top of page
Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

Воздишки: Поезија на Бојан Станиќ од „Ајде уште еднаш“

На годинешниот саем на книга во прес центарот беше промовирана првата стихозбирка на младиот поет Бојан Станиќ насловена како „Ајде уште еднаш“, а во издание на издавачката куќа „Полица“.


Писателката Хана Корнети во рецензијата за стихозбирката вели: „Овие песни, граничејќи се со прозата, го доловуваат внатрешниот свет на човекот и човековата состојба - барањето значење, барањето љубов, барањето разбирање, барањето припадност и барањето смисла во тагата, смртта и потребата да не се заборави“.



Книжевниот критичар и асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Ведран Диздаревиќ во рецензијата вели: „Посебните песни, а и збирката како целина со релативен почеток и крај, ги определува јасна авторска идеја и визија, креативна и невообичаена замисла и прецизна и јасна изведба. На тоа може да се додадат и интересните интертекстуални врски што експлицитно (а уште повеќе имплицитно) проткаени низ структурата на збирката што дополнително ја продлабочува елаборацијата на поетската идеја и смислата на самите стихови“.


По повод излегувањето на „Ајде уште еднаш“ во продолжение објавуваме три песни од стихозбирката:


1.

Светилникот се издигнува

на сред триесет и седмото разочарување,

скриен зад далгите

на вечниот немир.


Трепери

и тивко вели:


„Ајде уште еднаш“


2. И немам татковина.

 

Не ни сакам да имам, добро ми е вака.

 

Мојот свет ми се изрони низ прстите,

беше кревок, сега е пепел,

молекулите на воздухот го здробија.

 

Јас сум крив, не требаше да го допирам,

или можда требаше да го приберам.

 

Наредниот ќе го градам внатре,

популација еден до двајца,

мала колиба во шумичка,

така нешто си викам.

 

И градина до колибата.

И цвеќиња.

 

И околу нас само дрвја.

 

Сами, заедно.

 

Без кралеви и кралици.

Без ѕидови и џелати.

 

И одвреме-навреме ќе ѕиркаме низ шумата

да не никне уште некоја куќарка.


3. Автономните пракси на големите водни површини


Со секој земен здив

во мене удира бран

од кој останува само пената

да ме скокотка по внатрешноста

додека водата се повлекува.


Да, морето не е ниту мирно

ниту чисто,

ама и нема потреба

од никој

и ништо.



 

Фото: Facebook профил на издавачката куќа „Полица“, од промоцијата на „Ајде уште еднаш“;

на фото: авторот Бојан Станиќ и промоторката Моника Стојановска

Comments


bottom of page