top of page
Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

„Ефтеркланг: Македониум бенд“ потсетија колку убав може да е МКЦ: Отворен „Cinedays 2024“

Вчеравечер во паркот на Младинскиот културен центар беше отворено 23. издание на меѓународниот фестивал на европски филм „Cinedays“ со македонска премиера на филмот „Ефтеркланг: Македониум бенд“ во режија на Андреас Јонсен, а во продукција на МКЦ, Rosforth и Rumraketz, кој беше проследен со концертот на Ефтеркланг: Македониум. 


„Ефтеркланг: Македониум бенд“ е приказна за креирање на еден голем бенд наречен Ефртекланг: Македониум каде членуваат составот на данскиот бенд Ефтеркланг, женскиот младински хор при МКЦ и македонските музичари и културни работници Стефче Стојковски, Дејан Спасовиќ, Дина Јашари, Ива Дамјановски, Мартина Баракоска и Јане Трајковски. Филм полн со хумор, полн со човечката и искрена нишка за макотрпната работа во културата, но и филм посветен на најважниот споменик на македонската слобода – крушевскиот Македониум. 



Во филмот е прикажан еден интересен експеримент на едно место да се соберат македонски музичари кои заедно со данскиот бенд, во една недела, ќе подготват перформанс пред Македониум во Крушево. Приказната во филмот е поставена на неколку нивоа посветени на неколку различни аспекти: првин, во фокусот на целиот филм е споменикот Македониум, кој е главна нишка што ја води приказната на филмот – тоа е видливо од самиот почеток на филмот со цитатот од Тоше Проески, од претставувањето на значењето на Македониумот од страна на тимот на МКЦ, од констатацијата на членовите на бендот дека го сфаќаат значењето на споменикот кога гледаат дека е присутен насекаде (дури насекаде и во вилата на претседателот). Втора важна нишка во филмот е што целиот филм може да се гледа и како посвета на макотрпната, луда и тешка работа во култура во Скопје и Македонија, како и посвета на сите идеи кои македонските културни работници пробуваат да ги остварат наспроти сите системски препреки. Ова е највидливо кај Грга, кој во филмот во неколку емотивни изблици зборува за овие работи, како и задоволството прикажано на крајот на филмот кога перформансот конечно се остварува. Третата најголема и најопшта нишка е приказот на слободата која се чувствува во целиот филм, од почеток до крајот – имено, со целата работа на Ефтеркланг со македонските музичари и музичарки, запознавањето со нивната музика, како и неколку кадри со меланхолични сцени на музицирање во природа, Ефтеркланг потсетува на слободата и дека таа постои. Филмот, секако, може да се гледа и како музичко-документарен филм посветен на бендот, а може да го гледаме и како еден чекор напред кон враќањето на животот во МКЦ што вчеравечер малку и се почуствува.


Но вечерта не заврши со проекцијата на филмот туку, напротив, тоа беше само почеток. Веднаш по филмот, на сцената во Паркот МКЦ, настапија во живо Ефтекланг: Македониум и го станаа преполниот парк на нозе. Настапот кулминираше со „најголемото оро на светот“ кога речиси цела публика се фати на оро (или circle dance како што го најавија од Ефтеркланг) на народната песна „Бело лице имам“ што данскиот бенд ја свиреа со македонските музичари. Вечерта заврши со диџеј сет на Фиц на платото пред МКЦ.



Преполниот парк во Младинскиот културен центар, убавата атмосфера, враќањето на животот во МКЦ потсетија колку може МКЦ да биде убав! Со премиерата на „Ефтеркланг: Македониум бенд“ се отвори 23. Cinedays, но се надевам дека се отвори и една нова приказна во која МКЦ продолжува со својата слобода. 


 

Фотографиите се преземени од официјалната facebook страница на Младсинскиот културен центар



Commentaires


bottom of page