top of page
  • Writer's pictureКалина Качоровска

Ќе помогне ли објава на Инстаграм?

Уште од минатата недела знаев дека оваа среда ми доаѓа редот за колумна. Во четвртокот почна војна. Си велам, не, нема да пишувам за војната. Која сум јас да пишувам личен став за нешто толку големо и толку страшно? А, од друга страна, зарем не би било себично во момент како овој да зборувам за било што друго? Па така, со оглед на тоа што не сум експерт, но не можам ни да ја игнорирам и премолчам оваа ситуација, решив да пишувам за она што се случува, но не од геополитички аспект, туку разгледувајќи ги реакциите и начинот на кој решаваме да се соочиме со секоја криза во последниве години.


Како дете на технологијата и социјалните мрежи, ми се чини дека за секој поголем настан, случување, несреќа, среќа, домашна или глобална катастрофа во годините откако сум доволно „голема“ за да обрнувам внимание на она што се случува, имам објавено барем нешто на моите профили по социјалните мрежи. Не само јас, туку и најголем дел од моите пријатели и/или луѓе кои ги следам. Меѓутоа, објавите најчесто се делат на два дела: 1) реакција/текст/слика за и од случувањата и 2) реакција за тоа зошто има толку реакции. Така беше и сега. Секое „стори“ на Инстаграм беше или сино-жолто срце, или исмејување на оние кои ставиле сино-жолто срце како тоа да ќе реши нешто во дадената ситуација. Но, моето прашање е следно: дали некој навистина мисли дека неговата објава за поддршка и/или осудување за време на било каква криза ќе помогне на жртвите или ќе допре до злосторниците? Секако дека не! Кога објавуваме било што поврзано со случувања слични на ова, не мислиме дека готово, средивме сѐ, мир на светот штом сме ја ставиле Imagine од Џон Ленон, туку тоа се јавува како природна, човечка потреба на покажување интерес или грижа за светот. Тоа што денес сето ова се прави оналјн, преку социјални мрежи, а не во живо (што секако дека би значело многу повеќе) не е ничија вина, туку е едноставно прилагодување на околностите. Од друга страна, реакциите за тоа зошто има толку реакции, најчесто не потекнуваат од ништо друго освен тажен цинизам, но, она што јас го сметам за важно е оној малку поредок случај, кога тие реакции се критика на неинформираноста, игнорантноста и перформативноста на денешниот онлајн „активизам“.


Имено, проблемот не е во објавување на сино-жолто срце. Проблемот се јавува кога почнуваме да гледаме на социјалните мрежи како прв и најважен извор на вести. Три дена да бројам, нема да можам да избројам колку различни споделени инфографици за секое можно случување имам видено (особено) во последниве година-две. Во суштина, инфографиците треба да бидат брз и ефективен начин да добивање информации за ситуации со кои можеби и не сме биле претходно запознаени. Но, тие треба да претставуваат зачеток на нашето запознавање со различни општествени појави, а не целокупното знаење кое го имаме на одредена тема. Осудите на толку многу објави потекнуваат токму оттука: се објавува само колку да се објави, без да имаме било какво знаење или разбирање за она кое го објавуваме. Не треба, а и не е очекувано од секој обичен човек да биде експерт во меѓународни односи, геополитика, историја, Донбас, Путин или Зеленски. Не треба да знаеме сѐ за да бидеме загрижени што се случува војна или да воочиме империјалистичко злосторство кога тоа се случува, но и ова е едно големо но, треба да бидeме информирани барем кога шириме „вести“, фотографии, корисни информации и секако, инфографици. Не мора да споделуваме работи за кои не знаеме апсолутно ништо само за да изгледаме како добар, загрижен човек. Па, на крајот на краиштата, новинарите си го ризикуваат сопствениот живот, одејќи на местото на настаните со цел да го информираат светот и не само што не е правилно и навредливо, туку е и опасно што одлучуваме да не ги слушаме нив, туку инфографиците со убави фонтови и бои на Инстаграм. Како резултат на тоа, многу е лесно брзо да се прошират различни дезинформации и лажни вести (од двете страни), кои можат да бидат штетни, па дури во некои особено несреќни случаи, смртносни. Оваа војна, но и многу од војните кои се војуваат во последниве десетина години, а и ќе продолжат и длабоко во иднината, не се само милитарни и економски, туку се и една нова форма на конфликт, директно засегнат од брзото ширење на пропаганда и лажни вести преку социјалните мрежи. Според зборовите на Марк Твејн: If you don’t read the newspaper, you’re uninformed. If you do read it, you’re misinformed.


Но, секако дека постои и друг аспект од приказната, кога објавување на социјалните мрежи може да биде и тоа како корисно. Веќе неколку месеци наназад живеам во Полска, земја која е особено засегната од војната помеѓу Украина и Русија. Со оглед на тоа што се граничи и со двете земји, многу од оние кои бегаат од војната ја преминуваат токму полско-украинската граница, земјаќи го предвид фактот дека Полска многу отворено ги прима бегалците во овој момент. Луѓето кои живеат тука се целосно вклучени во сѐ она што се случува и активно помагаат на различни начини (на терен). Па така, кога е потребен дом, превоз, облека, храна, брза помош, преноќување за бегалците, логично е да се постира на Инстаграм, кој е достапен за речиси сите, зашто најверојатно ќе се најде некој кој го има она што е потребно во даден момент. Колку и да ме згрозува сето она што се случува, солидарноста која моите полски познаници ја покажуваат во последниве неколку дена и која е потпомогната и се зајакнува и преку социјалните мрежи е светла точка во времиња како овие.


Сѐ на сѐ, не треба да гледаме на социјалните мрежи како непријатели за време на криза, но ни како валиден или уште полошо, примарен извор на информации. Кога доаѓаат времиња страшни како овие, поважно од било кога е медиумски да се описмениме, па подоцна да зборуваме.






 

Сите автори стојат во целост зад кажаното во своите колумни, дела, песни, кратки раскази и друг вид на текстови кои ги објавуваме. Култура β не мора секогаш да се согласува со ставовите на авторите, а искажаните ставови не секогаш ја рефлектираат уредувачката политика на Култура β.

464 views
bottom of page