top of page
  • Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

Изложбата на Петар Лубарда во МСУ е солидарност и инспиративност

Пред неколку дена во Музејот на современа уметност во Скопје се отвори изложбата на црногорскиот уметник Петар Лубарда, поставени се околу педесетина дела, сите од колекцијата на музејот, а донирани од самиот автор веднаш по земјотресот во Скопје во 1963.


Приказната оди вака: Петар Лубарда прави изложба на дела која шета низ неколку градови низ Европа, во моментот кога во 1963 година во Скопје се случува катастрофалниот земјотрес изложбата се наоѓа во Ниш. Лубарда, со Скопје, бил поврзан преку неговите современици Лазар Личеновски и Никола Мартиноски и кога слуша за земјотресот решава целосно да ја подари неговата поставка на градот Скопје. Со тоа Петар Лубарда станува и најголемиот донатор на МСУ.

„Во октомври 1963 година, Петар Лубарда ги подарил сите 26 дела од неговата изложба во Ниш, подоцна изложени и во Скопје, со што тој станал, не само еден од првите, туку и меѓу најголемите дарители на МСУ – Скопје. Музејот во својата колекција има вкупно 52 дела, меѓу кои, 40 слики во техника масло на платно и лесонит, два акварели и десет цртежи што опфаќаат две и пол децении од кариерата на уметникот (1942-1966).


Петар Лубарда (1907–1974) во меѓувоениот период студирал сликарство во Белград и Париз, а од 1932 година до неговата смрт во 1974 година живеел во Белград. Неговиот особено експресивен фигуративен стил, кој се граничи со асоцијативна апстракција, му донесе широко меѓународно признание, вклучително и една од трите меѓународни откупни награди за сликарство на Биеналето во Сао Пауло во 1953 година.


После подолго време пошироката јавност ќе има прилика да ги види сите дела на Лубарда од Колекцијата на МСУ-Скопје, заедно со архивски материјали, кои се однесуваат на неговите изложби и донациите.“ стои во соопштението на МСУ.


Изложбата на Лубарда во МСУ е вистинско естетско уживање и задоволство, самата изложба е симбол на солидарноста која е карактеристична за Скопје, а истата е и инспиративна, силна и со доминантна црвена боја, прошетка низ неколку фази на Лубарда и исполнето со сведоштва и за неговите страдања низ животот, но и за неговото значење како еден од првите автори на експресивниот фигуративен стил во Југославија.


Најголем впечаток ми оставија неговите цртежи и акверели особено делото „Скица од логорот“ на кое со комбинација на акварел и црно мастило е претставен погледот од просторијата во концентрациониот логор каде бил за време на Втората светска војна. Карактеристична за ова дело е играта со бодликавата жица која Лубарда ја претставува слободно, извиткано, небаре станува дел од природата, а со можна цел да се претстави поривот за слобода и ослободување, контрирање на местото каде се наоѓа авторот.



Уште едно дело кое лично ми остави впечаток особено бидејќи може да се направи реалација со песната „Младичот што спие на пладне“ на Радован Павловски, па во прилог ги оставам само цртежот и песната <3

Младичот што спие на пладне


Звукот на смртта

те занесува да спиеш

о младичу

разбуди се

Имаш поле озвучено од билки и мотики

Утринското сонце е голема трпеза

на која орачите го кршат својот леб

Пладнето крие црни конци на ноќта

Ти под себеси закопал камење и месечина

Десет коњаници од заседа

Нежна билка ти ги врзува прстите за земја и не те пушта

сè додека не ѝ доделиш

замрачен бакнеж среде пладне

Од тревата се крева хор на мртвите љубовници

Разбуди се о младичу

Мојот брод граден од винова лоза

со засипнато грло е на море

Има час кога сè е мртво од сон

Има час кога се проучувам дали сум луд

Вечер е

и доаѓаат многу луѓе да те разбудат

Ти ја црташ картата на ѕвездите

и длабоко дишиш

Разбуди се о младичу

и раскажи ни ги соновите

па на убав коњ ќе одјавам до Железна Река

да нè освежи ветерот до водениците

Со ранет цвет ја закопчувам кошулата од ветер

и влегувам дома о љубов

кажи со каков пијалак се служиш во сонот

што не се разбудуваш о младичу.


„Полип“ и „Медитеранот 2“ се уште две дела, масло на платно, различни од останатите строго експресивни и апстрактни слики. За нив е интересна доминацијата на сината боја и преовладувањето на морските, водените мотиви, како и присуството на силната портокалова боја и нежно-скриената виолетова. Мотивите за овие дела слободно може да се бараат во црногорското потекло на Лубарда и неговата можна поврзаност со морето.

Можеби најзначаен дел од оваа поставка на Лубарда е неговиот циклус слики посветен на Индија. Тоа се дела во која доминира црвена боја, од сите изложени овој циклус е најекспресивен и најподложен на интерпретации. Во делата е видливо индиското влијание, присутен е и змејот како симбол од истокот, а присутен и огнот како често видлив симбол во овој циклус.


Инаку, куратори на изложбата се Благоја Варошанец и Владимир Јанчевски. Соработници на проектот се конзерваторите Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска. Дизајнот на промотивниот материјал е на Илиана Петрушевска. Изложбата ќе биде отворена до 31 март 2023 година.




616 views
bottom of page