Романска квир поезија: Песни од Анисиа Ангел
- Култура β

- Jul 1
- 4 min read
Овогодинешниот Месец на гордоста, нашата поетска рубрика ја посветивме на младата романска квир поезија. Во текот на целиот месец објавивме повеќе автор(к)и кои пишуваат квир поезија на романски јазик. Изборот и препевот на песните го направи поетесата и преведувачка Анисија Ангел од Романија која го изучува и работи со македонскиот јазик, преводи и препеви на македонската книжевност, а од неодамна заедно со Елена Ѓорѓиоска ја приредија антологијата на млада македонска поезија на романски јазик која ја објави Лекторатот по македонски јазик во Букурешт. Во продолжение објавуваме токму нејзини песни и со тоа го завршуваме овој циклус!
на глобусе растут грибы и груши
сектор 2
циркусот глобус
правам акробации меѓу бруталистички камени столбови и воронецовосини [1] железа
и меѓу спомените
на првите повлечени димови
првите украдени погледи
првиот пат кога ми беше кажано дека сум меланхолична и го сфатив тоа како комплимент
имам и шест и дванадесет и осумнаесет години и коегзистираме
кога излегуваме како девојки
и се криеме под сините ливчиња на куполата
и си делиме по една на камената ивица
сакам да ја чувам како што ме чуваше нејзиниот мицелиум
кога врне и не сакам дома
сите патишта водат кон куполата
ми се допаѓа што е меланхолична и има очи како срна
и кога се смее небаре се смеам и јас за првпат во животов
подзнак во близнаци, секогаш е дете
а ние сакаме да ги чуваме децата
колку е убаво да гледаш дете како расте
колку е убаво да подариш живот љубов образование
колку е убаво да го држиш за рачето да го научиш учтивост
да го научиш англиски француски германски јапонски шпански руски
да изговарате заедно
а б в г д
а на глобусе можно найти все страны и определить,
где растут грибы и груши
да го донесеш кај куполата на циркусот глобус да му кажеш
ете сине тука си играла мајка ти кога била како тебе
тука порасна една голема печурка и го донесоа циркусот внатре
таму пораснаа круши кои ги чекавме да ни паднат од небото
да му ја читаш козата со трите јариња пред да заспие и потоа ти да си ја читаш зошто врие детето во палентата и полицата на последните издишки [2]
и да одиме сите тројца во бугарија
да се качиме на шипка
да ја видиме бузлуџата [3]
една купола вселенски брод
една печурка генетски модифицирана
која никна од источната меланхолија
и која е напуштена сега
како и нас што нè напуштија сите машки со своите авторитарни режими со сè
бузлуџата и ние тука
е доказот дека можеме и без нив
да сакаш значи да дозволиш да си променет
би те препознала меѓу илјада луѓе
иако многу ти се слични
би те препознала по боите на косата што ги промени пред да ме напуштиш
би те препознала по разнобојните џемпери
по беретките што повеќе не ги носиш
по чизмичките што ги носеше кога те водев да го гледаме зајдисонцето на ридот на митрополијата
одеше со мали чекори по камените сокаци
можеш ли? да, океј сум
деветнаесетта зима како бледото сонце ти ја осветлува топлата кожа и срнестите очи
во дваесет и првата седиме под светлината на маслената ламба пиеме греано вино и чувствувам како да ми сте родители
и за скоро ќе ме напуштите
и еве сега се преправам дека не те препознавам каде и да те видам
не сакам никаков визуелен контакт и да ме гледаш како што го гледаше она кученце
кое сакаше да ти седи на градите и да ми остане како слика која си ја ставам како позадина
тоа е скоро единственото нешто што остана исто
погледот, а не очите
сега на сликите имаш зелени леќи
се претворате еден во друг
не знам кој од вас е повеќе ти
особено сега откако ве видов
и тој ја носеше чантата што ти ја подарив
румена како твојата ролка како ѕидовите на мојата куќа
циглите на универзумот, гледај како се уриваат сите
чантата што ја носеше денот кога ме напушти
сега кожата ѝ е збрчкана како на старите, има повеќе дамки и ременот ѝ е скинат
се гледа дека била многу носена и дека носела многу
да сакаш значи да носиш многу тежини
да сакаш значи да дозволиш да си променет
и да се менуваш
како што си ја сменила бојата на косата и очите.
[1] Специфична нијанса на сина боја којашто потекнува од ѕидовите на манастирот Воронец во Романија
[2] De ce fierbe copilul în mămăligă (Зошто врие детето во палентата) и Raftul cu ultimele suflări (Полицата на последните издишки) се единствените книги на авторката со романско потекло Аглаја Ветераниј.
[3] Бузлуџа е бруталистички споменик во Бугарија.
Анисија Ангел (р. 2002, Букурешт) дипломирала јапонско-руска филологија на Факултетот за странски јазици и книжевности при Универзитетот во Букурешт. Магистрантка е и истражува од областа на применетиот руски јазик – Техники на преведување. Пишува поезија од 2020 година и нејзини песни се објавени во повеќе дигитални и печатени списанија, како и во поетскиот зборник „Мажи се врзуваат за мојата светлина, јас палам неонски светла“ (Декопертат, 2023). Преведува современа македонска поезија и проза. Во 2025 година учествувала на Поетската ноќ во Велестово, а во 2026 излезе од печат двојазичната антологија на најмладата македонска поезија препеана на романски, Poezia mea se aruncă de pe pod - Мојата песна се фрла од мост (Carminis, 2026) во чии рамки работела на изборот и препевот на песните.




Comments