top of page
  • Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

„Годишни времиња“ – во зима ќе ве стопли, во лето ќе ве смрзне

Годишни времиња е романот на Јулијана Величковска. И тоа не каков било роман. Тоа е комплексен, многуслоен, колажен роман. Роман исполнет со приказни, но и поезија, но и со музика, но и со цртежи. Годишни времиња е роман низ кој ја запознаваш Јуле, но и градот и луѓето во него, во него запознаваш или се потсеќаш на секојдневни ситуации на кои си заборавил дека постојат, а се потсеќаш и на многу текстови од култни бендови (Архангел, Азра, Нирвана, Пинк Флојд...), те потсеќа на некое Детство и те освествува за „Студентското“, но и за Мајката и Болката и Времето и Играчките од детството. И сето ова со голема буква како Клучни Теми во Годишни времиња.


1. Носталгија и смрзнување


Романот започнува со четири куси раскази: Пролет – велосипед, Лето – врапче, Есен – фиќо и Зима – санка кои ги поставуваат темелите по кои авторката ќе се движи низ целиот тескт, а по овие четири раскази Величковска го качува читателот на автобус и го поставува во позиција како да се вози на ролеркостер. И на почетокот, романот е навистина летен и лесен, но штом се навлезе малку повеќе во приказната, штом се заврши приказната за розевиот нотес и истиот се отвори за да се пишува приказната, романот почнува да (те) смрзнува. И почнува приказната за розовите чорапи:


Одев по таа долга улица цикцак, избегнувајќи ја калта и вирчињата, а во главата си креирав сценарија: во која поза ли ќе ја најдам мајка ми мртва. На кој чин и како се самоубила. И беше ли 93 или 94 бројот за Брза помош?! Ако се јавам во Пожарна на чичковците ќе им речам тие да се јават во Полиција, а јас по принцип на исклучување ќе заклучам дека другиот број е оној од брзата помош и ќе се јавам таму.


„Ало, добар ден! Ве молам пратете комбе Брза помош, мојата мајка изврши самоубиство.“


И те смрзнува! Годишни времиња е и апокалиптичен роман или барем такво чувство предизвикува. Како и носталгичната нишка која е присутна низ целиот ракопис. Носталгична апокалипса? Па и носталгичното враќање на некоја песна од претходните стихозбирки Комарци и Отворена книга – совршено.


2. Манијаци, секс, трева, животни и рок-ен-рол


Наспроти нежноста на пролеттакоја на моменти е присутна во романот и нежноста која авторката во себе ја има, низ романот пролетуваат и неколку „рок-ен-рол“ теми. Под тоа не го подразбирам само присуството на текстовите од рок-музиката во неколку наврати, туку на многуте гласни, јаки, пецкави и не така фини моменти за голтање:


Боже, благослови ги сите манијаци. Без нив не ќе напишев ни збор.


Ваквите констатации се чести во романот и со нив авторката секогаш поинтира. Се појавуваат или после долги досетливи и неретко смешни приказни или после „најдрамтичните“ моменти од приказните кога на читателот му е потребна мала оддишка.


Уште еден важен момент од овие силни мигови кои се појавуваат во романот е песната Комуна Капиштец која совршено ги сублимира сите главни елементи кои провејуваат низ целиот роман:


каде ја фрлија кажи ми мамо

утробата од која се родив

заедно со туморот во неа

заедно со моите крајници

и крајниците на бато, мамо


најдов ново семејство, мамо

разделбата по втор пат

идентично болеше


мој космос се сега тие, мамо

а јас мала ѕвезда

што само крај нив свети

само за нив трепери.


извадок од „Комуна Капиштец“, „Годишни времиња“. Скопје: ПНВ Публикации, 2019. стр. 57.


Уште еден од овие „рок-ен-рол“ моменти се и трите сесии кои авторката ги има со ликот Марла кога се поставуваат уште две многу важни позиции: Нема темна страна на Месечината, Марла. Всушност целата е темна. и Празна сум како дрвен молив од кој е извлечена срцевината – позиции кои, исто така, ја определуваат суштината на самиот роман, а после нив читањето само добива уште поголема тежина воскликнувајќи со неколку приказни за маче, зајче, комарците и птиците и поинтирајќи со Мртви птици. Гравитацијо, зошто не ги оставаш да почиваат на небото?.


3. Општествена критика или како не треба да се однесуваш во автобус


Во Годишни времиња и без да бараш ќе се појават дузина моменти кои се вид на општествена критика. Тие се главно поврзани со типизирани ликови кои повремено се качуваат и симнуваат во автобусот – раперите од задните седишта, манијакот кои мастурбира на седиште, алкохоличарот кој не сака да плати карта и слични на нив. Во изјавите на сите нив, Величковска иронично затскрива дузина критики кон малограѓанштинатаи поставеноста на мноштво работи во системот. Присутна е остра критика кон системот за непреземањето ништо во однос на злоупотребата на жените, присутна и критика кон ултра-феминистичките ставови, упатува и критика кон конзумеризмот, капитализмот, контрадикторноста на општеството, искривените естетски вредност па директно ги спротистaвува Пинк Флојд и Цеца, ги спротиставува Ким Кардашијан и Моне. Супер зезање со кичот и супер навраќање на добрата уметност, но и вредности, младост и начин на живеење – на оние за кои со години ми зборувале родителите, а сега ги наоѓам во роман.


Ликот по име Балкан е сублимација на сите овие нешта. Извикувајќи „Балканот е мртов!“, авторката го портретира нашиот ни регион како оној кој служел војска на Јадранот, возел Југо, летувал во Опатија, шверцувал фармерки преку Трст во Италија, јадел Леб и сол во Македонија, крадел коли од Бугарија, играл сиртаки во Грција и на крај дознаваме дека не е мртов и дека седи на некој остров со Мерилин Монро и Елвис и чита Нова Македонија, си грицка сардини и потпивнува Скопско, па ја запевнува Балкан од Азра: „увјек нетко око нас доѓе па нам пријети“ – и ни ја портретира државата.


4. Љубов


Лично претпочитам кога во роман ќе се појават слатки, но не и патетични љубовни елементи во приказните. Сметам дека преку нив авторот т.е. во случајов авторката ни ги доближува своите интимност и сензибилитет. Такви моменти има купишта низ Годишни времиња, нечесто се неексплицитно дадени и се убаво завиени низ приказните така да можат да дојдат до читателот и да почнат да го искачуваат до следниот екстремно стрмен спуст на ролеркостерот. Од убавина го споделувам следниот извадок:


Ако бев добар човек, ќе ги разберев растојанијата помеѓу луѓето. Никогаш не ги разбирав во потполност. Не научив кое е идеалното времетраење на една прегратка. Кој е идеалниот стисок. Треба ли само да ја прегрнеш личноста што ја поздравуваш така срдечно или треба и да ја бакнеш. Да ја бакнеш навистина в образ или на божемски, онака во воздух. Не научив многу нешта. Ти ме напушти прерано. Сивото маче немаше одговор на моите прашања.


Растојанијата... Еднаш читав дека идеалното растојание според некои истражувања е 45 центиметри. Дали е така? Што прави од мене ова незнаење? Лош човек или едноставно жена? Некогаш стоиш крај мене, а си толку далеку. Некогаш си така далеку, а те чувствувам. Има утра кога излегувам од дома и те гледам како стоиш подолу на скалилата. Ме гледаш.Чекам да те пресретнам. Исчезнуваш. Потоа, те гледам на улица. Одам, забрзувам со насмевка кон тебе. Постоиш само пар секунди. Изчезнуваш. Тогаш, ги погледнувам мачките, жолтото куче и се смеам. Веднаш барам утеха. Кој си ти? Го менуваш обликот сиве овие години. Кој си ти? Ти имам и те немам истовремено. Немам мир. Колку ретко е тоа чувство на мир. По него копнеам. Те нема.


...


Носталгија, рок-ен-рол, општествени критики и љубов, плач, прегратки, сè во едно возење во автобус – од прва до последна станица. Мноштво ликови и нивни приказни не беа опфатени во овие импресии од романот, а веројатно не ни може да се опфатат. Тоа би било работа на читателот, да ги пронајде своите во овој роман, да се препознае, да се качи на автобусот и да седне до девојка која пишува нешто во розов нотес и дискретно да ги чита приказните кои таа ги пишува гледајќи со аголот на окото – дефинитивно ќе ужива, но нозете ќе му се тресат кога ќе слегува на својата станица.


Годишни времиња е кус, збиен, „тежок“ роман. Веројатно за да се дофатат мноштвото аспекти кои авторката ги имала на ум ќе бидат потребни неколку препрочитувања. Но Годишни времиња нуди преглед низ многу клучни животни етапи на еден човек, нуди можност за себе-рефлексија, но и за одново себе-истражување, те „удира силно“, те расплакува, прави да потпевнуваш, да се смееш, стопиш, да се молиш, да посакаш да умреш и одново да се родиш. Иако, можеби, автобиографски роман, нуди преглед на секој живот од почеток до крај – впрочем како годишните времиња, од расцветувањето до пресушувањето.

607 views
bottom of page