Избор поезија од Андреј Анѓеловиќ, добитникот на наградата „Млада Струга“
- Култура β

- Jul 12
- 2 min read
Годинешниот добитник на наградата „Млада Струга“ за најдобра дебитантска поетска збирка е младиот поет Андреј Анѓеловиќ за неговата стихозбирка „Чергар“. Наградата ја доделуваат Струшките вечери на поезијата заедно со Делегацијата на Европската унија преку Europe House во Струга.
„'Чергар' е поетски глас на современиот номад, трагачот по дом, слобода и смисла.
Добитничката дебитантска книга на наградата ,,Млада Струга’’ 2025 носи длабока, симболична и храбра поезија што зборува од името на скитникот, осаменикот, но и на секој што не се откажува од човечноста. Добитник на наградата е младиот поет Андреј Анѓеловиќ. Во свет полн со болка, „Чергар“ е нежен глас и верен самаријанин.“ велат од Струшките вечери на поезијата.
По повод добивањето на наградата, објавуваме три песни од „Чергар“ на Андреј Анѓеловиќ.
МЕЛЕМ
Тишино, смири го времето
да не одминува, да не пустоши
Смири го денот
да не ја погази ноќта
Смири ја душава да не падне в униние
Смири го полето
да не засири калишта, та да не пушти род
Смири го ветрот да не носи листови
Смири ги облаците
да не му љубоморат на сонцето
Потем смири ја ноќта
да не ја оскверни месечината.
Откако ќе го стивнеш овој замор
откако ќе го смириш племето
да не крене повторно камен
и крвта да не протече да прелее и се затруе –
земи од тревките
и направи мелем за овие стапала.
Да не паднам
никому да не кажам за болките
никому да не ги кажам раните.
Смири ја тишино планината
Сокриј го таму пламенот што жега под нозеве.
ПРОСЈАК
Од исток до запад,
од почетокот и крајот
на космосот и длабокото дно
ездам, ги собирам и палам списите.
В пламен свети списи,
да се слушнат вресоци на пророци и маченици.
Од едниот до другиот крај,
од почетокот до средината,
собирам зборови,
собирам ѕвезди, комети.
Ги собирам сите земни билки
распослани на ширни килими,
прекриени со мокра газа,
да шират омај и опој.
Од крајот на зборот до
неговиот почеток,
и слогот во средината,
чекам да соберам нешто.
Просјак сум со пранга бедност и
искра спокој.
Чекам да соберам нешто.
МАТОЧИНА
Берам грстови маточина
да ги постелам на твојот камен каде
се резбари името на времето каде
распукува името на денот.
Да дојдам да се поклонам на тој женски лик
изобличен во ликот на Додола
да пушти врз мене дождови
да исчисти од мене модрини
и во прегратката на старата мајка
да го најдам спокојот
на роденчето в утроба
и убоста на првиот ден од слободата.
Маточина за ликот твој
маточина за твоето име за
тебе каменувана протерана
веќе одамна на крајот од
овој пустош.




Comments