од драмската композициска етапа расплет. Taa е последната од етапите на драмското дејство каде се разрешува конфликтот. Фестивалот го носи ова име, бидејќи се чувствуваме како да се наоѓаме во таа фаза, барајќи одговори и решенија за конфликтот во себеси.


К: Четири месеца по трагедијата, како што велите самите, тишината е гласна, па затоа вие/ние треба да бидеме гласни. Дали можеме да зборуваме за овој фестивал како еден вид отпор на тој заборав од страна на јавноста?


Р: Дефинитивно. Свеста се намалува, а луѓето забораваат. Со тоа се намалува и бројот на донации. „Расплет“ за нас е хуманитарен настан, кој се бори против таа тишина, но и оддава почит и пружа помош кон и за сите засегнати.


К: Каква улога играат музиката и уметноста во тој процес на колективно помнење? Може ли (или треба?) музиката да биде форма на протест, на паметење, па дури и на лекување?


Р: Музиката ни е медиум со кој сме најзапознати, па најлесно се изразуваме преку него. Организацијата на ваков музички настан посветен на Сара, нашата другарка која го загуби животот, за нас е најдобар начин да се даде отпор на заборавот, но и да се создаде бунт против сѐ што треба да се промени во ваква ситуација.


К: Фестивалот го организирате вие, млади луѓе од Кочани. Зошто е важно токму младите да го водат процесот и да ја преземат одговорноста за организирање на еден ваков фестивал? 


Р: Важно е затоа што младите се најзасегнати и ним најмногу им е потребно воздигнување. Кога млади прават ваков настан, тоа секогаш потекнува од искрено место на вистинска желба да променат нешто, никогаш за пари или какви било други мотиви.


К: За отворање на фестивалот е најавен говор и дискусија на отворена тема. Зошто решивте да вклучите ваков сегмент, какви теми мислите дека ќе се отворат и која е улогата на ваков (раз)говор во рамки на „Расплет“?


Р: Сакавме да вклучиме говор од нашата пријателка и соученичка Снежана Трифунова, поради тоа што таа беше присутна на пожарот и е директно засегната од него. Мислиме дека нејзиниот говор не само што ќе потврди дека е нормално да се зборува за темата и дека со разговор најлесно се лечат раните туку и ќе оддаде почит кон Сара, која ѝ беше пријателка и нејзе. Отворената дискусија е шанса да се даде глас на кочанската младина и да се слушне нивната перспектива.


К: Најавувате дека вториот ден програмата почнува подоцна со цел да може да се придружите на мировниот марш. Колку е за вас важно „Расплет“ да не биде изолиран настан туку да биде во природен соживот со другите форми на отпор, дел од едно заедничко движење?


Р: Многу ни е важно „Расплет“ да биде дел од отпорот. Настанот ќе почне подоцна, заради оставање простор за маршот и поради тоа што и ние сме дел од него. Сакаме сите луѓе кои се дојдени за настанот да бидат вклучени и во мировниот марш.


К: Зошто го одбравте Споменикот на слободата како локација? Каква симболика носи овој простор?


Р: Споменикот на слободата на некој начин е симболот на Кочани и е одличен простор за одржување на каков било настан. Причината за изборот на оваа локација е за да не бидеме блиску до паркот на градот Кочани, каде што почнуваат маршовите и каде најмногу се тагува. 


К: Кажете ни нешто повеќе околу музичката програма. Најголем дел од изведувачите се од Македонија, но дел се и од регионот. Дали е ова можеби обид да се изгради регионален културен простор на солидарност? 


Р: Да, дел од целите ни се да изградиме посилна солидарност на младите, без разлика од градот од кој поттекнуваат. Најголем дел од изведувачите ни се пријатели кои веќе нѐ поддржуваа и помагаа во најтешките периоди. 


К: Велите дека дводневното траење на фестивалот е со цел да се привлече поголемо внимание кон Кочани и кон сите засегнати од трагедијата. Зошто сметате дека овој формат, наспроти едновечерен фестивал, создава простор за поголема видливост, а со тоа и поголем број на собрани донации? 


Р: Дводневниот формат овозможува да настапуваат поголем број изведувачи, привлекувајќи повеќе луѓе. Тоа ќе привлече и повеќе внимание кон состојбата и ќе донесе поголем број донации.


К: Го гледате ли „Расплет“ како фестивал кој ќе продолжи понатаму, како процес на создавање на нова музичка традиција во градот?


Р: Се надеваме дека ќе изрти во нешто поголемо, но и во нешто кое, секако, ќе ги задржи своите хуманитарни корени. 


Comments


bottom of page