top of page
Writer's pictureКултура β

Градот без сенка – Никола Наумовски

Градот без сенка


Деновите пожолтени од жега

се огледуваат во зениците на луѓето

што бавно и безволно чекорат

врз златната подлога од Сонце.

Лудиот август веќе ги беше пуштил своите пипала

низ сувиот застојан воздух.

Прекален дух со блескава фасада го засипува денот.

Чиниш самиот остров е слепо вжештено чудовиште

со уста од која капе мандаринов сок.


Постои еден корав гниеж во умереноста на одлуките,

постои густеж од плевел изникнат зад маргините на сеќавањата.

Mи го изговараш името од другата страна на брегот.

Твојот глас е како привид.

Лишен од клаустрофобијата на оваа епоха

со доволна количина хашиш и водка во организмот

нестрпливо загазувам во водата,

знаејќи дека сега не е сеедно каде ќе ме однесат брановите.


Онака лаконски и дрско почнувам да ја презирам плимата

што ми го краде здивот полнејќи ми ги градите

со алги, сол и песок.

Гледаш дека нашите обиди да ја имитираме

како крлеж целосно се зариени во кожата

на развлеченото и предолго лето.

Градот без сенка уште веднаш ја пролеа својата отровна лига

во неспокојот на водниот ум.

Некаде во овој хаос на длабоко преживување

почнуваме да ги губиме зборовите.

Твојот јазик веќе речиси не поседува човечки траги,

сепак, можам суштински да ти ја насетам намерата.


Неми, а луцидни го дисторзираме темпото на времето

‒ резултат на неуморно удирање по папокот на линеарноста.

Тонеме во беспросторен лач очекувајќи ништо.

Здогледав пејзаж од крв и ’рж на твоето лице,

слушнав ехо од жубор и танц на пресечени стебла.

Ја видов сенката на градот удавена некаде во морето.

 

Никола Наумовски (1994, Куманово) дипломирал музичка теорија и педагогија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.


Добитник е на првата награда на конкурсот „Млади поети“ одржан во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески од страна на Агенцијата за млади и спорт (АМС) во 2021 година, како поет. Застапен е во „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“ (ПНВ Публикации, 2023), во првата едиција на Фестивалот за европски театарски алтернативи „Штурм унд Дранк“ (Sturm und Drank) во 2021 година и во неколку други антологии. Настапил на „Скопскиот поетски фестивал“, на „Литературни искри“ во Гостивар, како и на поетскиот настан „100 000 Поети за промена“. Композитор е на музичкиот проект „Синкинг фотон“ (Sinking Photon).


„Град без сенка“ е негова прва стихозбирка.

Comments


bottom of page