Диме Данов ‒ режисер и сценарист на поетските филмови „Пиколомини“ според песна на Радован Павловски, „На ракавот на градот“ според песна на Ивана Јовановска, „Кратка песна за Скопје“ според песна на Исток Улчар и „Јас не сум“ според песна на Ѓоко Здравески, за проектот „Стиховно мапирање на Скопје“ што ќе бидат проектирани на 1 септември со почеток од 21 часот во кафе-книжарницата „Буква“ во рамки на 2. „Скопски поетски фестивал“.
1. Што мислите за жанрот поетски филмови/видеа?
‒ Сметам дека е важно да се твори во овој жанр на филмот, поради слободата што ја дозволува. Поетскиот филм бара неконвенционални решенија на креативните прашања. За нас како автори ова е одличен предизвик бидејќи ни дозволува да ги истражуваме способностите на медиумот. Добар пример за ова се филмовите на Мен Реј (Man Ray) и Ханс Рихтер (Hans Richter) кои за своите поетски филмови не користат никаков наратив, туку ни пренесуваат значење со подредување на симболични елементи, кои во секвенца даваат единечна поетска слика. Особено е важно да се творат критички издржливи дела во овој жанр, и во жанрот на експерименталниот филм, за да се растерети жанрот од патетиката што често го обзема. Покрај тоа, создавање визуализација за постоечки дела е само по себе одлична вежба за сите филмаџии.
2. На какви предизвици наидовте додека работевте на филмовите?
‒ Се разбира првиот филмаџиски предизвик е буџетот. Единственото што го имаме во вакви сценарија е мрежата од колеги и контакти коишто можат да ни помогнат со опрема, со локација, со глума, со музика итн. Филмот, сепак, е нешто што бара тимска работа. Изработка на каков било филм без значајна поддршка е голем предизвик. Ја имав среќата да имам баш таква мрежа преку којашто можев да се снабдам со она што ми е потребно. Недостигаше уште факторот на времето да биде во моја полза.
3. Што ви беше најубаво во процесот на работа на филмовите?
‒ Можноста да се нурнам во водите на експерименталниот филм. Филмовите што ги работев се под силното влијание на Такаши Ито (Takashi Ito), и звучните експерименти на Алвин Лусиер (Alvin Lucier).
Диме Данов е роден во 1996 г. во Неготино, Македонија. Автор е на стихозбирката „Меч од мечти“ (2021, ПНВ Публикации). Негови песни се објавени во неколку печатени и електронски домашни и странски книжевни списанија во препев на српски, на англиски и на грчки јазик, како и во антологијата „Гласови на новиот век: панорама на поновата македонска поезија“ (ПНВ Публикации, 2018), Учествувал на повеќе поетски читања и фестивали во земјата и во странство, како што се: „Поетска ноќ во Велестово“, „Скопски поетски фестивал“, „Астални проекции“, ,,Бесни песни“ и „100 000 поети за промена“. Диме Данов е и фотограф и има освоено неколку значајни награди за фотографија.
Comments