top of page

Јули со Стефан Спасовски :: Бета-муабет

  • Writer: Андреј Медиќ Лазаревски
    Андреј Медиќ Лазаревски
  • Jul 22
  • 6 min read

На почетокот на овој месец се случи промоцијата на првата стихозбирка на младиот поет Стефан Спасовски, „Ќумур смоквин млеч“. По тој повод цел месец, преку рубриката „Лик на месецот“ го претставивме творештвото на Стефан Спасовски, објавивме неколку негови песни од збирката, рецензија за неа, а со него го отворивме и вториот циклус од нашата рубрика „Откопчај го копчето“. За крај на овој месец го подготвивме ова интервју кое е, всушност, дел од разговорот кој го водевме со Стефан Спасовски на неговата промоција. Прочитајте подетално за концептите во збирката, неговиот поетски однос со поетите од светската и домашната книжевност, како и односот со јазикот, со традицијата, со фолклорот.


Андреј Медиќ Лазаревски: „Ќумур смоквин млеч“ ја доби наградата Антев часовник од меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор која ти беше доделена минатата година. Помина некое време од тогаш и еве ја сега, конечно, стихозбирката пред нас испечатена. Па првото прашање се однесува на тоа колку наградата ти значеше како таква, колку беше поттик за излегувањето во етер на „Ќумур смоквин млеч“ и, на крај, како се чувствува по повод објавувањето на твојата стихозбирка?


Стефан Спасовски: Секако, наградата играше голема улога збирката да излезе во печатена форма. Во наградата е часовникот кој го симболизира времето кое им доаѓа на младите автори и е голема поддршка. Книгата доживеа и некои мали промени во однос на структурата, но идејата зад неа остана иста. Како се чувствувам? Помина скоро месец од промоцијата, уште имам траги од импресиите, но, во целост, задоволно (и повеќе од тоа). 

ree

А: Да започнеме од насловот – „Ќумур смоквин млеч“ – кажи ми најпрво за врската меѓу насловот и оној цитат напред што ја отвора стихозбирката, што насловот треба да означува и како ги рефлектира времето и слободата како два стожерни концепти во збирката?


С: Прво беше цитатот, а потоа дојде и насловот. Цитатот е на старословенски, а тој јазик има одиграно важна улога во моите студии. Со користењето на тој јазик се дава и некаква историска перспектива. Цитатот е важен за отворањето на збирката, но тој ги следи песните до крајот и може да се согледа и како некое тематско јадро кое ги опфаќа аспектите во збирката. Насловот дојде накрај, веќе кога требаше да се достави на конкурсот за наградата, што се случи во последните часови пред истекот на рокот. Поврзаност со цитатот има, но повеќе би рекол дека е некаков спој од тематиките во книгата: поврзаноста со природата, со слободата, со фантастичното... 


А: Со цитатот напред означуваш некакво време – какво е времето во „Ќумур смоквим млеч“, за која епоха се пее и дали можеби ти, како автор, сакаш да ни понудиш некое ново и подобро време. И на крајот, дали воопшто поезијата има можност да нуди подобри опции за светот, што мислиш дали книжевноста повеќе го бележи времето кое го живееме или може да понуди подобри решенија? Или обете?


С: Во збирката се обидов да се навратам малку низ времето и да пробам да дадам некое ново читање на традиционалното. Она кое често се греши, а така ни е претставено од страна на некои поединци е изедначувањето на традиционалното со конзервативното. Затоа се обидов да дадам некое читање на традицијата надвор од конзервативните стеги. Го согледував односот на паганството со природата, со слободата и се обидов да вметнам некои ликови од фолклорот и религијата на кои не им е даден доволен простор во современата книжевност, но и општо низ книжевната историја. 


Поезијата во денешно време не може да подучува што е подобро и што би требало да се подобри, мислам дека е поважно уметниците да се ангажирани, да даваат критика кон она кое недостасува во општеството со цел да се отвораат дискусии за некои работи. Таа треба да е отворена и да е во директна комуникација со светот, а не амбис кој привлекува зло.


А: По новото време и слободата, следува она отаде разумското во третиот циклус. Забележливо е дека третиот циклус на одреден начин ги спојува есенциите од првите два циклуса – кажи ми нешто повеќе за ова, дали новото време е отаде разумот, отаде рационалната свест, колку со третиот циклус допираш во потсвесното или, пак, во трансцеденталното? Што е циклусот „Само в сон сонуваш самовили“?


С: Овој циклклус е инспириран од книгата „Книга за измислените суштества“ од Борхес (превод: Ненад Велковски), издание на „Бегемот“. Со овој циклус се заокружуваат претходните два. Се навратив и на суштествата кои некогаш биле важни и имале некаква функција во однос на културата. За жал, на некои од нив, не им било доволно обрнато внимание, па се обидов тоа да го променам. Тој циклус опфаќа четири песни, од кои првата е воведна, а по неа следуваат песната за Лилит, за Бегемот и за самовилите. Фантастиката ми беше интерес кога ја пишував книгата и сакав да продрам и низ нејзе, иако поезијата не е најсоодветна за неа.

Но, не би рекол дека новото време е отаде разумското, сепак, во тој циклус, суштествата живеат живот без пранги. :)

ree

А: Забележлив во стихозбирката е метапоетичкиот однос односно врската со други песни од други поети, врската со твоите современици млади поети, но и со македонските поетски класици како Урошевиќ. Колку ти е важна врската и комуникацијата со домашната и светската поезија во самата твоја поезија?


С: Поезијата ја доживувам како отворен дијалог. Колку повеќе се чита поезија, толку е поголем бројот на соговорници. За мене е важна и светската, но и домашната книжевност. Напати се осврнувам на некои поети и поетеси и се обидувам да дадам свое мислење во однос на тој дијалог. Од особена важност ми е нашата генерација книжевници, која има голем удел во моето пишување. 


А: Студираш на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и прилично сериозно пристапуваш кон јазикот и јазичките проблематики – сакам да те прашам околу ова, јазикот во збирката е многу јасен и прецизен, успеваш во најстандардна форма да направиш многу игриви поетски решенија – како го сфаќаш односот јазик-поезија, дали јазички и блажеконески веруваш во проста и строга македонска песна или, пак, како Урошевиќ, зошто па да не биде и барокна и палава?


С: Да, студиите имаат клучна улога во однос на мојата поезија, дури и во однос на стилот. Со Конески сум врзан преку јазикот и неговото проучување, но, мора да признаам дека повеќе ја почитувам онаа палава, вртиум, шума-поезија. Не велам дека е одминато времето на простата и строгата песна, таа уште постои и ќе постои, но не сум нејзин приврзаник. 


А: Сакам да те прашам и околу самата работа на стихозбирката – кажи ми, најпрво, за процесот на пишување, а потоа и за уредувањето, знам дека уреднички се работеше на книгата, ја работевме и јас и ти, потоа и со твоите уредници – колку ти е важно мислењето од другите за она што го пишуваш, колку прифаќаш сугестии, предлози, поинакви решенија и нема да прашам дали, туку зошто, ти е важно книгата, а и општо тоа што го пишуваш, да биде уреднички поминато, разработено и обработено?


С: Често се среќаваме со книги кои не поминале низ уредничко, дури и без читање од некој друг. Тоа лесно се забележува. Прочитот на другиот не може да го промени јадрото на книгата, тоа е јасно, но уредникот ја има задачата да те насочи кон оние работи кои не си ги забележал при пишување. Јас имав среќа книгата да ја прочитаат повеќе луѓе пред да излезе од печат. За мене е важно тоа читање. Тука се усовршуваат и оние мали промени кои се клучни и за подобра функционалност, но и за подбра структура на книгата. 

А: Оваа книга е твоја дебитантска книга, но со неа не дебитираш на поетска сцена, туку напротив публиката веќе те има запознаено преку твојата работа во „Култура Бета“, во кафе-книжарницата „Илика“, како и преку настапите на неколку поетски читања и текстовите и есеите што ги имаш објавено низ разни списанија и платформи – дел си и од новата македонска поетска генерација, па ме интересира како гледаш на овој нов бран на поезија на македонската книжевна сцена, колку се чувствуваш како дел од неа и што за тебе значи ова ново здружување, па и движење на сцената?  


С: Во едно интервју на „Култура Бета“ веќе спомнав дека нашата генерација е вредна и бунтовна. Има природен тек, се осврнува на значајни теми и е доста ангажирана. Критикува, директно укажува на проблемите во општеството и, најважно, има свои карактеристики кои ја чинат уникатна. Јас секако дека се пронаоѓам, благодарен сум што сум дел од неа. Сепак, сите книги, претежно стихозбирки, кои излегоа последниве пет-шест години ми покажаа дека сум дел од нешто, а во ова време тоа е и повеќе од потребно. Затоа, читајте млади автори, поддржувајте мали издавачи и поддржувајте ја независната културна сцена. 


Comments


bottom of page