top of page
  • Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

Борбата меѓу духовното и телесното завршува со слобода!

Кон „Омарнина што омалаксува“ на Марија Велинова

Поминаа две години по објавувањето на дебитантската стихозбирка Разговорите што не можевме да ги имаме (2021, Дата Песнопој) на Марија Велинова и ете ја младата поетеса со нова стихозбирка насловена како Омарнина што омалаксува во издание на издавачка куќа ПНВ Публикации. Се појавува стихозбирка која за разлика од првата стихозбирка е оттргната од личното, интимното, едноставното, само-своето-љубовно и веќе со Омарнина што омалаксува авторката навлегува во општото, се занимава со фолклорното, си игра со референците од книжевноста, поставува цела една философска дијаболичност во една збирка и внимателно ја конструира да биде и нумеролошки и содржински и јазични издржана. Ова може да се должи на повеќе работи, очигледното поголемо посветување на читањето, секако и студиите по книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, учеството на повеќе поетски читања и фестивали во Скопје и низ Македонија, објавите во домашната периодика, а како резултат на сето ова е зазрелувањето на Велинова како автор.


1. Структура – философски, нумеролошки, концептуално издржана


Стихозбирката е составена од четири целини односно две носечни целини res extensa и res cogitans како носечки столбови со по 20 песни во секој дел и две песни на почетокот и крајот вметнати во еден prelude и еден postlude. Поради очигледното реферирање на Рене Декарт и неговото дуалистичко стојалиште во философијата според кое овој свет е составен од две материи res extensa односно материјата која се протега т.е. материјалното во светот и res cogitans односно мислечката материја т.е. онаа која му дава душа на постоечкото, имаме поделба по содржината на песните, но и по боите кои тие песни ги имаат и по чувствата кои ги предизвикуваат кај рецепиентот на делото. Вака конструираната стихозбирка ја задоволува целесообрзноста на ова дело додавајќи му на философската тежина, па како што кажуваат и Велек и Ворен во нивната Теорија на книжевност присутноста на философското во едно дело придонесува кон негова комплексност и кохерентност. И навистина, пред нас имаме дело кое плени со длабоко обмислена конструкција на кое е внимавано до најмал детаљ – структура, складност на песните, умереност во ритмичноста и римата, референци, општествена критика, свесност…


2. Книжевност во книжевност


„Омарнина што омалаксува“ изобилува со референци од македонската книжевност, но и од светските класици и особено од делата од ренесансната книжевност. Уште на самиот влез на стихозбирката како читатели се среќаваме со еден цитат од Смрт во Венеција на Томас Ман каде што се најавува таа дуална борба меѓу телесното и духовното: да, само со телото душата може да се вивне во возвишено набљудување. Овој цитат не само што нѐ упатува на борбата меѓу духовното и телесното која понатаму ќе следи туку ја испраќа и пораката врз која оваа стихозбирка е засновата – имено, преку духот да се стаса до слобода.

Најсилно и најприсутно е влијанието на поетиката на Ацо Шопов која е проткаена низ неколку песни, постојаната присутност на сонцето од Црно сонце во позадината на стихозбирката, а најсилно изразено во песната Не би иднина:


кога дознав за мотивот небиднина

вечноста ја испатував во еден миг

впишувајќи стих на лицето на земјата

за назад да ми дар вик.


но ми дари само темно чекање

чекање да се изроди нешто од зад планината,

за нешто да биде,

од длабочините на небиднината.


Референците на ренесансната поезија се исто така чест мотив и тоа во песните Ранети галеби заталкале во пеколот со директно сместување на случувањето во Пеколот, потоа во Што е вербата кога вербално ќе ја изустиш каде што се игра со сонетна форма на песните на Петрарка, но и со значењето на зборот сонет:


зарем вербата се содржи

во сите сонети

и во сите сништа сонети


И секако, на линија на ренесансната книжевност, играње со библиските и релиските мотиви. Приказната за Каин и Авел која авторката ја дава уште на почетокот, а која се провлекува низ целата стихозбирка сѐ до последната песна каде што имаме едно навраќање кон источниот мир.


3. Иронија, силина на женското, фолклор


Тоа што е исто така карактеристично за Омарнина што оналаксува е сеприсутната иронија особено во неколку песни – во оние две најљубовни што носат наслови Циничен циклус и Рогата љубовна песна, но особена иронија има во песните Колкумина колвачи ќе собере и Секретарката на Бога. Женското и женскоста како мотиви се застапени во неколку песни кои се моќни, силни и го удираат читателот со својата поента, тоа се песните Слободата на голото тело и Темноцрвен храм на родот каде авторката ги опишува, во првата песни, потребата од слобода и од ослободување, од женско водство и од соголување и тоа соголување на душата како најчист пример на искреност и сето тоа е направено преку осврт кон сликата Слободата го преводи народот на Ежен Делакроа и претставување на болката на раѓањето, на значењето на матката не само како телесен сегмент, туку како општествен конструкт и нејзиното претставување како храм. И секако, мотивите на македонскиот фолклор вметнувајќи мноштво легенди, приказни од баби и дедовци, случувања од историјата во неколку едноставни поетски слики, но кои се исполнети со интензивна болка, страдање, но и љубов кон едно минато:

од планините војници се спуштале,

ко денес гавранот што намина,

да тропнат на порти

со пиштолот, со пушката.

и цело село чука, пука


4. Топло – студено; Црвено – сино; Материјално – духовно


Низ целата стихозбирка постојано има судири меѓу материјаното и духовното, меѓу топлото и студеното, меѓу црвената и сината боја. И тоа не било каде и не било кога. Таквите судири се направени на вистинско место во вистинско време. Како две страни со по 20 деца кои фатени за рака играат „Сакате ли војна?“ и тоа војна која носи ослободување. Песните кои се поставени во двата стожерни циклуса на оваа стихозбика се наменски, свесно и обмислено собрани така како што се собрани. Во првиот дел загреваат, играат со телесното, со сировото месо, со жештината, со блесокот на Сонцето, со омарнината која те омалаксува. За во вториот дел веќе пополека да се напушта Пеколот заедно со ранетите галеби и да се преминува во некоја мирна, посвежа, студена синевина, каде што се бара мирот, каде што се бара духот, каде што се бара ослободување на себе од сѐ и на себе од себе си.


Тријадата автор-дело-книга е целосно запазена во оваа стихозбирка. Внимавано е на тоа што овие песни ќе предизвикаат кај читателот. Внимавано е дури и на некоја драмска конструкција, имено, кулминацијата токму да биде меѓу двата носечки циклуси. Со некоја Чеховска пауза која, овојпат, е сместена во Пеколот од првата песна од res cogitans. Во првиот дел читателот се жари, на крајот кулминира и во вториот дел лека-полека се ослободува. И така сѐ до главното прашање од последната песна дали човекот може сам од себе да се избави, сам себе сетилата да си ги продухови.


5. Сами од себе да се избават, своите сетила да ги продуховат


Шармантно играјќи си со духовните прашања, со оние прашања што се поставувани уште од почетокот на философијата, па низ сите религиски концепти, па сѐ до духовните книги, химните и до некои езотерични списи, Марија Велинова со Омарнина што омалаксува успева да постави неколку клучни прашања – до каде сме со духовното, колку нашите тело и дух се складни, колку она возвишено, за кое зборува Томас Ман, се остварува преку духот низ телото, но, уште поважно успева да даде одговори на овие прашања, одговори кои се кријат во стиховите на оваа стихозбирка. Со тие одговори, со овие песни Марија Велинова во етерот пушти една нова, племенита, философска, одлично издржана книга со која уште еднаш си го потврдува своето место во новиот бран на македонската поезија, онаа младата, онаа добра поезија, поезија која ќе освојува. Само така сами себе ќе се избавиме, своите сетила ќе ги продуховиме – имено, со потврда за доброста и присутноста.


535 views

Comments


bottom of page