top of page
  • Writer's pictureИван Николов

Импресии од „Еј, шо прајш таму?“ на Кенопсија

Многу често во животот ќе тргнеме со некоја цел, со некоја идеја кон некое место, кон некој човек и ние ќе одиме по патот, но ние не ја наоѓаме дестинацијата, туку се наоѓаме самите во придружба на нашите мисли и ги толкуваме сеќавањата и одлуките што нѐ донесоа до сегашниот момент. Во „Патот“ се пее за овој момент и сите магловити патишта и мисли што ги има истражувачот.


Во „Пејс/заж“ ни е отсликана самата природа која ја гледаме додека патуваме заедно со сите нејзини контрадикции. Ја слушаме тишината гласно и се соочуваме со вистината со која се лажеме. На почетокот сме пречекани со спора мелодија којашто го сокрива движењето што ќе се појави подоцна во песната, а и воедно во слушателот.


И така размрдани продолжуваме енергетично во „4 ѕида“ каде што сме пресечени со мрачна и морничава атмосфера. Се слуша марш и лелеењето и плакот на луѓето што ја градат градбата којашто стигна до небото. Наликува на приказната за Вавилонската Кула, години поминати на една градба која потоа се руши. Градба којашто им беше потребна на сите, сите можеа да се разберат меѓусебно, но сега ја нема и се слушаат различни неразбирливи артикулирани крикови.

Песната воедно дава чувства на пропаст, на пад, дава дознаење дека нема повеќе враќање назад.


„Дигитална ретардација“ е песна којашто најлесно може да се опише како електро шокови. Дефибилатор којшто пулсира, којшто се бори и ја балансира границата помеѓу животот и смртта. Дава чувство на раѓање и на пропаѓање. Таа матна линија е присутна и во самите вокали, кои исто така играат и флертурваат со двата света. Константно го слушаме и сме бомбардирани од пулсови, дали се наши или на дефибилаторот, не знаеме.


На почетокот на „Безиме“ ние сме пречекани со сенка, иако сме покриени со светлина. Едноставно до нас топлината и силата на зраците не допира. Нашата фигура е омрачена и самите не можеме да се дефинираме кои сме. Се чувствуваме отуѓени од самите себе и од другите луѓе. Повторно и повторно ги гледаме нивните фантоми, но не е исто. Сега сѐ е ништо.



Низ целиот албум се повторуваат тематиките на небото и земјата, на бегањето и на останувањето. За желбата да се остави сѐ за нешто ново и неповратливо да се смениме. Во Јата птици ја гледаме фрустрацијата којашто е присутна во нараторот и како борбата и желбата за подобро утре зоврива и се прелева. Но во продолжение на овој момент се поврзува и последната песна на албумот, „Војвода“.


„Војвода“ е востание.


Од самиот почеток песната се восприема со поинакво чувство. Има друга душа во неа, душа осветничка и полна со револт и нема повеќе трпение. Тешко е да не се замислат чекани што чукаат или пушки што пукаат или ора што се играат. Иако песната има само неколку стихови, таа кажува многу.


226 views
bottom of page