top of page

ГО ЗБОРЕВМЕ ОВА? :: Каде (ни) се новинарите?

  • Writer: Ангела Бошкоска
    Ангела Бошкоска
  • 3 days ago
  • 6 min read

Драга моја Калина,

 

Со почетокот на новиов семестар и поради твоето скорешно (но сигурно не и последно) одење од Балканот, периодов често мислам на заминувањето и на последиците од секое заминување. Колку повеќе мислам, толку појасно гледам како сите чекаат да заминат (од) некаде: на одмор, на викенд, на летна работа, назад во Германија, на работа во Шведска, во новиот дом некаде во Европа, во Америка, на Work & Travel, на постдипломски студии. Наскоро и јас ќе (треба да) заминам од факултет. Заминуваме. А, кога ќе стигнеме, што?


***


Пред една недела, новинарот Александар Видиновски на неговиот Инстаграм профил објави видео во кое шета низ руинираната сала на УКИМ вредна 2,5 милиони евра. Освен што се снима себе си и кажува дека салата конечно почнала да се чисти за да може да се санира, ги снима и стручните работници отидени таму најверојатно за да ја проценат штетата. За салата, сместена зад општествениот кампус на најстариот универзитет во државава, првпат пишував во ноември 2022 година – еден месец откако почнав со студии, додека работев во Радио МОФ. Оттогаш, за салата пишував уште во неколку наврати, а репорти давав со стартот на секоја академска година.


Во септември 2024 откако универзитетот најави дека ќе се реконструира, бев да ја проверам состојбата и да направам нови фотки. Еден колега – бидејќи секогаш викав некој со мене; искрено малку ми беше страв да не ме нападне некој во огрoмниот објект со скршени врати и прозори – ми рече: „Ангела ти ќе завршиш факултет, а салата уште нема да се реновира!“. Не сакаше да ми рече дека џабе пишувам, туку се зезавме за фактот што откако се запознавме јас секоја година се надевам дека некој ќе дојде да ја процени штетата и дека студентите од четирите факултети нема да мора да одат на Машински за да имаат настава по Спорт и здравје. Во 2022 се сеќавам дека ги разгледував програмите на овие факултети и изброив дека предметот е задолжителен на 21 катедра. Можеш да замислиш колку генерации минале без да стапнат во она што се најавуваше како „ултрамодерен објект“ во времето на Груевски?


Иако звучи лудо, колективно го надминуваме тоа. Професорите мора некаде да одржат настава, студентите да положат. Проблемот е што уште се најавува санацијата на оваа сала. Ако во 2024 од УКИМ најавија дека се обезбедени средства за реконструкција, во октомври 2025 лично министерот Борко Ристевски уште еднаш најави 54 милиони денари за реставрација. Видеото на Видиновски покажува дека има работници, но кога ќе почне реконструкцијата сѐ уште не знаеме. Е сега, освен што е крајно понижувачки кон студентите да им се ветува сала од 2013 година, додатен срам е што кога веќе еднаш беше скицирана и изградена, зошто не почна да се користи? Додека Агенцијата за млади и спорт (која меѓувремено престана да постои како таква и прерасна во министерство!) и Универзитетот си ја префрлаа одговорноста за пропаѓањето објектот, салата од „ултрамодерен спортски објект“ ќе стане застарена сала од времето на ВМРО (она прошлото). Да не навлегувам во патетики, ќе речам само: барем нема да е од времето на Тито!


Видиновски вели дека ова (читај работници на терен) е победа на новинарите. Точно, бидејќи освен Радио МОФ што пишува(л) за салата уште од 2019, редакцијата на 360 степени го истражуваше случајот во 2020, а во последниве две години уште неколку медиуми активно објавуваа за проблемот. И неговото видео (кое какво-такво, стигна до многу луѓе) е потсетник за тоа дека некој уште се грижи работите да се поправат овде.


Кога сме кај новинарите, минатата недела се одбележаа 80 години од основањето на Здружението на новинарите на Македонија. По тој повод беа доделени наградите за животно дело, за истражувачки стории за трагедијата во Кочани, за известување на локални теми и признанија за професионалност во истражувачко и локално новинарство. За некои новинари, кои иако активни чинители во оваа професија, немаше место на свеченоста. Во говорот за наградата, новинарката на ИРЛ, Деница Чадиковска рече:

„Драго ми е што оваа година наградата припадна на тема, а не на едно засебно истражување, бидејќи новинарите уште еднаш ја покажаа причината за постоењето на оваа професија и се надевам дека истото ќе го направат и другите професии во државава“.


Се надевам дека тоа го слушнаа оние кои беа таму и сфатија што треба да прават, а беа се разбира, политичарите. Оние за кои секогаш има место секаде. Не знам колку е вредно да се споменува за фарсичната епизода со владиното „авионче“ како што го нарекува претседателката на државава, но ќе го споменам затоа што ни таму нема место за новинарите. Чисто колку, ете, некогаш кога ќе го читаме писмово од архива, да се присетиме дека во 2026 година македонската политичка јавност расправала за набавка на нов владин авион во кој ќе се возат оние кои нѐ претставуваат надвор. Како тоа воопшто да треба да се става во прашање. Како да граѓаните или новинарите ќе се налутат ако македонските политичари надвор се појават во достоинствено „нормален“ авион или како што вели претседателката „поголемо авионче“ со кое ќе се тргне нејзиниот „хендикеп“ и ќе има место и за новинарите. Не. Вистинскиот хендикеп е што државни пари се дале за она што денес е демолирана сала полна со мочки и срча. Хендикеп е што оние кои проневериле државни пари одат во куќен притвор и после тоа ни бегаат од државава.


Македонските новинари освен на прославата на 80. јубилеј на најстарото новинарско здружение и во владиниот авион, не беа поканети ниту на светската премиера на македонскиот филм 17 на Косара Митиќ, на 76. Берлински филмски фестивал. Две овдешни новинарки биле таму, на Берлинале и премиерно гледале други, странски, да не кажам туѓи филмови, но македонскиот не го гледале. Без оглед на тоа кои се причините за ваквото однесување, зарем не е крајно непотребно и срамно? Немаме ние стотици новинари кои пишуваат филмски рецензии и критики, ниту пак сме имале десетици претставници таму, ами само две и тие две не биле удостоени со покана.


Да, можеби требаше однапред да ти се извинам што целото писмо е за новинарите во Македонија, но не можев да одолеам. Ми беше криво што веста за салата на УКИМ, после толку многу пишување не ја прочитав на Радио МОФ, туку ја видов на Инстаграм рил. Ако од една страна ми е мило што темата излезе од кругот на младинските (и студентските) медиуми и стана релевантна за пошироката јавност, од друга страна не ми е сеедно што медиумот во кој толку се вложував(ме) наместо тоа објави видео за тоа колку пораснал „процентот на кратки патувања во странство за продолжени викенди“. Но, тоа е што е. Заминување, зар не? Како на почетокот на писмово; заминав(ме) од Радио МОФ. Мило ми е што по заминувањето останало нешто, биле макар тоа текстовите за салата на УКИМ :)


Не знам Калина, многу нешта се случуваат овде. Не знам како ти е враќањето по десетти пат на Европскиот север? Зборуваат ли таму студентите за руинирана сала чија употреба се ветува 13 години? Се ставаат ли во прашање новинарските права за возење во владин авион или за покана на полска премиера на Берлинале?


Пред да се одјавам ќе ти раскажам уште нешто. Го мислам често муабетот што го имав со една драга пријателка од Полска. Се гледавме со неа периодот кога се смени претседателската власт во Полска, додека уште сите бевме во Загреб. До пред изборите, таа секогаш викаше дека најверојатно со партнерот (Хрват) некогаш ќе се преселат во Полска, бидејќи условите таму се (уште) подобри. По изборите велеше дека Полска станува опасна за живот. Стравуваше околу абортусот и конзервативноста на општеството, такви работи, знаеш. После со другарка ми Марија се навративме на муабетот и си рековме: ние стравуваме за живот во Македонија, за нашето работно, станбено и егзистенцијално прашање. Дали ќе има место во градинка, дали ќе имаме бар малку зеленило пред зграда и колку би требало да платиме за редовно паркинг место, а пред сѐ и дали ќе најдеме стабилна работа. Сакам да кажам, нашите проблеми се толку основни што не стигаме да мислиме за прашањето за абортус што, за среќа, сѐ уште не им дошло на ред ни на политичарите.


Па кажи ми, илузија ли е сето ова или навистина живееме во толку паралелни светови?

 

Поздрав од дождливото Скопје (се надевам дека дождот ќе го исчисти малку и воздухов, ако не, тука ќе е блокада-фест на кој му се радуваме:) )

 

Многу љубов,

А. 

Comments


bottom of page