Зошто треба да се пишуваат и негативни критики!?
- Андреј Медиќ Лазаревски
- Jul 27
- 9 min read
Македонската книжевна сцена со години, ако не и со децении е заглавена во еден вртлог на немање силна, разумна, издржана критика. Нема критика која пробува критички и теориски да пристапува на книжевните дела и да ги елаборира нивните добри и/или лоши страни наместо само да ги хвалоспева делата што се појавуваат во македонската книжевна продукција. Неретко низ книжевните кругови, на книжевните промоции, на книжевните настани и читања се истакнува мислењето дека моментално, на македонската книжевна сцена, критика нема. Или, пак, доколку ја има таа е прилично академизирана, се крие низ книгите на професорите од Филолошкиот факултет или, пак, низ неколку книги кои излегуваат одвреме-навреме како збирки рецензии и книжевни критики. И секогаш, кога се зборува за имање или немање критика во македонската книжевност се истакнува дека особено нема негативна критика. Е, зошто па да треба негативна критика?
Што е критика воопшто?
За да дојдеме до објаснувањето на тоа зошто е потребна негативна критика, по сѐ изгледа треба прво да се објасни што воопшто значи критика. Книжевната критика како таква е дел од книжевната теорија, но и од книжевната пракса. Витолд Гомбрович вели дека книжевната критика е реч за речта и книжевноста за книжевноста и додава дека „книжевниот критичар мора да биде уметник на речта и соработник, не може да стане збор за ‘опишување’ на книжевноста, како што, за жал, се опишуваат слики, треба во тоа да се учествува, тоа не може да биде критика од надвор“ (според Ѓорѓиева-Димова 2017, 257). Значи, книжевната критика оди директно внатре во книжевната продукција, таа неа ја следи и проследува, ја чита и препрочитува и, на крајот, носи одреден суд за неа, за нејзините квалитети според одредени критериуми кои критичарот треба да ги има воспоставено преку теориското знаење, читачкото искуство и искуството со книжевноста сфатена во поширока смисла. Затоа „книжевната критика се вклучува во бројните интертекстуални и интердискурзивни вкрстувања помеѓу книжевноста/фикцијата и книжевната наука (книжевна теoрија, книжена херменeвтика) и пошироко историографијата (Ѓорѓиева-Димова 2017, 257). Ако го следиме она што професорката и книжевна теоретичарка од Катедрата за општа и компаративна книжевност, Марија Ѓорѓиева-Димова го кажува во својот есеј „Книжевната критика помеѓу науката и книжевноста“ ќе видиме дека се случува и фикциските контексти да се формираат, мимикрираат (или, пак, адаптираат) според критиката:
Актуелните интеракции на книжевната критика со книжевноста се двонасочни и реципрочни, во смисла на тоа дека не само што критиката се литерализира и се мимикрира во фикциски контексти, туку и книжевните текстови, првенствено, фикциски, интенционално се структурираат според моделот на критичките текстови. Токму таквата интензивна продукција ја наметнува потребата од теориски промислувања и именувања на трансформираните релации книжевност-книжевна критика. (Ѓорѓиева-Димова 2017, 258)
Значи, во ситуации како во нашата домашна книжевна продукција, кога самата продукција е во состојба да издава колку што издава, неопходно е формирање на јасна, здрава, цврста и издржана критичка мисла за да може самата продукција да се филтирира, а со тоа и да се подобрува, да напредува и, секако, да воспоставува комуникација, дијалог и дискусија за книжевните дела кои се објавуваат наспроти воспоставената пракса на „тапкање по рамо“ и зборување „зад грб“.
Како и во книжевната наука, така и во естетиката како философска дисциплина естетскиот суд (критика) има свое место. Имено, естетичарот секогаш мора да е и естет. Значи, естетичарот мора да биде вклучен во уметноста која ја следи. Критичарот мора да биде вклучен и будно да ја следи книжевната продукција, па дури може и самиот да биде дел од таа продукција во која ќе објавува и свои дела кои ќе подлежат под нечив туѓ суд.
„Како тоа може да се биде критичар!?“ и за самопрогласените критичари
Многу често на книжевната сцена се вртат термините „самопрогласени автори“ и „самопрогласени критичари“. И двата термина се крајно погрешни, бидејќи за да има ‘самопрогаслени’ мора и да има такви кои се прогласени за автори/критичари од некој друг. Процесот на издавање на едно дело најчесто оди низ релацијата автор-издавачка куќа-уредник-универзитетска библиотека-рецензент-јавност и тоа е речиси и единствениот пат како некој „станува“ автор. Практично, нема тело кое може да те прогласи за автор или за не-автор, бидејќи тоа не е нешто што се учи на факултет и не е титула со која може некој да се здобие туку е процес низ кој може да помине секој кој пишува. Кога станува збор за критичарите и дали некој е прогласен за таков или не е малку потежок процес, бидејќи за разлика од бидувањето автор, процесот на станување критичар не е крајно одреден и најчесто се базира на одредено искуство кое еден човек го има, како и на неговиот „поизбистрен вкус“ и можноста за наметнување на своето естетско како естетичко.
Професорот, естетичар и философ Иван Џепароски во својата книга „Естетика: естетички категории“, вели дека вкусот се определува како естетска моќ на просудување, способност да се спознаат убавото и убавината и да можат да се разликуваат од грдото и грдоста (според Џепароски 2020, 32). „На тој начин вкусот станува особено важен естетички и книжевно-критички термин (...) во уметноста постои некое врвно совршенство и оти оној што тоа ‘го чувствува и сака, има совршен вкус; оној што не го чувствува та го сака и ова и она, има расипан вкус. Постојат значи добар и лош вкус, та затоа со причина се расправаме за вкусовите.’“ (Џепароски 2020, 32) Затоа, кога ќе се рече дека за вкусови не се дискутира или, пак, дека она што не ни се допаѓа треба само да се одмине и да не се коментира, тоа води кон една игнорантност, па дури и понижување на самата уметност како таква, бидејќи таа ако за нешто постои, постои за да искаже некаков став и за тоа тој став да се коментира. Па оттука, можеме да кажеме дека можеби не можеме да се согласиме за тоа дали панирани тиквички се вкусни или не, но кога станува збор за книжевни или уметнички дела, не само што треба туку мора да се коментира. Само така авторот го добива фидбекот за своето дело – нешто што е најзначајно кога си уметник, потоа, така се отвораат прашања за ставовите кои се искажани со едно уметничко дело и, на крајот, така се изострува вкусот на публиката која следи одреден тип на уметност.
Е, сега, тука секогаш се наметнува прашањето како тој вкус воопшто се воспоставува, како одреден вкус на одреден човек може да се наметне како пообјективен во мноштвото субјективни судови – искуството е, можеби, клучен збор. За да може да се пишува поезија мора да се чита поезија, за може да се прави разлика меѓу добра и лоша поезија, мора да се чита и добра и лоша поезија, за да може да се пишуваат критики за поезија, мора да се чита и поезија и критики за поезија, теориски текстови за поезија, метапоетички текстови, философско-поетички расправи итн. Значи, колку повеќе се чита и книжевност и теорија, толку некој станува поспособен да може да пресудува што чини, што не чини…
Како да се прифати критиката?
Во книгата „За критиката“ (O kritici) на Предраг Крстиќ, тој објаснува дека „критиката се упатува на другите или себе, тогаш кога сметаме дека нешто не се одвива на начин на кој ние сметаме дека би требало добро да се одвива“ (Krstić 2019, 13), а потоа додава и дека нејзината цел е желбата за промена во однесувањето на личноста која ја критикуваме. Секако дека кога вели „однесување“ не мисли на личното однесување туку на книжевното однесување, односно на делата кои една личност ги остава во книжевноста, та оттука разумно е да се каже дека критиката никогаш не се упатува само за да се искритува туку, напротив, да укаже на нешто за следниот пат кога ќе се прави нештото да се направи подобро. Имено, критиката за едно дело може да биде и најдобрата поддршка, а тоа го потврдува и Крстиќ во споменатата книга со истакнување на правилата за критикување и првото начело таму ‘All feedback is there to help’. Односно, сака да каже дека секоја повратна информација што еден автор ќе ја добие за својата уметност може да биде од помош.
Во книгата Крстиќ пристапувајќи и од една психолошка страна коментира за тоа кој е најдобриот начин да се прими критика. Вели дека е многу важно да се научи како правилно да се реагира на добиена критика, та вели: „После примањето на критика, личноста не би требало да поминува време во нејзино толкување за да се разбере што критичарот сакал да каже, бидејќи се троши и време и енергија. Така, треба да се поштедите себе и да ја прифатите критиката таква каква што е, со што се штеди и време и енергија“ (Krstić 2019, 13) Секако дека ова е многу тешко изводливо особено зашто кога се добива критика, авторот може да има наелектризирано его и да не ја прифати најразумно критиката, но, сепак, важно е секогаш да се напоменува дека критиката е секогаш тука за доброто на уметничкото дело и дека преку критиката авторот станува подобар автор. Каква и да е критиката по себе.
Историјата на критиката (на домашната книжевна сцена)
Сепак, колку и да почнавме со тоа дека моментално на македонската книжевна сцена немаме вистинска критика, сепак, македонската книжевна историја памети времиња и случувања кога критиката била мошне активна и клучна за одредени промени во книжевната реалност. Да се потсетиме само на книжевниот спор меѓу реалистите и модернистите во текот на педесетите години на минатиот век. Двете групи на писатели здружени околу двете најважни книжевни списанија за тоа време, „Разгледи“ и „Современост“, пишувале едни за други, воделе „борба“ за тоа кој правец да го фати книжевноста. Да се потсетиме и на текстовите на Димитар Митрев и на Георги Старделов со нападите кон надреализмот и македонските поети кои им се чинеле како блиски до него. Да се потсетиме и на полемиките на Атанас Вангелов, на Санде Стојчевски…. Сето тоа се нешта во македонската книжевна стварност каде што преку критика се доаѓало до напредок.
Па ако размислиме и на ниво на светската книжевност и философија, уште од времето на антиката Аристотел критикува преку своите дела одредени идеи на неговиот најголем и најважен учител Платон. Да се потсетиме само и на надреалистите кои во своите бројни списанија прилично брутално ги критикувале оние поети со кои што не се согласуваат. Во еден број од списанието „Литература“ надреалистите објавуваат листа со свои претходници и со поетики и философија од автори со кои се согласуваат, а се појавува и листа на автори кои апсолутно не вредат да се читаат. Па, Андре Бретон пишува против една песна на неговиот најблизок другар и соработник Луј Арагон откако тој се приклонува кон соцреализмот и бега од надреализмот. Бретон таа брошура каде што пишува против песната „Црвениот фронт“ на Арагон ја насловува како „Бедата на поезијата“ и таму вели: „…се чувствувам обврзан да изјавам дека таа песна не ѝ отвора еден нов пат на поезијата и дека би било залудно да им се презентира на современите поети како еден пример што треба да се следи…“ (Капушевска-Дракулевска, Урошевиќ 2021, 101) Ваквиот став на Бретон ниту се сфатил како навреда, ниту како повреда на личноста на Арагон, туку како едно бележење на книжевното време и определување на една поетика како регресивна согласно воспоставените критериуми на Бретоновото движење.
Зошто е важно како генерација да се читаме меѓусебе и да пристапуваме критички кон книгите што ги издаваме?
Книжевната критика, како и целокупната уметничка критика, ја гледам како присутна во мојата генерација. Овој нов бран на македонски уметници родени на крајот на ХХ и во ХХI век имаме поинаков пристап кон сопствените дела. Нам не ни е проблем да се критикуваме меѓусебе пред и по објавување на нашите книги, нам ни е и треба да ни биде драго кога станува збор за критика на она што го работиме. Оти така зрееме, така растеме, така напредуваме, така си помагаме едни на други, така ја градиме новата книжевност на македонската книжевна сцена. Тоа ни е целта! Една нова книжевна генерација се гради кога оние кои припаѓаат на таа генерација влегуваат во дискусија за сопствените дела, кога пишуваат за нив, кога се читаат меѓу себе (!), кога си ги купуваат меѓусебе книгите, кога зборуваат што не чини, па дури и влегуваат во жестоки дискусии за тоа. Новата генерација на македонски книжевници треба да се ослободи од оние „рекла-казала“ начини на зборување за книгите на современиците како што тоа е случај со дел од постарите автори. Ние треба да ја напуштиме идејата дека критика значи навреда, дека критика значи замерување со авторот на делото за кое пишуваме – оти тоа не е ниту целта, ниту идејата на критиката!
Ќе се вратам на книгата на Крстиќ каде што зборувајќи за начините на давање и примање критика, цитирајќи од книгата „Критикувајќи и критика“ тој вели: „Слушај го соговорникот внимателно. Знај да се извиниш за својот дел од проблемот. Поставувај прашање (со мерка) да го смирите соговорникот. Не треба да се критикува ‘за возврат’, само поради критика. Би требало да се најде нешто околу што двајцата соговорници ќе се сложат. Треба да се провери дали соговорникот сосема добро разбрал. Треба заедно да се кажат аргументите по кои не се согласувате. Ако е потребно, треба да се даде до знаење во случај критиката да ве повредила. Пожелно е да се повтори истиот разговор по 48 часа.“ (Krstić 2019, 11). Па така, макар и да не се согласиме никогаш околу нешто, не треба да се игнорира постоењето на една критика за одредено дело. Напротив, да се трудиме што е можно попозитивно да ја прифатиме и да ги искористиме укажувањата внатре во неа со цел поголема продуктивност.
Зошто треба да се пишуваат и негативни критики!?
Накрај, повторно се доаѓа до прашањето поставено во насловот на овој текст. После сите овие нешта доаѓаме до потребата од одговор на прашањето зошто треба да се пишуваат и негативни критики. Ќе си речеме „А зошто па да постои!?“. Зарем непишувањето на текстови за некои дела не е доволна критика за самите нив. Зарем игнорирањето на лошите книги не е доволна критика за нив. Зарем неучеството на тие дела во јавната книжевна дискусија не е доволна критика за нив!? Не! Одбегнувањето на лоши книги не е ниту субверзивно, не е ниту кул, не е ниту естетички и книжевно-теориски оправдано. Треба и треба да се читаат сите книги, треба и треба да се пишува и да се критикува за сите и за секакви книги. Оти така се изострува вкусот. Така може да се критикува. Ако и покрај сето ова не дојдовме до одговорот на прашањето за пишување и негативна критика, тогаш одиме назад на почетокот на овој текст и читаме одново.
Генерацијо, можеме да бидеме подобри!
Користена литература
Ѓорѓиева-Димова, Марија. Теоријата на книжевност во (интер)акција. Скопје: Македоника литера, 2017.
Капушевска-Дракулевска, Лидија. Влада, Урошевиќ. Птици во аквариум: Надреализам 1924-2024. Скопје: Конгресен сервисен центар, Полица, 2024.
Џепароски, Иван. Естетика: естетички категории. Скопје: Аз-буки, 2020.
Krstić, Predrag. O čemu govorimo kada govorimo o kritici. Beograd: Institut za filozofiju i društvenu teoriju, 2019.
Comments