top of page
Writer's pictureКултура β

Црното сонце на Ацо Шопов - чувар на кафезот од време

1.За циклусот и збирката

Циклусот насловен како „Црно сонце“ е составен дел на збирката „Гледач во пепелта“ (1970), а впрочем и нејзин последен дел кој се состои од три песни. Првата е насловена: „Црно сонце“, втората носи наслов: „Пак црно сонце“, а третата: „И уште еднаш црно сонце“. Во збирката има и три други циклуса: „Долдо доаѓање на огнот“, „Гледач во пепелта“ и „Црни коњаници, бели коњици“. Во сите нив може да се забележи провлекувањето на тие песимистички мотиви распнати помеѓу двојната природа на огнот – истовремено живот и раѓање, како и уништување и усмртување. 


Така на пример од „Долго доаѓање на огнот“, би сакала да издвојам стихови од песната „Љубовта на огнот“ во кои се гледа дихотомноста:


Се препелка огнот во кафез од време,

на полноноќно сонце зрее црно семе.

Сам од себе огнот оган вечен краде,

љубовта на бодеж своја да ја даде.


Исто така се спомнува и полноноќното сонце на чијашто површина зрее црно семе, па можеме да кажеме дека овде е зародишот на црното сонце кое ќе се појави на крајот на збирката. А во песната „Долго доаѓање на огнот експлицитно се спомнува и црното сонце во стиховите:


Во себе копај, под својата кожа,

под црното сонце на трите ножа.


2.Атопичната природа на насловот „Црно сонце“

Ако започнеме со анализа на циклусот „Црно сонце“, не можеме, а да не ја забележиме атопичната природа на насловот. Односно, насловот е оксиморон и оттаму можат да произлезат повеќе значења. Бидејќи сонцето само по себе е топло, убаво, неопходно за живот, го поврзуваме со позитивни епитети. Тоа дава светлина, а кај Шопов е црно. Црнината ни ги превртува сите претходни асоцијации со сонцето како концепт и нуди разјадливо поетско доживување кај читателот.


Потсетува на сонце кое замира, нешто спалено, но догорено и секако на апокалиптична сцена каде сонцето се смрачило, па ги пали лицата на последните живи. Можеме да кажеме дека е отелотворување на Танатос. Сонцето кое било неопходно за живот, сега станува причина за смрт и догорува сѐ на светот.


3.Првата песна од циклусот

Сите апокалиптични слики коишто се наредени во претходните песни од збирката, кулминираат во последниот циклус. Естетичарот Георги Старделов, кој во своето дело Небиднината го има проучувано опусот на Шопов, ова негово дело го споредува со апокалипсата во Библијата. Конкретно делот „Црно сонце“ го поврзува со разделот „Катастрофа во вселената“ во кој се вели: „Тогаш се случи силен земјотрес. Сонцето поцрне како црна облека, а месечината поцрвене како крв. Ѕвездите од небото испопаѓаа по Земјата, како што паѓаат смокви под дејство на силен ветер. Небото се свитка како хартија и исчезна, а сите планини и острови се изместија.“


Токму и Шопов во првата од трите песни започнува со поставувањето на четирите одредници за простор и посочува дека:


Ни исток имаш црно сонце, ни имаш запад,

ни небо за молитва ни земја за напад.


Со ова се поставува основата за апокалиптичната слика која подоцна ќе биде надоградувана со описи како тревите се веднат и дрвјето трчаат боси.


Од поголемото спомнување можеме да заклучиме дека евидентно е присутен бројот три со неговата симболика. Ова се гледа по тоа што има уште три останати циклуса, како и трите песни посветени на ‘црното сонце’. Исто така претпоследниот дистих гласи:


О песно, земјо, жено, о живот и смрт ведно

сѐ што ми носиш денес сам ќе го испијам жедно.


Овде можеме да го забележиме описот на ‘црното сонце’ како песна, земја и жена, три сегменти кои се прилично присутни и важни за поетиката на Шопов. Додека, бројот три, во духот на целата збирка „Гледач во пепелта“ може да се сфати во христијанска конотација, како посочување на Светото Тројство, кое би требало да го чува поетот од апокалипсата.


4.Втората песна од циклусот

За втората песна во циклусот насловена „Пак црно сонце“, препознатливи се контрастите и оксимороните. Како на пример: „раскошна гробница и вода сува“. Двапати се поставува прашањето: „Од какво измислено царство доаѓа сонцето, алудирајќи на задгробниот свет, местото кое се зема како извор на мрачни сили и појави, какво што е и самото ‘црно сонце’“.


Во однос на бројот три, споменато е ‘триглаво сениште кое е излезено од таа гробница заедно со сонцето. Ова сосема потсетува на кучето Кербер, споменато во Дантеовата „Божествена комедија“, при претставувањето на пеколот, а кое е чувар на третиот круг.


5.Третата песна од циклусот

Песната „И уште еднаш црно сонце“, уште во насловот започнува да ја покажува градацијата која потоа е присутна и низ целата песна. Со наизменичното редење на сврзникот и, со полисидентонот, неспорно се засилува сликата која се гради од првата песна. Но, овојпат во друга конотација. Односно, сега се споредуваат елементи од нашето опкружување за да се покаже модерниот самодеструктивен и апокалиптичен свет. Поетот, со ‘црното сонце’ ги споредува ископаните очи од старите фрески, потоа тагата на песот низ приградските населби што квичи, целата земја, метежна, а јасна.


Кога станува збор за бројот три, овде се споменува на две места:


И трите, црно сонце, нашите три сина

жедни сред лозја, лозници и вина.

....

И трите мои рани – трите неизречени збора


Тројцата синови кои чекаат жедни сред лозја, лозници и вина се поврзуваат со синот од Светото Тројство, чија крв е виното, односно, имаме опфатено уште еден христијански момент.


Песната, а воедно и збирката „Гледач во пепелта“, завршува со стиховите:


О црно сонце, огну на есента касна,

светлина капе врз нас од ѕвезда што одамна згасна.


Уште еднаш ни се алудира на библиската слика за апокалипсата во која врне огнен дожд. И како што Данте го завршува секој дел од „Божествената комедија“ со зборот ‘ѕвезди’, така и овде се завршува со „ѕвезда што одамна згасна“. Ако кај Данте крајот асоцира на неговата надеж за вивнување нагоре, ова може да се поврзе со она: „Засекогаш откажи се од надеж“, кое стои на портите на пеколот, бидејќи кога апокалиптичниот оган ќе започне, навистина треба засекогаш да се откажеме од надеж.

Comments


bottom of page