top of page

И после сѐ, што со културното наследство, историјата на уметноста и археологијата?

  • Writer: Наде Циева
    Наде Циева
  • 3 hours ago
  • 4 min read

И после сѐ, што со културното наследство, историјата на уметноста и археологијата?


Во изминатиов период на платформата Умно, беа објавени неколку интервјуа со историчари на уметност и археолози, некои од нив се мои професори, некои од нив надежно ЌЕ БИДАТ мои професори. Уште од пред три години кога почнав да студирам на Институтот за Историја на уметноста и археологија, навикната сум да слушам секакви обесхрабрувачки новости за нашите струки. Разговори за тоа како нашите професии се дефицитарни, но сепак со контрадикторен заклучок дека нема работни позиции за историчари на уметност и археолози. Покрај тоа се разговара за недостатокот на финансирање на проекти и институции кои се занимаваат со овие полиња, па и намалување на буџетите на Министерство за култура и туризам, како и на Министерството за образование. 


Да се надоврзам за кратењето на буџетот на образование, еден конкретен разговор кој проткајува низ годините на мојот институт е за неговото замрување и краен прекин. Па токму и за тоа беа интервјуата направениод Умно, со цел да се покрене свест за очајната состојба во која се наоѓа Институтот за историја на уметноста и археологија при УКИМ, кој патем е единствениот во државата кој во себе ги содржи овие две програми, а единствен друг универзитеткаде што се среќава археологијата како дисциплина е во програмата на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Што значи дека единствената катедра наменета за овие две програми, воедно и струки е условно речено пред распаѓање. Моментално на Институтот имаме тројца професори по археологија, имајќи предвид дека во последниве три години сосе оваа, тројца професори еден по друг се пензионираа. Од историчари на уметност имаме четири професорки, од кои две ќе се пензионираат во наредните години, а нема вработен професор по современа уметност во последниве, речиси, десет години. Така што, по предметите по кој нема професор од двете програми, смеат да држат предавања и вежби надворешни соработници кои немаат право на цел фонд, ниту на оценување. Но во оваа академска година дознавме дека било донесено решение овие стручни соработници да не бидат платени, иако бог знае и дали и претходно им биле адекватни или навремено исплатени хонорарите. Па така, за среќа во изминатиов месец се дигна некаква фама околу, прилично лошата состојба во која се наоѓа институтот. Според интервјуто со мојот професот Никос Чаусидис дознав дека последниот пат кога некој бил вработен било пред дванесет, цели дванаесет години. Ова за жал е само еден од многуте начини на кои се занемаруваат нашите струки, како и повеќето хуманистички и општествени науки. Но, сепак се надевам на напредок и на тоа надежно да се вработи нов кадар од нареднава академска година, особено со оглед на тоа што веќе постојат луѓе коишто се подготвении квалификувани да ги преземат улогите и титулите на нашите пензионирани професори. 


Како прво, тоа што е ми е фасцинанто за третманот на историјата на уметност и археологијата како струки во оваа држава е дозата на помпезност која ја има нашиот народ и драгите политичари со нашето богато културно наследство и долговековна историја како Македонци. Иако не сакам многу да коментирам на ова, тоа што мислам дека овие стуки ги бие лош глас е проектот Скопје 2014, на кој нема веќе што ново да се коментира, освен тоа што трвдам дека за десет години ќе мора повторно да се дискутира бидејќи буквално физички се распаѓа. Освен тоа имало доста инциденти на неетично и нелегално пристапување од страна на лица од овие две струки. Самото тоа што има толку многу политика и конкретно политичари вмешано во овие две струки се потенцира нивната поставенсот во однос на градењето на индентитет на една држава. Па затоа како една држава која постојано се удира во гради за нејзината античка историја, арслани и сонциња е толкуу неспособна струките кои ги презентираат тие податоци да ги одржува во постојаност и континуитет. Не само тоа, туку во проекти каде што треба да се истакне нашата култура и историја, политичарите си земаат за право да го диригираат концептот на презентирање на нашата држава, што резултира со митологизирање на нашиот национален индетитет. Ова се има докажано како проблематично и крајно контрапродуктивно. Мистифицирање и митологизирање на едно минато резултира во делигитимирање на нашето знаење, историја, култура и идентитет пред светот, но и пред самите себе. Кога не се цени и вреднува професионалното знаење и искуство на историчари, археолози и историчари на уметност доаѓа до нивно злоупотребување како алатка во пропагирање одредени политички агенди. Токму затоа треба да се остави простор на оние кои се квалификувани и образовани да претставуваат чувствителнитеми какви што се градење на идентитет во историски рамки. Затоа отфрлањето на професионалциод ова поле доведува до „рекламирање“ на идентитет на една држава основан врз паушални информации, што единствено би нѐ претставило во глобални рамки како некои без цврсти темели и сопствено сфаќање на историјата и индентитетот.


Покрај нашата историја, во однос на овие струки мора да се размислува и во правец на иднината која моментлано се оформува. Погрешен е ставот дека културата се заснова само врз основа на историјата и на минатото. Држава која изобилува со богато минато е подложна на континуитет на понатамошен развој на сопствената култура и уметност. Не само во однос на ревидирање на досегашните истражувања и сведоштва, туку и простор за развој на творештвото кое се создава моментално. Затоа кога зборувамза мојата струка и нејзината улога во државава, сакам и да напоменам за тежината која ја има во сегашноста. Културата и уметноста се траги и одраз на своето време и на контекстот во кој постои една генерација. Уметноста е политички чин и секогаш ќе се перципира како таква. Дури отсуството на политички став во уметноста е еден вид прскос кој повторно е политички и со истата таква политичка тежина. 


Затоа, кога разговарам за овој Институт и неговите струки, не сакам фокусот да е само на минатото и на историјата. Туку напротив треба да се промени менталитетот и сфаќањето за нивната улога, како струки кои имаат и иднина и просперитет. Луѓето порано и нивата историја која ја изучуваме треба да нѐ зближи генерациски, а не да создаде расцеп во чиешто минато ќе се закопа и овој институт. Овие струки треба да имаат простор и можности за понатамошен развој и придонес за културата на една држава, наместо целосно да се занемарат. И ова е само еден пример за кои пишувам, додека, пак, за жал постојат и други катедри и институти кои се соочат со истите проблеми во однос на кадар, па и проблеми во однос на самиот интерес кој за нив (не) постои. Да имаме надеж, но и здрава доза на лутина.


Comments


bottom of page