top of page
  • Writer's pictureКалина Качоровска

β-муабет со Виктор и Ива: Шаренило, различности и растење на Синестетика 3

Никогаш нема да ја заборавам последната година на Синестетика. Мене ми беше прво издание, а ним второ. Беше убав ден, празник, Св. Кирил и Методиј. Бев со моето тогашно новооформено друштво, надвор беше и сончево и врнежливо истовремено и наместо чадор, си врзав марама на главата. Сите другари бевме втора средно, сѐ уште нецелосно навлезени во културниот живот, а сепак ентузијастични за истиот. Ни требаше многу време да се снајдеме за локацијата и по пат се потсетив на некои места кои или ги памтам бледо од кога бев дете или можеби само сум ги сонувала, па мислам дека се мемории. Таа година на Синестетика не само што се изнаслушав убава музика, не само што изгледав неколку одлични филмови, туку од делот со рачни изработки си купив обетки кои до ден денес ми се едни од омилените, но пред сѐ, тој ден/ноќ, односот со луѓето со кои бев таму се претвори во нешто многу повеќе од обично другарство. Зошто и како, не можам да објаснам. Оттогаш, на ледината Шамак која ја открив токму преку фестивалот, сум била уште доста пати и секогаш кога во животот ми се појавува некоја посебна личност, одиме таму заедно.

После три години чекање и после две пропуштени изданија, годинава Синестетика се враќа на мапата на културни настани кои го красат градов. На 25-ти септември, ден недeла, од 10 предпладне, па сѐ до часовите после полноќ, на ледината Шамак под Водно за трет пат ќе се одржи фестивалот кој не е налик на ниедно друго случување кај нас и пошироко. Со цел да дознаеме и ние, но и Вие нешто повеќе за овогодинешното издание, си помуабетивме со Виктор Танасковски и Ива Дамјановски, организатори на Синестетика.


Kалина: Не можам, а да не започнам со следново - каде бевте последниве три години и свесни ли сте колку недостасувавте?! Дали чекавте овие луди времиња да се смират (ако ништо друго, барем на здравствено поле) со цел да направите настан над кој нема да тежи пандемиска несигурност или пак во прашање е нешто сосема друго?


Виктор и Ива: Многу ни е драго што го слушаме ова, драго ни е ако овој фестивал им значи на луѓето тука, се надеваме дека правиме нешто што е на некаков начин значајно за градот. Што се однесува до изминатите три години, односно две пропуштени изданија, имавме планирано издание за 2020, но пандемиските услови не го дозволија тоа, нашата одлука беше да не го одржиме фестивалот, пред сѐ бидејќи, иако на отворено, сепак е фестивал без влезници, нешто што ни е важен аспект од неговиот идентитет и нема начин да се регулира бројот на посетители. Сметавме дека во такви моменти е најважно да ги одредиш приоритетите, да ги намалиш ризиците, дури и тоа да значи да жртвуваш нешто што ти значи.


К: Размислувајќи за периодот изминат од последното до овогодинешното издание на Синестетика, сфаќам колку поразлично гледам на состојбата на културните настани, но и културата кај нас воопшто. Признавам, тука влијаат и лични моменти, па пред сѐ, тогаш сум имала 16 години, а за еден месец ќе наполнам 20, но чинам дека работата е поголема од тоа. Од една страна, можеме да слушнеме и некои од истите имиња на учесници од 2019, особено во делот на филмската програма, но еве, доколку обрнеме внимание на музичарите, ќе видиме дека многу од нив воопшто не биле на сцената (во ваков состав или форма) тогаш. Како Вие, како организатори на фестивал од ваков тип гледате на развојот на алтернативната уметничка сцена во последно време?


В и И: Сметаме дека алтернативната сцена е побогата отколку пред неколку години и тоа нѐ радува. Програмата на фестивалот е конципирана така што во принцип не се повторуваат учесниците, пред сѐ во музичкиот дел. Ова е фестивал кој се фокусира на новата уметничка мисла, место каде што се среќаваат неафирмирани уметници во подем, како и веќе афирмирани, иако фокусот ни е во принцип на младата сцена. Со ова се надеваме да поттикнеме нови можни соработки, да создадеме услови нечија музика, уметност, филм, да стигнат до нова публика и да се постигне шаренило, како меѓу учесниците така и меѓу посетителите.


К: Во едно наше претходно интервју, Ива зборува за тоа како нејзината лична уметност неретко оддава почит кон синкретизмот. Па така, ми текнува и на вашиот бенд, Алембик и колку и самиот тој е ‘син’, збир на повеќе нешта одеднаш. Размислувам и на синестезија, тој толку чуден и толку прекрасен феномен на искусување на едно сетило преку друго, а на крај доаѓам и до името на вашиот настан - синестетика. Покрај инкорпорирањето на различни типови уметност, жанрови и луѓе, како овој фестивал го оправдува своето име - збир на естетики, убавини…?


В и И: Се надоврзуваме на последното прашање. Тука се работи всушност и за една прилично лична причина (каква асонанца). Во принцип, најверојатно сакаме да правиме таква уметност, фестивал, музика, бидејќи самите така го доживуваме светот и на некој начин имаме потреба од тоа, од синкретизмот. И истовремено сметаме дека доколку нешто ти недостасува, твоја должност е да го создадеш, не да чекаш да се случи. Синестетика го оправдува своето име (се надеваме) преку својата отвореност. Сметаме дека отвореноста е единствен начин нештата да растат и да се менуваат, единствен начин да се добие целина која дејствува заедно иако во себе содржи многу различности и шаренило.


К: Ќе може ли по некој збор за овогодинешните уметници, музичари, филмаџии, па дури и шанкери и готвачи? Каков е вашиот пристап кога станува збор за избор на учесници и што можеме ние како публика да очекуваме?


В и И: Многу ни е драго за сите учесници годинава. Како и во претходните две изданија, се обидуваме да бидат застапени различни жанрови и медиуми. Оваа година имаме и театар – две монодрами кои ги играат Ангела Стојановска и Бобан Алексоски. Што се однесува до музичката програма, ќе учествуваат бендови од различни генерации и стилови – од повозрасни и етаблирани како Foolish Green, Ади Имери и Пепи Лукиќ, до помлади а веќе со повеќе изданија и настапи зад себе како Луфтанза, некои со посовремен, а други со „old school“ (pun intended) звук како Ширшаја и Mole Pack, а и млади артисти што допрва работат на своето прво издание, како Ата. На изложбата ќе се најдат слики, графики, цртежи и фотографии од Стефан Младеновски, Марија Трајаноска, Илија Маџаров, Игор Аврамоски, Максим Димитров, Виктор Јаневски и други, но како и минатите изданија, изложбата останува отворена за секој што сака да се вклучи, било со ликовно или пишано дело. Процесот на избирање на учесниците го држиме во духот на отвореноста за која што зборувавме погоре - ние каниме извесни уметници и музичари како резултат на нашиот „скаутинг“ од изминатиот период, но исто така и секој ја има слобододата да не исконтактира доколку сака да учествува. Дури и кај музичката програма, која што е потешко да се остави неодредена и спонтана бидејќи е потребно со време да се обезбеди соодветна опрема и услови, сепак и таму се обидуваме да вметнеме доза на партиципативност, па затоа завршуваме со отворен jam session каде секој може да учествува. Синестетика се базира на заемна помош и доброволна акција, и како непрофитен фестивал (и за нас како „официјални“ организатори, и за учесниците), сечија помош е од големо значење.

Што се однесува до шанковите, оваа година учествуваат Олд Скул, Котур, Амок Бар, Лавче и Vegan365Kitchen. Им благодариме и ним за поддршката.

Инаку, оваа година визуелниот идентитет на Синестетика го изработи Ангела Чучкова користејќи дела кои ги наслика (тогаш) 4-годишниот Мире Сариевски во 2018, веднаш после првото издание на фестивалот.


К: За крај, како откривте едно толку убаво и релативно непознато место како ледината Шамак и како бевте толку несебични истото да го споделите со сите?


В и И: Синестетика како идеја изникна од Акустичниот доручек што го организиравме со Minstrel’s Gallery во 2017 на едно мало ритче над Жданец, меѓутоа тоа место не беше доволно големо, ниту пристапно, за да може да се направи фестивал од обемот на Синестетика. За ледината Шамак јас (Виктор) знаев од многу одамна, поточно од периодот кога бев во основно. Некогаш нѐ носеа на прошетки во околината на Козле, а имавме и наставник по географија кој што секој викенд правеше тура до Водно (иако тогаш имаше сигурно над 70 години). Кога ќе се качевме горе, можевме и да одговараме за оцена – вистинска настава во природа. Секако, откако завршивме основно продолживме да одиме на Шамак со друштво.


Што се однесува до несебичноста, повторно се работи за истото – сите нешта стануваат поголеми и поубави кога ги делиш со другите.


646 views
bottom of page