top of page
Writer's pictureКултура β

Избор поезија на Јулијана Величковска

Вода


доаѓам

во своите чизмички

со ситни чекори

шлапам

во секое вирче на патот

во кал

доаѓам

се враќам

цврсто

силно со нозе в земја удирам

во кал

во вода

насекаде вода

таа вода во мене

немирна

нескротена

од поројни летни бури во месингов сад собрана

па во мене истурена

каллива и таа

отстојана

пожолтена

дождовница

солена

сите мои солзи во неа

сите твои солзи во неа

сите солзи

за зајачето

за мачето

за петлето

за мене

за тебе

за сите

сите солзи

сета вода

сите бури

сите нестабилни молекуларни соединенија

сета вода и сода за свински сапун растворена во неа

првата вода во која се варел гравот

првата вода истечена пред да ме родиш

последната вода во која ја капевме баба

сета вода

повикана со додолските песни

сета вода

сета кал

таа земја

од чие ребро сме настанале

сета вода

која замрзнала

па се растопила

сета вода што испарила

и кондензирала

сета вода

на таа улица

во тие калливи вирчиња е собрана

под мои нозе послана

јас сум громот што ќе ја оплоди

јас сум таа што

со ритам ќе ја разбуди

удирам

компонирам

диригирам

сиот тој џез во мене

во моите нозе

во моето тело

со водата

музика

создавам

од твојот блуз да те извадам.



***


Кој ќе ги праша

галебите над Тибар

дали летале

кон Дунав

кон тебе

дали те виделе

сам со луле

крај реката седнат

чекајќи ме



Молба


Почитуван и драг господине

Ве молам

забијте ми

еден голем нож

во мојата мала слепоочница

Но Ве молам

сторете го тоа

под агол од 30 степени

Благодарам



***


безвучна уснена според местото на образување избувлива ‒ според начинот глас буква од азбуката буква со реден број ‒ кој? безвучна очна? фрик freak фрикативна согласка согласна? не! тврдонепчена непчена непечена тврдоварено јајце клетка? сам сама само гласка од заден ред преградно-теснинска струјна стројна? у! у! напиши мало у точка убава една од петте? буква со реден број ‒ кој? венечна уснена уснена у! усни! у сни сонувај с! (с овци с кози) со реден броj кажи кој? кажи кажи кажи кој!

***


се к’ти ноќта црна се… сѐ нокти се зошто се? а? а сепак поврзуваме зборовни состави меѓу нив спротивен сооднос со од нос нос на кос коски долги јазлести прсти нокти ноќи? за поврзување зборови за нагласување наизменично вршење дејства стварност? временско сопоставување сооднос на надоврзување градација град гради мои? град градила самовила град градина твоја? се к’ти ноќта црна се... сѐ нокти се зошто се? а? а сепак поврзуваме зборови, зборовни состави со исто со слично или со различно значење се воспоставил однос на надоврзување... а сепак а сепак не



***


зависносложени допусни dope усни од вино румени од вина румени образи неопходен услов за вршењето дејство она главното се чиниш блискозначен близок значаен но не си се чинам допусна попустлива со податлива усна а не сум сложена сум сврзничка секако како ламела така ми беше речено во едни други сврзнички состави па владеј и остави и ако румениот образ блед е но макар не е мокар макар не иако не признава по состав по дејство копнее

Comments


bottom of page