top of page

Циклус млада словенечка поезија: „Чудни се месечините...“ од Ана Штулар

  • Стефан Спасовски
  • 12 minutes ago
  • 2 min read

Овој месец, поетската рубрика на платформите на „Култура Бета“ ја посветуваме на новата генерација словенечки поети и поетеси чии песни се поместени во антологијата со песни за војна „Крвав шах“. Во текот на целиот месец јули објавуваме неколкумина од застапените автори и авторки, а препевот од словенечки на македонски јазик го направи Стефан Спасовски.


„Крвав шах: песни за војна од новата генерација словенечки поет(ес)и“ (2026) е антологија во која се застапени словенечки поети и поетеси родени по 1990 година. Книгата е во издание на Словенечкиот ПЕН и Словенечкиот младински ПЕН како дел од одбележувањето на 100 години од Словенечкиот ПЕН. Антологијата е преведена на англиски јазик од Пино Пограјц, кој исто така е и уредник на изданието. Застапени се 39 песни кои ја прикажуваат младата поетска сцена во Словенија, нејзината посебност во однос на тематиката и стилот на пишување, но и силната општетсвена ангажираност.


Пролжуваме со поетесата Ана Штулар (2007) која што студира современ танц.


***

Чудни се месечините,

кои деновиве светат на Земјата.

Мајко, јас не спијам,

јас ја чекам пролетта.

Погледни го снегот што го мокри тлото,

што ги мокри алиштата и косата,

погледни ја темнината

од која сјае.

Погледни ги снегулките во брановите на мојата коса.

Голема тежина има во мене, мајко.

Не спијам.

Мајко, погледни,

кога сипувам дезинфекција врз раните

и наросувам сол и

не чувствувам болка.

Погледни, мајко,

што останува од мене.

Кога газам по снегот до дома

и ги собувам мокрите чорапи

не ми се прави веќе

ништо.

Чудни се месечините,

кои деновиве светат на Земјата.

Во собата е светло.

Јас не спијам

и мускулите на нозете

не можат да запрат со

грчење.

Мајко, погледни го телово, кое

никогаш не е опуштено

иако дома се веќе сите

заспани.


Comments


bottom of page