top of page

Го зборевме ова? :: Добрите приказни од лошиот град

  • Writer: Калина Качоровска
    Калина Качоровска
  • 1 hour ago
  • 6 min read

Драга моја Ангела, 


Во последнава недела многу мислам на она за што ти пишуваше во последното писмо, многу мислам на локумот, на нашите конкурси, на фондовите од ЕУ и САД, на разочарувачките резултати, на она што сме го изгубиле, на она што ни го одземаат, на нашето оддалечување, на разделбите и на заминувањето. Но, знаеш што? Истовремено мислам и на тоа како веќе немам ништо ново да додадам на тие теми. Сега ќе ти раскажам зошто и како. 


Бев дојдена во Скопје на две недели, во тој чуден преод од едниот до другиот семестар. За време на тие две недели, главниот фокус ми беше на правење интервјуа за мојата магистерска, чиј предмет на истражување е, меѓудругото, Скопје. Па, така, имав неколку прекрасни разговори за градот. Нема да споделам што зборувавме, зашто, сепак, нели, за тоа ќе пишувам во друга, малку посериозна прилика, но ќе споделам една поента која случајно се појави во два од разговорите. Секако, кога зборуваме за Скопје, за Македонија, еве, нека биде и за Балканот, како што правиме јас и ти, едно е јасно и едно е очекувано - тука не чини. Оттука, јасно е дека во најголем дел од интервјуата кои ги правев, моите соговорници и учесници во истражувањето, пред сѐ, го критикуваа градот. Нормално, тоа е дел од причината зошто го истражувам Скопје, зошто го сметам вредно за анализа, баш затоа што има толку работи што не чинат, а поради тоа и толку многу работи што има да се кажат. Знаеме дека е гнасно, знаеме дека е загадено, знаеме дека немаме култура, знаеме дека ни ги снемува просторите, знаеме дека сѐ што вреди го туркаме настрана, знаеме дека се гради нелогично, знаеме дека Скопје 2014 го уништи градот, знаеме дека не се грижиме за она за кое треба да се грижиме, знаеме дека владее урбаната мафија, знаеме дека се вози брзо и диво, знаеме дека јавниот превоз не функционира, знаеме дека не сме фини еден со друг и така натаму, и така натаму… до бескрај. Јасно ни е, ова го знаеме сите. И добро е што е така! Добро е што сме критички настроени, добро е што сме свесни за неправдите кои се случуваат пред наши очи. Но, Ангела, двајца од моите соговорници беа критични токму за оваа критичност, и тоа ме замисли многу. Нивната поента беше дека ова постојано плукање по градот (во случајов), жалењето и лошите вести од коишто сме отруени, наместо да нѐ мотивираат и направат борбени, во суштина нѐ прават уште попасивни и понезаинтересирани. Да, лути сме што ништо не чини, живеењето тука ни е непријатно, но си тлееме во таа гнасотија и грдотија и си чекаме да помине уште еден гнасен и грд ден. Решението на ова, лекот, според моите соговорници, се добрите вести и убавите приказни, коишто, верувала или не, ете, сепак постојат! Затоа, овојпат ќе ги послушам, и ќе зборувам за позитивните нешта кои (ми) се случија во Скопје за време на моите две недели таму. 


Ќе почнам со она што ми остави најголем впечаток, а тоа е секако новиот музички фестивал „Ре-старт“, што на 6-ти и 7-ми февруари во Лабораториум го имаше своето прво издание. „Ре-старт“ е фестивал кој го организираат Симон, Лука и Гого, дечките од бендовите кои нашиот другар Андреј ги нарекува „новиот бран на новиот бран“, со помош на нивните постари другари и колеги од „Гола планина“. На фестивалот настапуваа седум бендови од истиот овој бран (и „Животни“, кои иако се нов бенд, сепак би ги сместила во стариот бран на новиот бран) и сите згазија! Но, покрај самата музика, што несомнено ме воодушеви (слушајте го новиот албум на „Големата вода“ и двата сингла на „Малард“!), она што ми остави најголем впечаток беше тоа колку многу млади луѓе имаше! Повторно, кога велам млади, сфаќам дека веќе на зборувам баш за нашата генерација, туку за оние кои сега се во средно. Долго време мислев дека поради отсуството на квалитетна програма во МКЦ,  денешните средношколци немаат каде да се поврзат со нешто што е надвор од мејнстримот, дека нема каде да слушаат добри бендови, немаат каде да се дружат, немаат каде да зборуваат за тоа како ќе го сменат светот. Колку ми е мило што не сум била во право! Претпоставив дека ќе има многу (млади) луѓе на фестивалот уште кога одев накај Лабораториум и поминував низ ГТЦ. Во секоја од трафиките имаше еден куп млади кои си купуваа мали шишенца евтин алкохол за да пијат пред свирките, ко што им личи средношколци. Кога дојдов до Лабораториум, целото паркче беше преполно со луѓе, дел од нив за мене познати, но најголем дел, на мое големо изненадување и задоволство, беа млади луѓе кои воопшто не ги познавав! Уште тогаш знаев дека ќе биде прекрасен викенд, прекрасен фестивал и прекрасен настан на кој искрено му посакувам долга и плодна иднина – и навистина беше. Се почувствував како и јас да сум во средно и да сум на свирка во МКЦ, што е важно, затоа што баш тогаш организаторите на култниот фестивал „Земјотрес“ најавија дека тој нема да се одржи годинава (иако традиционално се одржува токму во тој викенд од февруари), поради, како што велат тие „значителниот удар“ што го добиле од нивниот институционален партнер – МКЦ. Но, тука ќе си дозволам грубо да го цитирам Мартин Џорлев кој за време на настапот на „Животни“, слично на она кое го споделија моите соговрници од интервјуата за магистерската, повика на тоа наместо да се жалиме за „Земјотрес“, да се радуваме за „Ре-старт“ и да му посакаме уште многу фестивалски изданија. 


Во оваа насока, нескромно од моја страна, би сакала да ги спомнам и двете работилници кои ги направивме во втората недела од февруари. Прва беше работилницата за мапирање на културни простори во Скопје (водена од мене и од нашата Хана), каде целта ни беше иста како и поентата на ова писмо. Сакавме, наместо тагување по просторите кои ги снемува или кои никогаш не сме ги ни имале, да ги идентификуваме оние кои постојат, да ги категоризираме и ставиме на мапа што потоа јавно ќе ја споделиме. Целта е да го искористиме она што веќе го имаме, a, Ангела, виде и самата, имаме толку многу! Оттука се навраќам на идејата со која почнувам, а тоа е дека она кое оваа работилница ми го докажа е дека моите соговорници беа во право и дека жалењето навистина нѐ прави попасивни. На пример, еве, се затвори „Буква“ на нејзината прва локација. Сосем легитимно е да ни биде криво и да тагуваме за простори што толку ги сакаме и толку ни значат. Но, не смееме да дозволиме тоа тагување да нѐ доведе до ситуација каде, на пример, веќе не правиме настани затоа што ни го затвориле местото каде што обично сме правеле настани. Затоа, важно е да ја надминеме таа болка со цел да не се заглавиме во неа и наместо тоа да се обидеме да најдеме други решенија, кои, како што се покажа, навистина ги има. 


Баш затоа морам да ја спомнам и презабавната работилница за надреалистичка поезија што ја водевте ти и Марија, за првпат во, за нас нов простор – „Комбо“. За ова место имам еден куп убави зборови, исто како и секој човек кој го посетил. Но, она кое што за мене е најкарактеристично за „Комбо“ е неговата локација. Колку е убаво да отидеш на културен настан, еве, на работилница, на базар, на промоција, на книжевно читање, на свирка, на што било, надвор од Центар! Да, тука би можела да се пожалам дека ми е тешко да стигнам до Железара, дека морам да менувам два автобуси што секако ретко доаѓаат, но не сакам да се жалам, затоа што тоа време не е ништо во споредба со прекрасната атмосфера која ја чувствувам кога ќе дојдам таму. 


Вашата работилница се одржа во сабота, на Валентајн/Св. Трифун и беше само еден од неколкуте настани што тој викенд се одржаа во „Комбо“ и библиотеката „Невенка“. Во саботата покрај „Култура Бета“, работилница имаа и „Медуза“, на која се пишуваа љубовни WLW писма, како и Ана Тодоровска која во неделата одржа работилница за колажи. Целодневен настан на 14-ти февруари имаше и анархистичкиот колектив „Смоква“. Под мотото „Љубовта е бунт“, во социјалниот центар „Дуња“ имаше, исто така, работилница, овојпат за пишување анархистички писма во соработка со „Скопје колаж колектив“ и Мракизам (повторно Ана Тодоровска), беа изложени книги за позајмување од страна на „Контра библиотека“, имаше дискусија за љубовта во ова капиталистичко, патријархално време, проекција на филм и музички избор на Дона. Кога ја прочитав програмава и кога отидов на настанот, си помислив колку е убаво што, вака или така, живееме во град каде овој консумеристички празник можеме вака да го „прославиме“. Саботата ми беше последен ден во Скопје. И покрај сѐ, си заминав задоволна, со чувство дека во тој град сѐ уште има олку убави приказни за раскажување, олку убави настани за посетување и олку убави работи за учење.


Си дојдов во Варшава, во Полска, после осум непрекинати месеци на Балканот. Температурата тука од крајот на демекври е многу под нулата, па телово ми е во шок, ама има еден куп убави работи што овде ме чекаат. Можеби во следното писмо ќе ти раскажам некоја убава приказна од европскиот север. До тогаш, биди ми добра!


Со љубов,

Калина



bottom of page