„Кажи си го името“ од Милена Сиљаноска
- Култура β
- 7 days ago
- 1 min read
КАЖИ СИ ГО ИМЕТО
и капијата
сама ќе се отвори
подоткопчај ја кошулата
во оваа куќа без прозорци
Не плаши се
ако си го прочиташ
на надгробната плоча
исклесано името
Прескокни ја
црвената река
и изгради ми мост
Кога ќе сакаш
да ме видиш
премини го
Знам дека си бил
Цвеќињата ги кренале
своите глави кон капијата
А мост нема
Само една дрвена штица
наквасена од левата страна
од некој
кој се обидувал
да се врати дома
Вечерва, 17 јуни (вторник), од 20 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоција на стихозбирката „Куќичка на дрво не е дом“ од Милена Сиљаноска.
Промотор ќе биде младиот поет Андреј Медиќ Лазаревски. По година и пол од промовирањето на првиот роман „Ронлива“ од авторката, повторно ќе седнат еден спроти друг за да навлезат во стиховите и значењата. Ако обележје на „Ронлива“ беше „Девојка од бронза“, овој пат не плашете се да бидете „Изгорени од ова сонце“.
Во издание на Издавачки центар ТРИ, стихозбирката излезе од печат во јануари годинава. Сега „Зимската тишина“ од Никола Пијанманов се претопи од корицата и како снег што се топи и капе на првиот сончев ден, сосем навлезе во стиховите.
Comments