top of page
Writer's pictureКултура β

Bojack Horseman: младите и менталното здравје во 21 век Is this a crossover episode?

Во ера со огромен спектар од еднолични анимирани серии, многу лесно и релативно бесполезно, на површно ниво се поистоветуваме со нивните крајно архетипични и стереотипизирани ликови, просечна тема и прилично едноставен хумор. Затоа денес ви го претставувам Boјack Horseman, најдобрата анимација на 21 век.

Зошто најдобра? Можете ли да ја замислите распрскана целата палета на бои, цело животинско царство на ликови и гламурот на Холивуд собрани во епизода од дваесетина минути? На кратко, се работи за приказна која го следи средовечниот период од животот на еден познат актер и луѓето во неговата непосредна околина, исполнет со остатоци од блескавата кариера и нормално низа на зависности. А, уште нешто, ликот има глава на коњ. Апсурдно нели? Ама и креативно до срж, отелотворување на чиста фантазија. Забавно, разиграно, со весело музиче, одлично за релаксација. Или барем на прв поглед.

Генијалноста на Bojack Horseman лежи токму во неговата предизвикувачка природа, која постојано потсвесно го принудува гледачот да се преиспитува себеси и светот, преку интелигентниот, црн хумор. Во беспрекорната алегорија за реалноста, која може да се разлистува на низа семантички слоеви, набљудувана од перспектива на неколку неверојатно комплексни ликови. Затоа серијата влегува во територијата на ред филозофски правци (нихилизам, егзистенцијализам...), но и повеќе или помалку, во личната љубопитност на обичниот човек и она најуниверзално прашање: Дали сето ова има значење? Ако не, тогаш како или зошто да го живеам?

Во овие рамки, шоуто ја добива својата вистинска вредност преку давање осврт на повеќе современи општествени теми (абортус, gun control, military worship, феминизам, сексуално вознемирување итн.), но најмногу од сѐ прашања поврзани со многу аспекти од менталното здравје, причините, текот и последиците од негрижа и занемарување на истото.

Најпрво, малку повеќе за третманот на менталното здравје во нашето општество. И понатаму, за жал, тема кон која се пристапува крајно несериозно како кон нешто целосно незабележливо. Како тоа да е толку апстрактно, па со него обичниот човек не мора да се фаќа во коштец. Како асоцијација на груби, бесполезни и некоректни фрази од типот “за во лудница’’, “...па тоа е нездраво/ненормално’’. Или пак, што е уште пофрапантно како само обичен дел од секојдневието и уште една “тинејџерска кризичка’’, вообичаено пропратена со прекор од типот “уште не знаеш што се вистински грижи’’ или пак бескорисно уверување дека “ќе ти помине за час”. И нормално, најстрашното од сѐ, чинот на одење на психолог. Една од најголемите стигми со кои се соочува младиот човек, оној најдиректно изложен на сите притисоци од своето време. Бидејќи нели, како ќе изгледа ова е секогаш поважно од личната благосостојба и стабилност. Така?

Еве како креаторите на Bojack Horseman пристапуваат кон менталното здравје. Toa никако не е права линија и подразбира многу повеќе од она со што го поврзуваме. Сите ликови се рамноправни, сите имаат свои внатрешни предизвици, сите си се еднаков товар на себеси, а сепак сите наоѓаат различни начини да се справат или барем неуспешно да го оттргнат вниманието од истиот (било да се работи за завиност од супстанци, алкохол, прекумерна работа). Ваквите дистракции се токму она што ги доведува во циклус згоди и незгоди, додека дејствието е постојано потајно водено од нивната внатрешна борба. Звучи познато и сеприсутно и во нашето секојдневие, нели? Можеби затоа што е крајно човечки.

Она што е уште поважно е дека шоуто не се задоволува само со потенцирање на присутноста на овие деструктивни човечки тенденции, туку и длабоко ги истражува нивните корени и дава досега најискрена претстава на нивното доживување, користејќи посебни техники на анимација, со груби, хаотични линии, брзи движења и карикатури од вообичаениот изглед на ликовите. Секако пропратени со соодветен внатрешен монолог, брутално искрен и сосема природен, без никаква цензура на емоцијата или јазикот. А, според креаторите на Bojack, тонот, употребата на зборовите и другите карактеристики на нашите внатрешни монолози се првиот и најважен индикатор за прогресот на менталното здравје.

Сигурно ви се случило и вам некогаш да си доживеете по некој разговор со себе. За оние кои пишуваат, кажувам и од лично искуство, вообичаено дијалозите се околу прашањето колку вреди нивниот труд? Дали овие зборови навистина прават промена? Дали оваа вештина е делумно бескорисна во реалниот свет, освен ако не ја користиме за коментирање на здодевни, клише, забавни теми? Можеби мислите дека имате цврсти ставови, но често се наоѓате во позиција каде ги редефинирате вашите гледишта? Честитки, тогаш и вие како и јас сте веројатно пример за Dianne, најблиската пријателка на Bojack, која патем е и авторка на неговата автобиографија.

Доколку ова ви се чинеше подалечно, тогаш сигурно барем еднаш во животот сте си дале себеси pep talk. Нели? Било да ви е лош денот, некој близок ве разочарал, нешто излегло од контрола, чувствувате стрес заради натрупаниот распоред од обврски? Не стоите пред огледало или пак слушате музика додека си давате охрабрувачки говор? Можеби буквално со зборовите: get your s**t together? Ви паднало некогаш на памет да се откажете од “непотребните емоции’’ и да се фокусирате само на вашата продуктивност, за да си загарантирате дека ќе останете во контрола на својата иднина? Тогаш навистина би ви се допаднал ликот на PC, менаџерката на Bojack.

За оние кои не бараат преголема смисла и оваа идеја за иницијалната безначајност на светот претставува ослободување, поклон и почит за тоа како и вие како Todd и Мr.Peanutbutter уживате во безгрижноста и секоја мала ситница што ќе ви ја понуди животот. И за тоа како секогаш имате позитивни погледи на она околу вас и во сѐ гледате можност за забава.

Дали некогаш сте се почувствувале како нечии очекувања да се дијаметрално спротивни на вашите соништа и истите ве сопреле да ги следите? Имате впечаток дека сте прифатени, па дури и обожавани од другите само затоа што сте креирале улога, која се мачите да ја живеете секојдневно? Или пак го имате оној внатрешен глас на анксциозност кој ви кажува дека не сте доволни и дека сите потајно ве мразат или презираат заради вашата несовршеност? Обрнете внимание на Sarah Lynn и Hollyhock.

За да сте близу до Bojack, колку и да звучи невозможно, некогаш ви доаѓа да се прекорите себеси за некоја потенцијално лоша одлука, можеби до толку што ќе се одведете во бунило од самокритичност. А, некогаш можеби ќе пробате и да си оправдате некоја грешка и да ја препишете на некои минати или сегашни околности, или пак со помош на утешната претпоставка дека и онака ништо нема значење? Ќе си помислите дека ако не постојат правила, тогаш она што го правите можеби и не допринесува до резултатот? И ако во ниедно од овие прашања не се пронајдовте, сигурно ќе се пронајдете во следново: како можам да сум одговорен за сопствената среќа, ако не можам да сум одговорен ни за сопствениот појадок?



Поради огромната доза на цинизам и суровото отсликување на ефектите од нарушување на менталното здравје врз модерниот човек, Bojack Horseman останува и покрај своите разиграни темни мотиви, најрелевантната анимирана серија на нашето време, а нејзините херои колку и да изгледаат апсурдни и контроверзни, се токму хероите на 21 век. Оваа уникатна иновативност помага во изградба на платформа која овозможува отворање и развој на дискусија за менталното здравје и неговата ранливост ширум светот. А, ваква иницијатива и практика би била секако добредојдена и во нашето секојдневие.

Тргнувајќи како и вие, од исто ниво на некомпетентност да зборувам стручно за една толку специфична тема, би ве оставила со куса порака извлечена од ова ремек-дело: обрнете внимание на тоа како се обраќате кон себе и со какви луѓе го споделувате своето секојдневие. Преземете одговорност за себе, за своите постапки и својата добробит. Комуницирајте, споделувајте и побарајте помош тогаш кога ќе почувствувате потреба. И не заборавајте: Станува полесно... Секој ден станува малку полесно. Но мора да го правиш секој ден. Тоа е тешкиот дел. Но, станува полесно.





Comments


bottom of page