Прашањата за љубовта, за нејзините граници, за моралноста во љубовта, како и согледбите на женско-машките односи, ситуирањето на љубовта и на љубовните врски во патријархалното општество, како и прашањата поврзани со љубомората, чесноста, искреноста се прашања кои се третирани од уметноста, од книжевноста, од филмската уметноста, од Гилгамеш и Илијада до секое лесно љубовно романче за читање на плажа, во философијата од времето на Платон во Гозба и Аристотел во Никомахова етика преку секој философски класик како Киркегор, Шопенхауер, Ниче, од секој филмски класик како Буњуел или Годар до современиот филм до современата уметност која креира нови серии како Ти (You) и филмови како Неочекувана среќа (Coup de Chance) на Вуди Ален. Но секогаш врти едно прашање: кога претставувањето на темата на љубовта во уметноста станува клише, кога темите на љубовта стануваат „нешто веќе видено“, кога овие теми стануваат досадни, банални, претерани…?
„Фани и Жан се навидум совршен брачен пар – обајцата се професионално остварени, живеат во прекрасен стан во ексклузивна населба во Париз и се чини дека се вљубени исто како и првиот ден. Но кога Фани случајно наидува на својот поранешен соученик, Алан, сосема го губи умот. Наскоро повторно се гледаат и почнуваат да стануваат сè поблиски и поблиски…“ стои во синопсисот на филмот Неочекувана среќа објавен на веб-страницата на фестивалот на европски филм Cinedays, фестивал кој беше затворен со овој филм на Вуди Ален. Но синопсисот прикажува само еден мал дел од содржината на филмот, го дава само почетокот на филмот, иницијалната каписла на кулминацијата на сценариото и, да, вака кога ќе се погледне синопсисот може да се добие впечаток дека филмот е лесна и романтична драма и нималку не е прикажана неразбирливата потреба на режисерот да додаде малку трилер-драма момент на целата приказна. И гледајќи го филмот не може човек да не помисли дали Вуди Ален ја бинџал серијата You на Нетфликс пред да почне да го прави неговиот најнов филм. И не само тоа туку и дали му се допаднала серијата и дали можеби малку се инспирирал за љубовната приказна меѓу Фани и Алан да биде зачинета со малце трилер, малце убиства, малце клише љубомора итн.?
Имено, во приказната откако Фани го среќава на улица во Париз својот поранешен соученик и кога ќе се развие силна љубовна врска и откако нејзиниот маж ќе дознае за нејзната вонбрачна врска решава да ги викне истите луѓе кај кои го нарачал убиството на неговиот бизнис-партнер, да го убијат партнерот на неговата сопруга. Секако убијците имаат потекло од балканските држави (ете, филмот зачинет и со шеги базирани на предрасуди) и, секако, го ставаат телото во торба и со авион го испуштаат во Атлантикот. Супер бизарно! Откако Алан бива фрлен на дното на океанот, откако бракот на Фани и Жан ќе се врати „во нормала“, тогаш мајката на Фани која дознава за неверството на нејзината ќерка почнува да се сомнева во исчезнувањето на Алан особено откако ќе дознае и за сомнителните околности околу исчезнувањето на бизнис-партнерот на нејзиниот зет. За сето ова да биде уште побанално или позабавно, Жан решава повторно да ги повика убијците и да исценираат убиство на мајката на Фани која „несреќно“ треба да настрада во лов бивајќи „случајно“ убиена во шумата околу викендицата на Фани и Жан. Да скратам, на крајот пред мајката на Фани случајно да биде убиена, други ловџии навистина случајно го убиваат Жан и тука филмот завршува со еден банален цитат од недопишаната книга на Алан што доколку изгенерализираме може да гласи „Случајности нема, кармата секогаш стигнува!“.
Серијата You ја следи приказната на еден книжевник кој запаѓа во длабоки љубовни врски со различни жени и попатно ги убива сите луѓе што застануваат на патот на врската со тие жени, како и самите жени на крајот кои го прават неиздржливо љубоморен и убиството му е спасот. Секако дека тука од манично заљубен главниот лик се трансфомира во сериски убиец кој се задоволува од убиствата – но во серијата тој пресврт се случува многу поелегантно, многу поинтересно, многу понеочекувано, многу понепредвидливо од начинот на кој тоа е направено во филмот на Вуди Ален. Но главната идеја е слична, да не речеме премногу слична, бидејќи љубомората кулминира во убиство, убиството во серија убиства. Но во филмот на Вуди Ален сето тоа е премногу очекувано и уште на половина филм е јасен крајот – имено, главниот антагонист страда на крајот и бива убиен, правдата бива задоволена, кармата секогаш стигнува!
Прашањето за љубовта, љубомората, границите на љубовните врски се третирани низ целата уметност. Љубовта е неисцрпна тема за творење, само секогаш се менува оној кој сака и оној кој е сакан. Но што правиме кога третирањето на љубовната тема станува клише, очекувана, нешто што е веќе видено? Тогаш добиваме ваков филм. Филм со брза, интересна, игрива нарација, но со крајно некреативни решенија. Филм со добра камера, супер кадрирање, одлично решавање на боите, како и локациите, но со крајно некреативна тема за работа на филм. Филм што рандом се пуштил на Нетфликс, предложен по завршувањето на бинџањето на You додека си станал да земеш нова тура чипс и вода. И на крајот, што се случува со познативе режисери што последниве години не успеваат да извадат ниту еден квалитетен филм (Совршен број на Зануси, Затвори ги очите на Ерисе, Покров на Кроненберг и Неочекувана среќа на Ален) – што?
Comments