„Спознавање“ е младинска креативна платформа која има за цел да им даде на младите и локални уметници, музичари, артисти да се претстават со своето творештво. „Спознавање“ како платформа функционира на два начини, првиот, постандарден за ваквиот тип на платформа, онлајн и вториот, што искрено многу ме радува дека се создава, „Спознавање“ како печатено списание кое квартално излегува од печат.
До сега, „Спознавање“ има издадено два броја од своето списание. „Се прашував дали доволно ги поддржуваме нашите локални уметници, но одговорот не дојде. Така, почувствував нагон да придонесам“ стои на последната страница од списанието. Ваквиот повик и порив на главниот уредник на списанието, Дарко Беровски, укажува на тоа зошто ваквите младински платформи се значајни и зошто мисија која ја имаат е многу значајна за локалната средина во која дејствуваат. А таа мисија на „Спознавање“ е да се создаде платформа за сите креативци, а читателите да се спознаат со уметниците.
Списанието го уредува лично Дарко, заедно со Ана Марија Мишачковска која е графички уредник и дизајнер на списанието. И веднаш, првиот впечаток што го добивате и од првиот и од вториот број на спознавање е графичкото уртедување и дизајнот што, наједноставно кажано, изгледаат прекрасно. И насловните страници, но и внатрешното уредување на содржините. И двете списанија низ содржините се испреплетени фотографии од млади, но веќе познати фотографи особено во круговите на алтернативната и млада македонска сцена – Никола Јовановиќ, Иво Велчевски, Немања Кнезевиќ, Бојана Јаниќ, Емилија Трајковска, Леон Шумански, Атанасија Гулевска и др.
Но, она што е најважно во списанието, се содржините внатре, особено интервјуата како клучен сегмент во списанието кои за цел имаат токму претставување на младите и/ли локални артисти, па може да се читаат интервју со The Local Blue, Перија, Хајка, Galatheia, Дина Јашари и Лука Тошев, Кои кои во првиот број и со Баклава, Зарина Првасевда, 21 век, Lelee, Funk Shui, Луфтанза, Димиш, Констракта и Калата во вториот број. Секое интервју се протега на 4 до 6 страници, а во нив има секогаш најпрво кратко запознавање со соговорникот кое никогаш не е само банално изнесување биографии, туку проникливо претставување, а потоа, бидејќи секогаш станува збор за музичари, има и нишка на осврт дадена кон нешто ново издадено од музичарот со кој се прави интервјуто, како и општи прашања поврзани со музиката, вкусовите за музиката, но и навлегување во некои детали од авторската музика која се прави. Авторот навлегува директно во суштината на делата на музичарите, никогаш не е површен, повеќе е апстрактен отколку конкретен и нуди еден општ преглед на развојот на македонската и/ли локалната музика со можност на детално запознавање на артистите.
Покрај интервјуата, во следните делови на списанието, се поместени запознавање со млади креатори на облека, накит, украси, како и уметност, па можеме да ги запознаеме Израз, DrawBox, АнаМарија Мишачкова, Laura Johanna Konig, Flow, Cava, Шиткавлес, Буба Солак, Introspection, Игралиште, Red, Матеа Грнчаровска, Artnok, Anart, Candlenest, З’ш да не, Кои и Пурпура. А и во двата броја се поместени и колумни од луѓе кои се некаков дел од младинската култура, па може да се прочитаат Иван Николов, Христина Велчевска, Мартина Даниловска, Марија Стефановска, Наталија Гагачева, Бисера Ѓуровска, Симона Паскоска, Наталија Гагачева и Софија Тодороска.
Читајте, поддржете ги и спознајте ги „Спознавање“. Многу се радувам што многу млади во поголем број стануваат активни и работат на тоа што се нарекува младинска култура. До следното читање…
Comments