top of page
Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

Јуни со Златко Ѓелески - Најава

Во месец јуни се враќаме со нов лик во рубриката „Лик на месецот“! Овој месец се дружиме со Златко Ѓелески, писател, филмски, музички и книжевен критичар, уште еден компаратист во оваа рубрика, а познат по своите емисии на 103-ка и на YouTube.


Kaжете му добредојде на Ѓелески во Култура Бета и следете го и овој месец, ветуваме убави работи!

Златко Ѓелески е писател, филмски, музички и книжевен критичар, роден на деветти февруари 1986 година во Битола. Основно и средно училиште има завршено во Кичево, а дипломира на катедрата за општа и компаративна книжевност при факултетот „Блаже Конески“ во Скопје во 2010 година.


Активно се занимава со филмска критика од 2008 година, како уредник и издавач на списанието „Кошмар“. Дигиталните филмски рецензии ги објавува на веб-страницата „Мувис.мк“, музичките на „Плагијат“, а пишува филмски рецензии објавени во печатена форма во: „Граѓански“, „Кинопис“, „Филм плус“, „Филмски печат“ и други магазини и дневни весници.


Од 2011 година до ден денес е водител на филмската радио емисија „Дансе Макабре“, која брои 13 сезони на радио „Канал 103“, како и специјализираната емисија за ТВ-серии „ТВ 103“ од 2020 година, која брои три сезони.


Добитник е на наградата за најдобра филмска критика на 12-тото издание на филмскиот фестивал „Синедејс“ во 2013 година. Режисер е на краткометражните филмови „Од другата страна“ и „Мемоари“, асистент во пост-продукцијата на краткиот „Центроид“, организатор на ревијата на хорор филмови „Мрак Фест“, одговорен е и за музичките изданија на „Мрак“. Член беше на жири комисии на филмските фестивали: „Синедејс“, „Македокс“, „Филмај“, „Мобил фестивал“, „Филозофски филмски фестивал“ и „Флипбук филм фестивал“. Од 2017 и 2018 година водител е на јутјуб емисиите „Видеологија“ и „Ревизија“, а организира и мултимедијални забави со „Доминион Евентс“. Член е на жири комисија на музичкиот фестивал „Лузер фест“ во 2022 година. Селектор е на македонската филмска селекција на фестивалот „Winter Apricots“ во 2022 година.


Тој има објавено три збирки раскази: „Морбидизам“ во 2013 година, „Колекционерот на страв“ во 2015 година и „Понор“ во 2019 година, а секоја година неговите раскази се преведени и објавени на српски јазик, во неколку балкански антологии. Во 2021 година беше објавена неговата четврта книга, односно прва збирка на филмски есеи и рецензии „Видеологија“. Во 2022 година беше објавена неговата петта книга, збирка разговори со шест домашни филмски режисери „Мастерклас“. Расказите му се наградени и на неколку натпреварувачки конкурси во државата и објавени во различни спијанија и збирки, дигитални и печатени.


Во 2022 година е селектор на Филсмскиот фестивал на краток жанровски филм „Крацери“, во организација на Здружението за филм и филмска едукација „Крацери“, во кое членува.




Comentarios


bottom of page