top of page
Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

Четврта воздишка: Поезија на Снежана Стојчевска, фотографии на Стефани Караџовска и музика на Фолтин

Кога се зборува за воздишки е речиси невозможно да се споменат љубовно-телесните воздишки. Како и низ претходните три воздишки, така и во оваа ја провлекувам ваквата определба на Воздишката. А и генерално гледано воздишките се поврзани и со телото и со љубовта. Тргнувајќи од тоа дека воздишката ја испушта орган кој се наоѓа на телото, па сè до тоа дека тој орган ги испушта воздишките кога чувствува физичка болка, кога се повредува, кога умира, кога раѓа. А испушта и воздишки кога се вљубува, кога се заљубува, кога цвета, кога живее.


Овонеделните воздишки ги исполнувам со поезијата на Снежана Стојчевска од стихозбирката „Празно место“, одлични фотографии на Стефани Караџовска и песната „Ела си в кревет“ на Фолтин од албумот „Пијан Славеј“.


1 – Поезија на Снежана Стојчевска


Стихозбирката „Празно место“ беше промовирана пред скоро. Во неа покрај циклусите „Во арената на животот“ и „Порака до себе“ е поместен и циклусот „Совршена стварност“ кој лично најмногу ми се допадна и сметам дека е најисполнет со поетското како такво. Па, кога се спојуваат човекот и поетското се случува совршениот свет, а кога тој се согледува и сознава се случуваат воздишки.


Па така од третиот циклус на „Празно место“ ги издвојувам песните „Без грешка“ и „Совршена глетка“ во кои се сочинуваат љубовно-телесните воздишки, а на нив ја додавам и песната „Чудото на раѓањето“ (од вториот циклус „Порака до себе“) која многу искрено ја пренесува воздишката на радосно-болниот чин на раѓање.


Без грешка

Како и секогаш, непогрешно

моето тело реагира на тебе,

моите гради добиваат форма на твоите дланки,

моето тело ја следи линијата на твоите желби.


Се испреплетуваме до недоглед

низ чаршафите на времето

и на момент каде почнува твојот ум,

а каде завршува моето срце.


Совршена глетка

Излегува од водата како што изгрева сонце,

потемнет Аполон, бакнат од сонцето.

Морските капки што се слеваат по него

се солзите на Венера.


Чудото на раѓањето

Зошто толку боли породувањето?

За никогаш да не заборавиш

дека си го посведочила

чудото на раѓањето.


2 – Фотографии на Стефани Караџовска


Добивањето на форма и восхитот од бакнатоста на сонцето се протнуваат и низ фотографиите на Караџовска. Во првата фотографија е видлива дихотомичноста на воздивнувањето – и од болката на заробеноста, но и од еротскиот момент. А во втората можеби и може да се види Венера-та од песната на Стојчевска, погоре.


3 – Музика од Фолтин

А каде се посведочуваат воздишките? Од раѓање до смрт, од љубов до плач – во кревет.




Comments


bottom of page