На почеток на оваа работна сезона на „Култура Бета“ објавуваме текст во рамки на рубриката „Воздишки“ за тоа што се случуваше на домашната книжевна сцена годината што одмина, но и што читаа нашите пријатели, другари, соработници и членови на „Култура Бета“ во 2023 година.
Оваа година беше навистина плодна за македонската книжевност, излегоа мноштво значајни книги од веќе познати писатели, но и повеќе книги од млади писатели кои во годината која измина дебитираа на книжевната сцена со своите првообјави.
Несомнено 2023 година за македонската книжевност беше во знак на академик Влада Урошевиќ. Уште на почетокот на оваа година тој го доби признанието „Роман на годината“ од фондацијата „Славко Јаневски“ за неговиот најнов роман „Вистинита но не многу веројатна историја на семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ во издание на „Арс ламина“, а набрзо потоа беше објавено дека тој е добитник и на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата. Во оваа година тој ја издаде и збирката раскази „Вонземјанки“ во издание на „Или-или“, а на почетокот на оваа година заедно со професорката Лидија Капушевска - Дракулевска беше објавена книгата по повод 100 години надреализам „Птици во аквариум“ во издание на „Полица“. Тука значајно е да се спомене и книгата на писателот Владимир Јанковски со разговорите со Влада Урошевиќ, „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ во издание на „Антолог“.
Покрај Урошевиќ, оваа година беше посветена и на 100 години од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов. По тој повод беа објавени неколку книги за Ацо Шопов меѓу кои и „Од онаа страна на небиднината: Разговори со Светлана Шопова за Ацо Шопов“ во издание на „Дијалог“ на Иван Антоновски, избор од поезијата на Шопов „Песна над песните“ приредена од Јасмина Шопова во издание на „Сигмапрес“, како и графичкиот омнибус „Небиднина“ од четворица аниматори и илустратори Жарко Иванов, Крсте Господиновски, Владимир Лукаш и Иван Ивановски во издание на „Флиб бук букс“. Покрај овие објави, беа организирани и мноштво настани меѓу кои балетскиот триптих „Молитви на моето тело“ и преведувачката работилница на песните на Шопов на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Исто така, значајно издание кое беше исто така посветено на Шопов е Антологијата на млада македонска поезија „Ново раѓање на зборот“ приредена од Весна Мојсова - Чепишевска и Иван Антоновски во чии рамки се застапени 42 млади македонски автори, а во издание на „ПНВ Публикации“.
Значајно е да се споменат и неколку важни поетски и книжевни фестивали кои се случија оваа година. Секако, 63. издание на Струшките вечери на поезијата, потоа 35. издание на Поетска ноќ во Велеството, третото издание на Скопскиот поетски фестивал, потоа и новите изданија на Артерија/АртАреа, Добри гости, Букстар и Друга приказна. Секако, тука, нескромнo, ќе ги споменам петте поетски епизоди во кафе-книжарницата „Буква“ кои ги организиравме со „Култура Бета“, како и првото издание на книжевните читања „Клинци“ во Europe House. Значајни се и книжевните настани на Филолошкиот факултет кои се случуваа оваа година – неколку поетски читања, објавувањето на првиот број од обновеното студентско списание „In medias res“, како и мноштвото промоции на книги и книжевни конференции што се случуваа на Факултетот.
На младинската книжевна сцена, исто така, имаше неколку значајни случувања. Покрај издавањето на антологијата „Ново раѓање на зборот“ со 42-цата млади поети (која имаше промоции на Струшките вечери на поезијата, Поетска ноќ во Велестово и Скопскиот поетски фестивал) и отпочнувањето на младинските и мултимедијални книжевни читања „Клинци“, се одржа и новото издание на „Отскочна даска“ во рамки на 3. Скопски поетски фестивал. Во рамки на на настанот се претставија 15 поети, а младата поетеса Дарија Јовановска беше избрана за најдобра и ги претставуваше младите на главната вечер на Скопскиот поетски фестивал.
Младите поети Викторија Ангеловска и Андреј Ал-Асади учествуваа на хрватскиот поетски фестивал „Стих у регији“ во Загреб, а учествуваа на промоција на Антологијата на македонската современа поезија „Пронајден збор“ („Pronađena riječ“) во избор и препев на Борислав Павловски, а издание на Хрватското друштво на писатели (ХДП). Набрзо потоа беше објавена и Антологијата на современа македонска поезија и во Србија, во избор и препев на Валентина Бактијаревиќ. Неколку наши млади автори (Ива Дамјановски, Павлина Атанасова и Андреј Медиќ Лазаревски) беа застапени во 46. издание на „Рукописи“, збирка што ја издава Културниот дом во Панчево, Србија, со поезија и проза од млади автори од просторите на поранешна Југославија. Во рамки на манифестацијата Антево перо, младата поетеса и писателка Милена Сиљаноска ја доби наградата „Антев златник“ за стихозбирката „Болопадание“, а младата поетеса Светла Јакшиќ и нејзината стихозбирка „Ноќен суфлер“ беа наградени со „Антев часовник“.
Значајно е да се споменат и објавите на младинската организација „Спознавање“ која во 2023 издаде два броја од истоименото списание за кое веќе пишував, како и четирите изданија на битолската организација за култура „Пондер“ кои го објавија првиот број од нивниот фанзин „Пондерзин“, како и три стрипа.
Во годината која одмина, по вторпат беше доделена и наградата „Штефица цвек“ на двајца македонски автори за нивните книги. Станува збор за романот „Водни тела“ на писателката Ана Аврамовска и збирката раскази „Вечерен автобус“ на писателот Стефан Алијевиќ.
Во 2023, како што веќе и напоменав, излегоа и неколку стихозбирки и прозни објави од млади автори кои ќе може да ги видите во продолжение и кои со задоволство ги предложуваме да ги прочитате, а веднаш потоа ќе може да ги прочитате и предлозите за книги од неколку наши автори, поети, соработници, активисти, новинари:
„Карпа во морето“ од Павлина Атанасова (поезија, ПНВ Публикации)
„Омарнина што омалаксува“ од Марија Велинова (поезија, ПНВ Публикации)
„Номадски затвори“ од Ивана Јовановска (поезија, ПНВ Публикации)
„Ноќта сѐ знае“ од Викторија Ангеловска (поезија, ПНВ Публикации)
„Мост“ од Дарија Јовановска (поезија, Феникс)
„Во хаосот радост“ од Калиа Димитрова (поезија, самостојно издание)
„Сложувалка“ од Васил Ханџиски (поезија, ПНВ Публикации)
„Песнило“ од Ива Петреска (поезија, ПНВ Публикации)
„Ронлива“ од Милена Сиљаноска (роман, самостојно издание)
„Град без сенка“ од Никола Наумовски (поезија, ПНВ Публикации)
„Петкамен“ од Нина Насевска (раскази, ПНВ Публикации)
„Издигнување“ од Игор Раиден (роман, Темплум, прва наградата на конкурсот за дебитантски прозен ракопис „Новите!“)
„Илина и шумските тролови“ од Хана Корнети (роман за деца, Или-или)
„Скрши што судбината гради“ од Гаја Смилевска (стрип новела, Флин Бук Букс)
Поразговаравме со новинарот Тони Димков, кој е еден од најактивните новинари во областа на културата и кој редовно ги следи културните и книжевните случувања во Скопје и низ Македонија. Тој во 2023 ја издаде и својата книга интервјуа и разговори „Рефлексии“ во издание на „Бегемот“. Тој ни предложи десет книги од повеќе автори и жанрови:
„Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ од Влада Урошевиќ
„Папокот на светлината“ од Венко Андоновски
„Траума и театар: Горан Стефановски“ од Мишел Павловски
„Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“ приредена од Јулијана Величковска и Славе Ѓорѓо Димоски
„Мина“ од Игор Анѓелков
„Живот без сведоци“ од Наташа Сарџоска
„Илина и шумските тролови“ од Хана Корнети
„Ронлива“ од Милена Сиљаноска
„Скопско хаику“ од Александар Прокопиев со цртежи на Маја Стефановска
„Видеологија 2“ од Златко Ѓелески
Поетесата и уредничка на феминистичката платформа „Медуза“, Калиа Димитрова, која во 2023 ја издаде својата втора стихозбирка „Во хаосот радост“ и која со „Медуза“ ја издадоа публикацијата со феминистички текстови, раскази и песни „Новите добри времиња“ ги предложи следниве наслови:
„Граѓанин: Американски лиризам“ од Клаудиа Ренкен
„Материјален живот“ од Маргерит Дирас
„На Земјата сме кратко прекрасни“ од Оушн Вуонг
„Аргонаутите“ од Маги Нелсон
„Малиот принц“ од Антоан де Сент Егзипери
Писателката, поетеса и главната уредничка во издавачка куќа „ПНВ Публикации“, Јулијана Величковска, која во 2023 заедно со поетот Славе Ѓорѓо Димоски ја издадоа панорамата на поезија пишувана од жени од преродбата до денес „Самодиви“, предложи дел од насловите на кои таа работела кои се издадени или ќе бидат издадени преку нејзиното издаваштво „ПНВ Публикации“:
„Карпа во морето“ од Павлина Атанасова
„Полето“ од Мартин Глаз Серуп
„88“ од Надија Реброња
„Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“ приредена од Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски
„Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“ приредна од Славе Ѓорѓо Димоски и Јулијана Величковска
„Добрината ги раздвојува денот“ и ноќта од Марија Дејановиќ
„Хиена! Хиена!“ од Фран Лок
„Химна“ од Ајн Ренд
„На околу два и пол часа од рајот“ од Имануел Мифсуд
„Санг“ од Ален Брлек
Поразговаравме на оваа тема и со Милена Сиљаноска, наш лик за месец јануари, која е поетеса, авторка и уредничка во издавачкиот центар „Три“ која како што веќе напоменавме во 2023 го издаде својот прв роман „Ронлива“ и за нејзината збирка „Болопадание“ го доби признание „Антев златник“, ги предложува следниве наслови:
„Пороен дожд светлина“ од Марина Цветаева
„Дервишот и смртта“ од Меша Селимовиќ
„Ex ponto“ од Иво Андриќ
„Дуински елегии; Сонети за Орфеј“ од Рајнер Марија Рилке
„Сè е некаде на друго место“ – дневникот на отец Александар Шмеман
„Браќата Карамазови“ од Фјодор М. Достоевски
„Малина“ од Ингеборг Бахман
„Света песна“ од Анте Поповски
„Водни тела“ од Ана Аврамовска
„Писмо за Глорија“ од Живко Грозданоски
Позборувавме и со еден од најпреведувание македонски писатели Петар Андоновски, чии книги во 2023 доживеаа преводи на неколку јазици, а покрај тоа што неговите романи „Очи со боја на чевли“, „Тело во кое треба да се живее“ и „Страв од варвари“ беа реизадени од издавачката куќа „Полица“, од печат излезе и неговиот нов роман „Не кажувам“. Неговите предлози се следниве:
„Случување“ од Ани Ерно
„Една жена“ од Ани Ерно
„Само страст“ од Ани Ерно
„Мали нешта како овие“ од Клер Киган
„Боите на разделбата“ од Бернхард Шлинк
„Кој го уби татко ми“ од Ердуар Луј
„Животот пред човекот“ од Маргарет Атвуд
„Историја на жените во сто предмети“ од Меги Ендруз и Џенис Ломас
„О, Вилијаме“ од Елизабет Страут
„Последниот сон“ од Педро Алмодовар
Победничката на „Отскочна даска“, Дарија Јовановска, која во 2023 ја објави својата дебитантска стихозбирка „Мост“ ги предложува следниве наслови:
„Шумот на времето“ од Џулијан Барнс
„Сината птица“ од Морис Метерлинк
„Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски (Рациново признание за 2023 година)
„Лајка“ од Адријан Алуј Георге
„Емигранти“ од Славомир Мрожек
„Браќа Карамазови“ од Фјодор Михајлович Достоевски
„Не кажувај никому“ од Гонџа Озмен
За крај на оваа рекапитулација на најзначајните книжевни случувања за 2023 година, нашиот тим подготви своја листа на книги кои ги предложуваме, а излегле минатата година или, пак, сме ги прочитале и ни оставиле впечаток, па во продолжение прочитајте ги и нашите предлози:
Марија Велинова: „Слободата чекори гола“ од Марам ал-Масри
Стефан Спасовски: „Вонземјанки“ од Влада Урошевиќ
Андреј Сивески: „Нечистотија“ (“Filth”) на Ирвин Велш (Irvine Welsh)
Васил Ханџиски: „Девојката што го спаси кралот на Шведска“ од Јонас Јонасон
Леонид Георгиевски: „Кафка на брегот“ од Харуки Мураками
Иван Николов: „Пепелник во еден хотел во Скопје“ од Славој Жижек
Марија Хана Трајкоска: „Лекување со Шопенхауер“ од Ирвин Јалом
А мој избор од книги што ми оставија најголем впечаток, а се од македонската продукција од 2023 година се:
„Песнапат“ од Владимир Мартиновски
„Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“ приредена од Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски
„Свет зад светот“ од Лидија Капушевска-Дракулевска
„Вонземјанки“ од Влада Урошевиќ
„Прости песни: на кого помислуваш кога смртта мисли на тебе“ од Александра Спасеска
„Од онаа страна на небиднината: Разговори со Светлана Шопова за Ацо Шопов“ од Иван Антоновски
„Ронлива“ од Милена Сиљановска
„Кабинет на чуда со ѕидови од огледала: Разговори со Влада Урошевиќ“ од Владимир Јанковски
„Ноќта сѐ знае“ од Викторија Ангеловска
„Полето“ од Мартин Глаз Серуп
Бонус трака: една многу важна книга за Скопје, „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман - Мултановска
Честитки на сите што стигнавте до крајот, повеќе читајте, пишувајте и пред сѐ читајте македонска книжевност, само така се сака јазикот!
Comments