top of page
Writer's pictureКултура β

„Капка-река“ од Мила Поповска

Кажи збор, започни капка-река,

еве,

еве, те чекам, кажи збор, започни капка река.

Јас сакам да додадам една,

ако сме повеќе брзо ќе исплива тема,

кажи збор започни капка-река.

И да е една таа ќе тече

и да е една, таа свет со неа влече,

кажи ми една,

кажи ми.

Наместо од очи да тежат,

кажи ми ти зборови тешки,

поврзи збор со душава жедна,

поврзи глас со душава.

Кажи ми една што ќе оформи барем проток,

еден стремеж, оток,

само да не е езеро или поток.

Да сонуваме дека нашата мисла урагани турка - влече,

дека нашата сложност

ќе кружи и ќе тече.

Еве дај ми ти една и јас тебе

и потоа пак ти мене и јас тебе

и после можеби некој ќе доплива

ново тело ќе ужива,

некој ќе разбере

и некој од водава ќе отпивне.

И после што? Ќе се случи ли нешто во овој свет земен,

во овој свет леден,

во овој свет сув и жеден,

осамен и темен

кажи ми еден збор, да започне овој раз-го-вор.

Јас те чекам тебе,

ти мене ме чекаш,

кажи ми ти една.

За мелем.

Еве веќе нè стемна.

Comments


bottom of page