Во текот на октомври (оваа година) беше најавена промоцијата на дебитантската стихозбирка на младата поетеса Моника Стојановска. „Има такви денови“ е насловот на збирката, а истата е во издание на „Полица“. Стихозбирката е составена од деветнаесет, подолги или пократки, песни и тоа сите слатки, но и не само тоа. Песните на Моника Стојановска се цврсти и собрани изображенија, јасни и силни стихувања, слатки и нежни милувања, но од друга страна и директни и остри пораки кои обработуваат и секојдневни моменти, но и општи (да не се рече глобални) феномени.
Моника Стојановска се вбројува во редот на млади авторки, таа е и преведувачка/препејувачка, но и илустраторка и дизајнерка на сопствениот бренд „Моки“. Низ целото нејзино творештво се вбројува таа нежна нишка на уметноста, та и самата стихозбирка го носи нежниот призвук кој е карактеристичен за Моника. А и кога ќе се погледне дизајнерското решение за корицата на Бојан Станиќ – нежноста се потврдува како носечка во поетиката и уметноста на Стојановска.
Веројатно, неслучајно збирката почнува со песна насловена како „Псалм“ во која е инкорпориран вид на молитва, која и може да се протолкува како некоја инвокација за понатамошно пишување: „те молам, / за потивок оган, / те молам, за одмерен дожд, / ... / те молам види ме кога е темно / кога е светло, не заслепувај ме, / те молам.“. И од ваквиот почеток Моника, се гледа дека таа го седнува соговорникот директно до неа и уште подиректно му се исповеда за нештата кои се клучни и кои се провлекуваат низ целата стихозбирка: Уште од утробата проценуваат / што ќе бидеме некогаш, / иако само навестуваме дека се плашиме / и дека чекаме да ни се отклучи / врата кон светот, / колку на мира меѓу нечии раце / да се исплачеме во „Мојот тропот не кажува ништо“ и Моето име е различно во сечија уста, / зависи најчесто / од вкусот на времето на разделба во „Исповед“. Ваквите исповеди се видливи низ речиси сите песни во збирката.
Покрај исповедите, Моника Стојановска во својата збирка отвора и неколку клучни философски прашања поврзани, главно, со љубовта и слободата на луѓето и светот, а при крајот на збирката го поставува и важното прашање „Сакате ли војна?“ истакнувајќи: Посакувам да не барав војна никому / туку камче / за да правам „жапчиња“ / во вировите / од истопениот јануарски снег; и токму со ова ја потврдува нужната потреба од себе-слобода и мир за себе, за ближните, за природата. А природата е уште важен елемент кој проникнува низ скоро секој стих од оваа збирка.
Дебитантска збирка на Моника Стојановска не е само уште една стихозбирка излезена од редот млади поетеси и поети, туку збирка слатки дарови, нежни нишки, но и остри искази кои ќе те постават директно спроти суровоста на светот, но и ќе ти дадат прибежиште и спас. Дефинитивно има такви денови, денови кога ќе успее некој да те спаси.
コメント