top of page

ШТО СЕ ЧИТА?: „Небо трето“ од Ѓоко Здравески :: Еден чекор напред, три неба назад

  • Writer: Андреј Медиќ Лазаревски
    Андреј Медиќ Лазаревски
  • Aug 8, 2025
  • 7 min read

Македонската современа поезија во текот на својот развој има запаметено одлични автори. Несомнено е дека дел од тој развој е резултат на генерацијата поети родени осумдесеттите години на минатиот век, генерација што во моментов, би требало, да биде најактивна на книжевната сцена, бидејќи, од една страна, можеби е интелектуално зрела и перспективна, а од друга страна, треба да биде и најсмела, бидејќи сериозно ги поместила границите на пишувањето на поезија досега. Оваа генерација во македонската поезија ја внесува т.н. поетика на секојдневието, оставајќи ги темите на бог-леб-вино на претходните генерации, а зафаќајќи се со едноставните, навидум неважни теми, како и големите прашања за мајчинството, феминизмот, спиритуалноста, сфатени низ една понеконвенционална призма. Факт е дека оваа генерација успева да ја избави поезијата од салоните на строго академизираните средини и да ја однесе каде што таа, навидум, не припаѓала па се појавуваат разни поетски настани што придонесуваат за популаризација на поезијата. Од „Песнило“ во МКЦ, до „Астални проекции“ во Менада, па сѐ до појавата на Скопскиот поетски фестивал кој е започнат токму од оваа генерација.


Но, како поминуваат годините, а овие поети веќе влегуваат во својата петта деценија од животот, низ нивните книги може да се примети дека таа поетика на секојдневие, најчесто избледнува и пополека се губи, а на нејзино место повеќе доаѓаат до израз некои други прекршувања на стандардите од претходно како што е пример со „Рајсфершлус“ од Јулијана Величковска, којашто оди чекор понатаму во однос на формата на песните, нивната интерпункција, како и тематските промени кои поминуваат од урбаното во хуманото (давање глас на ликови од книжевноста кои немале можност да зборуваат, позицијата на женското тело, феминизмот итн.). Промени од поетиката на секојдневието е видлива и во новата книга на Ѓоко Здравески, „Небо трето“, кој поетиката на секојдневието ја комбинира со некаква, ако може да ја наречеме, поетика на спиритуалното. Здравески сѐ уште во песните го задржува урбаниот контекст, целата стихозбирка како да е лоцирана во градот, но дополнително таа е обременета со духовноста на ниво на поетски дејства внатре, во самите песни. За вакво надминување на поетиката на секојдневието можеме да зборуваме и кај Снежана Стојчевска со нејзината последна стихозбирка „Празно место“, а можеби и кај Биљана Стојановска со „Додека спиеш“, каде што исто така познатото секојдневие веќе оди отаде животот, промислувајќи ја (и) смртта низ песничката форма. А доколку треба да покажеме каде поетиката на секојдневието сѐ уште стои цврсто, тоа би било во песните на Ана Голејшка Џикова чија последна книга е на линија и на претходните две, кога станува збор за ова прашање, но и продлабочувајќи ја со поголемите теми што претходно ги споменавме.


Но, да се вратиме на најновата книга на Ѓоко Здравески, „Небо трето“. Книгата излегува после осум години од претходната, „Дедикар Икарал“ и изгледа како поетот да не успеал да се надмине себеси во однос на неговото претходно дело. „Небо трето“ е збирка која се заснова на одредени спиритуални контексти, таа е исполнета со духовност, песните се речиси мантри, медитативни парчиња кои нудат поглед внатре, кон себе. Тоа ни го потврдува и самиот наслов на збирката. Третото небо како ознака за она отаде, за нешто што не е световно, туку напротив свето, за светот во себе, за рајот, за следниот стадиум од животот. Тоа и го потврдува рецензентот на стихозбирката Сашо Гигов – Гиш, кој во својот текст инсистира на таа јога-формула во песните, на спиритуалната страна на поезијата, често истакнувајќи ги примерите од песните кои тоа и навистина го применуваат. Тој ја истакнува и извесната философска страна на поезијата од „Небо трето“, реферирајќи на Питагора во неколку наврати, но тоа повеќе се должи на присутноста на триаголникот како симбол внатре во стихозбирката, отколку некакво длабоко философско промислување низ нив. 


Песните во „Небо трето“ се минијатури, тие се куси, како извици. Неретко се и расправија со некој друг или расправија на лирскиот субјект сам со себе. Песните од „Небо трето“ се и љубовни парчиња кои немаат никаква духовност во нив, впрочем, тие стојат цврсто на земја и како да ја држат стамената, духовно недопрена позиција во песните, наспроти овие други песни во збирката кои се јога-формули. Тие можат да бидат и расфрлани игри кои повеќе фукнционираат како брзозборки отколку како песни. Но, да тргнеме со ред. Книга е поделена на пет циклуси и тоа: 1. Триптих триаголници; 2. Сердце; 3. Јас. Друг; 4. Небо трето; и 5. Ѕеркалца. 


Во првиот циклус „Триптих триаголници“ се поставени три песни главно со љубовна тематика. Кога зборуваме за љубовната поезија на Ѓоко Здравески не може, а да не се сетиме на збирката „Љубавина“, збирката со насловот неологизам, кој речиси и да остана да се користи во поетскиот јазик на македонската книжевност. Таму љубовните песни се строги и прости, тие се на ниво на љубовна избезуменост и совршено решени кога станува збор за поетската умешност. Љубовните песни од овој прв циклус на „Небо трето“ се малку чудни, тие се исповедни како што ни кажува и насловот на песната што ја отвора збирката, „исповед“, а се и песни кои доаѓаат по самата љубов. Проблемот со песните не е тоа што тие се љубовно-антиљубовни, туку што не кажуваат ништо, изгледаат како караница на лирскиот субјект со таму некој лирски објект и не се докажуваат. Не пробуваат да се завршат, поетски не се заокружени. Друг проблем што како читател ми се појави е пророчкиот момент. Лирскиот субјект во песните од овој циклус, а тоа се провлекува и низ други песни од другите циклуси, како постојано да сака да попува, да го подучува читателот за некои работи, но истовремено и целосно да му се противи, впрочем, како што и завршува песната „очекување“: ама ти кажувам за да ти кажам, / не за да ме разбереш. Овој стих како да ги опишува самите песни, тие како да кажуваат нешто колку да кажат, а не се остваруваат во име на поетското кое Здравески знаел да го направи во своите стихозбирки. Имено, да ја доведе поезија во стадиум на уметност, притоа таа и да значи и да кажува и да звучи и да е вешта. Во овие песни, поезијата само кажува. 


Вториот циклус, „Сердце“, почнува со песната „врска“ која портретира еден љубовен циклус на врска од нејзиниот почеток до нејзиниот крај, по малку нудејќи му на читателот и едно тинејџерско поимање на љубовната врска, како циклус кој оди по чекорите љуби-скарај се-молчи-одново почни. Ваквото ‘тинејџерство’ е видливо и во уште неколку песни од циклусов, главно присутни преку одредени поетски клишеа кои се неизбежни кога се пишува поезија, но се видливо присутни, како: очите ти се езеро мастилаво – стих кој во себе ја содржи ем наивноста, ем звучноста, небаре е напишан стихов пред два века. Сепак, во овој циклус се присутни и песни кои се одлично склопени, со игрив јазик, изразена ритмичност и посебно интересно е и нивната анегдоталност, бидејќи во одредени моменти песната како да преминува во слатка, кратка приказна.


Третиот циклус, „Јас. Друг.“ е циклус интроспекција. Лирскиот субјект во овој циклус како да е седнат на психолошки кауч и постојано се преиспитува себеси, своето его, своето себство, идентитетите. Главните нишки низ кои се прави интроспекцијата во овој циклус се дијаболите мир-немир (особено со акцент на внатрешниот мир), потоа топло-студено (со акцент на студот како психолошка состојба), дете-возрасен (алудирајќи на некое внатрешно дете присутно кај лирскиот субјект) и со акцент на некаква психолошка промена кај лирскиот субјект која кулминира со песната „очудување“ составена од два стиха: учам / одучување


Четвртиот циклус, пак, „Небо трето“, ја продолжува таа интроспективност која поетот ја начнува во третиот циклус, овој пат со акцент на односот јас наспрема другите. Па така, лирскиот субјект во првата песна од овој циклус пее: луѓето ме гледаат / и мислат таков сум / а јас сум / и таков / и ни таков / не сум. Овој начин на себе-дефинирањето низ призма на негацијата е присутно низ речиси целиот циклус. Лирскиот субјект во една од песните од овој циклус вели: доаѓаат луѓе / седнуваат до мене и / почнуваат да ми го раскажуваат / животот // толку многу молчам – ваквите песни се олицетворение на тој анегдотален пристап што веќе го споменавме. Овие анегдотални песни одат на линија на таа наивност на лирскиот субјект, каде што тој пробува да е дистанциран од целиот свет, вклесан некаде отаде светов, крс-нозе седнат и го анализира светот без тој да учествува во него. Ова е резултат и на таа поетика на спиритуалноста, каде што авторот изгледа како стоички да се соочува со светот (освен кога лирскиот субјект не се кара со нас). 


Мантричноста во песните е особено присутна во овој циклус и е особено истакната преку ритмичноста и певливоста на самите песни. Тоа е видливо во песните „10. оган. жолто.“: харе рам рам рам / (...) // журам рам рам рам идам / (...) // храм рам рам рам / (...) // рам рам рам, потоа и во песните „[...]“ и „[.]“: мртвото е совршено / односно свршено / односно перфекто / … и сл. Овие певливо-ритмични стихови се веќе препознатливи за Здравески, тој често го прави ова во своите песни, а особено оваа ритмичност е истакната и во неговите поетски настапи на разни поетски читања, така што на ваквата поетска мантра не е новитет во неговата поезија, напротив сведена е на линија на препознатливост.


Петтиот и последен циклус наречен „Ѕеркала“ е циклус без кој оваа стихозбирка можела да помине. Имено, овој циклус целосно отстапува од претходните четири и на ниво на квалитет и на ниво на конзистентност на самата стихозбирка. Овие песни (ако можеме така да ги наречеме) се повеќе зборовни игри, брзозборки, игриви кажувалки. Тука поетот се обидува преку таа поетска игра да пренесе некоја општоважечка вистина или, пак, можеби тука можеме да ги читаме резултатите на интроспекцијата на лирскиот субјект од претходните два циклуса. Тука се вели: зборовите се малечки / божества / нешто како / светулки; дланките се / длабоки / ако во нив / се нурнеш; или едно лице / за сите // или за секого / по едно; или, пак ти / што беше се’ / пред да станеш / ти // што беше?. Овие зборови, расфрлани по белината на страниците повеќе наликуваат на скици за некои идни песни, но не се ни близу до она што на читателот му е понудено во претходните четири циклуса од стихозбирката.


За крај, „Небо трето“ е книга која повеќе е некаква медитација или резултат на интроспекција, отколку поезија каква што Ѓоко Здравески ни дал во претходните книги. Ова е книга со некои многу лични или, пак, премногу општи заклучоци за односот јас-другиот, за односот јас-љубениот, за односот јас-бог. Премногу огледала, премногу јас и премногу „што?“, премногу мудрување, премногу општи места. Премногу, а само еден чекор напред. Еден чекор напред, три неба назад. 


Comments


bottom of page