Бета-муабет со Светла Јакшиќ: На нашата генерација би ѝ препорачала да продолжи да разорува неуморно и да докаже дека не се сведува сѐ само на еден краткорочен младински бунт
- Андреј Медиќ Лазаревски

- Oct 12
- 7 min read
На почеток на месец октомври 2025 година во кафе-книжарницата „Буква“ се случи промоцијата на дебитантската стихозбирка на младата поетеса Светла Јакшиќ, „Ноќен суфлер“ (2025, ПНВ Публикации). Промоторка на книгата беше Атина Цветановска која за книгата ги истакна јасниот и прецизен македонски јазик како значајна одлика во поезијата на Јакшиќ, како и симболот на водата кој доминира во книгата. Таа во својата рецензија вели дека поезијата на Светла Јакшиќ е длабоко експресивен океан од искрени младешки чувства, а поезијата за неа е оној чувствен сеизмограф што го пренесува отчукувањето на нејзиното срце и ни го соопштува доживувањето на стварноста што ја опкружува.

По повод објавувањето на книгата муабетиме со Светла Јакшиќ за ноќниот суфлер, за водата, за процесот на создавање на стихозбирката, за пишувањето како начин на исцелување. Прочитајте во продолжение!
Андреј Медиќ Лазаревски: „Ноќен суфлер“ е насловот на твојата прва стихозбирка, но и име кое често се среќаваше по социјалните мрежи, на разни места каде што ти ја промовираше својата поезија и поетска работа. Па би сакал да почнам од таму, од самиот почеток, што значи за тебе ноќниот суфлер, а веројатно со тоа оди и прашањето што за тебе значи поезијата, самото пишување на поезија и поетски чин? Дали е шепот, дали е работа која се случува кога сѐ ќе се стиши, дали некој ни шепка, дали поетите пренесуваме некаков шепот?
Светла Јакшиќ: Љубовта кон читањето ме поведе во овие води и активно пишувам од свои четиринаесет години, иако музикалноста ме следи од најрана возраст, па така мои први изговорени зборови се првите стихови на нашиот легендарен хит „Македонско девојче“. Започнав со пишување родољубива поезија по посетувањето часови во Нижото музичко училиште и фолклорно друштво, за во средношколските години да се истакне љубовната поезија. Сепак, она што најмногу ме инспирира се односите меѓу луѓето, па често знам и емпатично да запишам нешто и за туѓо искуство. Што и да биде инспирацијата, треба да биде блиско до мене, да го почуствувам и искусам за да го продолжи животниот тек и на хартија. Конкретно за „Ноќен суфлер“ сѐ започна со мојот искрен восхит кон улогата која ја има суфлерот во театарот и честото негово спомнување во мои песни, а она „Ноќен“ дојде по мојата навика да пишувам навечер. Како некое второ значење, книгата им е посветена на сите случајни и намерни, прогресивни и ретроградни суфлери кои се појавуваат во нашите животи. И самата промоција ја доживував како една ноќ во театарот, поезијата да биде преставата во три чина, три циклуси во книгата, а промоторите и јас да бидеме суфлерите кои ќе ја оживеат. Публиката нека суди за нашата цел и влијание.

А: Збирката е составена од 35 песни. Во еден разговор што го имавме кога се подготвувавме за промоцијата на стихозбирката ми кажа дека ова се песни пишувани во текот на неколку години, еден процес кој конечно го пушташ во етерот, го подаваш на публиката – кажи ми нешто околу самиот процес на работа на оваа книга, колку е концептуална, колку е тематски организирана, каква е „Ноќен суфлер“?
С: Песните во стихозбирката се пишувани во период од 4 години, оние од кои реално и можев да извлечам материјал за правење концепт. Она што ме натера конечно да и им дадам логичка целина на тој збир песни е конкурсот „Анте Поповски - Антево Перо“ за 2023 година и е составена во една ноќ, без многу размислување, а ја испратив на последниот ден пред истекување на рокот за конкурсот. По испишани четири тетратки, во тој „куп“ од веќе насобран постар материјал, лесно ми беше да препознаам што од напишаното вреди да се спои во еден документ. Се започна со насловот, а подоцна темите на песните ми помогнаа една по друга да ги определам циклусите.
А: Би влегол сега малку подлабоко во содржината и структурата на книгата, но сепак би почнал од нешто што и на „прва топка“ е видливо – водата. Иако кога почнав да ја читам твојата книга очекував многу повеќе да е врзана со земјата, еве ако така ја врзуваме со некоја од стихиите, но твојата збирка е многу поврзана со водата. Водата во твојата книга е поврзана со реките и езерата, со еден убав збор „разезери", со дождот во многу наврати, но и со плачот, со солзите. Што е водата во „Ноќен суфлер“? Што таа за тебе како автор значи, но и што му значи на лирскиот субјект?
С: Водата е мојот најблизок елемент и отсекогаш најубаво сум се чуствувала во таа средина, а и пораснав покрај двете најголеми наши природни езера, потоците во село Љубојно и кејот на нашиот Вардар. Водата ја доживувам како благодет, а од друга страна е сила која ги спојува другите елементи и патува низ просторот. Не сакав, пишувајќи, да бидам ниту земја - тешка и силна или воздух кој лебди и самува, ниту оган кој се околу себе од својата топлина ништи, ами нешто што обединува, оживува, носи и пркоси.. Не само во песните, ами и циклустите се на тој начин поврзани, започнувајќи со „Накалемена река“ - за сѐ она што во животот ни доаѓа, а е последица од туѓи дејствија, „Ако ме видиш- плачи“ е замислена како кулминација на целокупната тага која ја изразуваме во плач токму поради некакво/нечије исчезнување, а „Сребрена вода“ е третиот циклусите во кој се зборува за исцелувањето. Обожувам во метафорична форма да го користам овој елемент, и затоа не само песните, туку и циклусите го содржат во своите наслови со различно значење.

А: Уште една работа што е типична за твојата поезија е јазикот внатре во неа односно цврстиот и строг јазичен израз, јазик кој не оди во разговорност, напротив многу повеќе оди кон некаква силна поетизација, јазик кој знае да влезе во архаичност. Кажи ми каков е твојот однос со јазикот кога станува збор за поезијата, каков јазик претпочиташ да користиш и колку ти е важно јазикот да допре и до естетичката категорија 'возвишено', колку ти важно тој да е чист, јасен, прецизен?
С: Кога станува збор за пишувањето, независно дали е проза или поезија, секогаш инсистирам на употреба на македонскиот стандарден јазик. Во поезијата конкретно секогаш сакам да вметнам и архаизми, но често знам да експериментирам со нови кованици. Љубовта кон архаизмите ми е вродена од мојот татко, препишуваќи стари архаизми од регионот на Преспа, додека пак кованиците ги засакав по првите обиди на нашите великани од првата, втората и третата генерација писатели и поети успешно да ги вметнат истите во литературниот јазик. Иако користам и разговорни фрази, сепак во својата крајна форма тие добиваат поголемо значење, а досега за среќа сум наидувала на разбирање во однос на моето инсистирање истите да бидат искористени за потребите на текстовите или песните.
А: Тишината е исто така многу присутна во твојата книга. Песните генерално се тивки, мирни, милни – кажи ми каква е книгата според тебе и каков беше процесот на нејзиното создавање – некакво терапевтско искуство, начин на смирување, начин на излез од болката (која исто така во неколку наврати се појавува во книгата) или можеме да зборуваме и за некаков бунт во твојава книга?
С: Песните се секогаш пишувани во тишина, во доцните часови од ноќта и интересно ми е што читателите така и ги доживуваат. Започнав интензивно да пишувам во моменти кога тоа беше мој единствен начин да научам да се соочам и да ги исканализирам некои емоции. Повеќето се пишувани во еден здив, иако долго време во мене отседнала некоја мисла, некоја тежина која ме тера да се ослободам и препуштам на хартијата. Тагата е најпријатно, но всушност она што ја прави една целина оваа книга е надежта. Отсекогаш сум била љубопитна околу нејзиното значење и за онаа мисла „Надежта последна умира“. Епа „Ноќен суфлер“ е бунтовникот на кој не му е важно дали навистина надежта може да умре, туку е во константа борба со емоциите и ја бара надежта во непријатното, во молитвата, во непознатото.
А: Александра Јуруковска за твојата книга ќе рече дека бесконечноста, минливоста и вечноста се среќаваат во една песна, некогаш и во една строфа или во еден стих – како гледаш ти на ова, колку успеваш и бесконечноста и минливоста да ги сретнеш во една единствена точка, збор, стих, песна?
С: Токму поради тоа и си играм со надежта. Тргнувајќи од честото користење на ноќта, ѕвездите, ветрот, светлината, константноста на физичките појави околу нас, со сѐ она со кое можеме да го споредиме животот, но не и бесконечноста. Па преку препознавање на некои конечности, трагам, ја барам и онаму каде што не е отповикана, па ја овенчувам со надежта и стравот, гледајќи само во нив начин креативно да ја предизвикам.
А: Би преминал сега на еден малце поширок аспект, надвор од самата книга. Јас и ти сме генерација, бевме заедно во генерација во Корчагин, а сме и дел од една иста поетска генерација – кажи ми како гледаш на нашава генерација поети и поетеси, како се чувствуваш како дел од оваа генерација, што за тебе значи оваа нова поетска, но и генерално книжевна генерација, движење, бран, како сакате наречете го?
С: Се случува една убава трансформација и сѐ почесто слушам од младите дека се заинтересирани за културни содржини. Би сакала во иднина поетските творби, но и прозата во се поголем тираж да се печатат, а на нашата генерација би и препорачала да продолжи да разорува неуморно и да докаже дека не се сведува се само на еден краткорочен младински бунт. Им честитам на музичарите кои се обединија и ја развија на кратко згаснетата алтернативна сцена дури и во малите градови во државата. Во еден текст за вториот број на списанието „Современост“ за 2022 година, пишував за тоа од каде ни се наметнува тој генерациски јаз, но и нападот кон несфатливоста. И тогаш и сега силно верувам дека само заедно, со почит и соработка, со сета наша разноликост во понудата за публиката, ќе успеме во заедничката мисија – културата да биде дел од нашето секојдневие.

А: За крај, сакам да те прашам околу твоите планови. Рече дека овие песни тлееле и во тебе и како ракопис подолго време пред да бидат објавени, па ја доби и наградата „Антев часовник“, па книгата се објави и еве ја сега промоцијата – прво, сакам да те прашам околу рецепцијата на стихозбирката до сега, какви се реакциите на оние кои веќе те прочитаат и второ, што по „Ноќен суфлер“, работиш ли на нешто ново, има ли нов ракопис на повидок?
С: Ноќен суфлер сите различно го доживуваат, а јас амо уживам во различните толкувања. Обожувам што нашата генерација е желна да зборува, да прашува и да потикнува интересни дискуии. Мило ми е доколку некои од читателите, со свое различно искуство сепак се пронајде во некој стих, наслов или прашање испивоцирано од песните. Засега критиките се позитивни, и тоа ме радува и мотивира да продолжам со пишувањето. А кога сме кај идните планови, прво имам на ум да завршам некои други идеи за проекти кои се поврзани со поезијата. Нови материјали има и чекаат да бидат објавени и се надевам дека наскоро публиката ќе ја разбудам од овој поетски сон и можеби ќе ја поведам во други води.




Comments