top of page

Бета-муабет со Стефан Костоски по повод промоцијата на неговата стихозбирка „Доаѓањето на музиката“

  • Writer: Андреј Медиќ Лазаревски
    Андреј Медиќ Лазаревски
  • Jul 11
  • 4 min read

Утре (12.7.2025) во кафе и барот „Шила“ во Охрид со почеток во 18:30 часот ќе се промовира втората стихозбирка од македонскиот поет Стефан Костоски, „Доаѓањето на музиката“. Стихозбирката ќе ја промовира писателката и поетеса Јулијана Величковска.

ree

Поетот Славе Ѓорѓо Димоски за стихозбирката вели: „Станува збор за автентичен поетски глас што надоаѓа со оформен и јасен творечки капацитет. Креативната и сложена едноставност во поезијата на Стефан Костоски ја покажува и неговата јазична способност да помислиме дека така „лесно“ се доаѓа до таинственото, неспознајното, чувственото, но и реалното.“


Инаку Стефан Костоски дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ‒ Скопје. Автор е на стихозбирките „Гирланда“ (2020, Современост) и „Доаѓањето на музиката“ (2025, ПНВ Публикации). Негови песни и есеи се објавени во неколку периоднични списанија. Учествувал на поетски читања на „Струшките вечери на поезијата“, на „Поетска ноќ во Велестово“ и на Скопскиот поетски фестивал, како и на „Добри гости“ во Штип. Застапен е во антологијата „Ново раѓање на зборот: Антологија на младата македонска поезија“, приредена од Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски (ПНВ Публикации, 2023), како и во „Метрички карван Гевгелија ‒ Охрид“. Добитник е на наградата „Енхалон“ за 2023 година што ја доделува фестивалот Струшки вечери на поезијата.


Андреј Медиќ Лазаревски: Во сабота ќе се промовира твојата втора стихозбирка „Доаѓањето на музиката“. Поетот Славе Ѓорѓо Димоски за неа вели дека стиховите се ослободени од излишни значења и дека поетскиот исказ е сведен на најчиста лирска форма – што значи ова за тебе, колку поезијата што ја пишуваш имаш потреба да биде во стегната и чиста лирска форма, проста и строга. Што за тебе претставува процесот на пишување поезија?


Стефан Костоски: Можам да кажам дека периодот за пишување песна, кај мене трае долго. Сум работел на песна и по неколку месеци. Ретки се песните што настанале во момент на епифанија. Се грижам за формата и струкурата на песната, трагам по цврсти метафори, долги алегории и комплексни поетски слики. Зборовите на поетот Славе Ѓ. Димоски мислам дека го окриваат стожерот на мојата работа.  


А: Акцентот во песните од „Доаѓањето на музиката“ е ставен на поетска слика, песните се и често пејзажни, а тематски се често врзани со природата и нејзиниот судир со градот. На кој начин ја претставуваш дихотомијата природа–град и колку таа тема, од една страна, интимно ја чувствуваш, а од друга страна, ја чувствуваш како причина за поетски бунт?


С: Мојата поетика е поврзана со филозофијата на пантеизмот. Природата е живот, повторното раѓање, љубовта и хармонијата, природата и Бог се идентични што би рекол Спиноза. Може да воочите дека и во градовите ја сликам природата, но крајниот симбол на градот е хаосот и деструкцијата. Не можам да кажам дека тоа е своевиден бунт, но укажување – да! „Назад кон природата!“


А: Низ твојата стихозбирка провејуваат и неколку песни во проза. Содржински тие песни се вклопуваат во поетската низа на „Доаѓањето на музиката“, но формално се спротиставуваат на останатите песни кои ја имаат цврстата и стандардна форма на поезија. Како овие неколку песни во проза се најдоа во стихозбирката и зошто имаше потреба да се измести формата за да се кажат работите кои ги кажуваш во песните „На прозорец“, „Quietism“ и „Записи од еден летен ден“?


С: Тие песни дојдоа спонтано. Ги оставив да постојат во проза, бидејќи тие тоа го бараа.


А: Во насловот домира музиката, каков е за тебе односот меѓу поезијата и музиката? Колку тие две уметности комуницираат и се надополнуваат меѓу себе?


С: Поезијата е музика, а музиката – поезија. Кога читаме поезија, треба да слушаме музика, некаков ритам, исто и кога слушаме музика ни навираат стихови. Поезијата и музиката за мене се неодвоиви.


А: Најавено е и второ издание на твојата прва стихозбирка „Гирланда“. Како гледаш на оваа стихозбирка пет години по нејзиното прво објавување? Што значи и што е „Гирланда“?


С: Се радувам на „Гирланда“,  бидејќи со неа ги направив првите чекори во поезијата. Тие песни почнаа да се раѓаат во студентските денови кога посериозно почнав да работам на поезијата. Некои средношколски песни лежат во некои тетратки, но тие не се за објавување. Важно е поетот да биде крајно самокритичен. Не викам дека немам клишеа во „Гирланда“, но се потрудив да го најдам својот поетски глас. Гирланда значи „венец од различни цветови“. Така ја насловив, бидејќи песните по тематика и структура се разликуваат. Можам да кажам дека со секоја песна се учиме да пишуваме поезија. Морам да им се заблагодарам на Јулијана Величковска и тимот што работи во „ПНВ Публикации“ што ги средија песните во „Гирланда“ и придонесоа тие да звучат подобро.

А: Во 2023 година ја доби наградата „Енхалон“ на Струшките вечери на поезијата за најдобра песна од млад автор прочитана на фестивалот. Колку ти е важна оваа награда, дали беше ветер во грб за тебе и колку беше поттик за излегувањето од печат на „Доаѓањето на музиката“?


С: Уметникот го работи тоа што го работи затоа што така мора, бидејќи не знае што друго би правел во животот. Барем јас така се чувствувам. Наградите се уважение за тоа што го работиме и не треба да нѐ направат горди и мрзеливи. Кога ја добив наградата „Енхалон“, стихозбирката „Доаѓањето на музиката“ беше во завршна фаза.


А: Беше еден од застапените автори во антологијата на млада македонска поезија „Ново доаѓање на зборот“ (прир. Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски). Како гледаш на новиот поетски бран на македонската книжевна сцена, се чувствуваш ли дел од таа нова книжевна генерација и колку е важно да се биде дел од една книжевна генерација?


С: Сите ние припаѓаме на некоја генерација, дали таа била модерна или постмодерна. Важно е – барем јас така сметам – дека секоја наредна генерација треба да се стреми кон помодерен, нов, свеж поетски израз. Клишеата, тафтологијата нема да ни помогнат кон развивање на македонската литература и култура.


А: Накрај, сакам да те прашам за досегашната рецепција на твојата поезија од генералната публика. Какви се реакциите на публиката за „Доаѓањето на музика“? 


С: Мислам дека добро ја прифатија книгата. Јас секогаш велам дека ако неколку стихови  допрат до неколку читатели – јас сум ја завршил работата.

 


Comments


bottom of page