Колку е квир современаТА МАКЕДОНСКА книжевност?
- Култура β

- 6 days ago
- 10 min read
Пишуваат: Марија Велинова и Андреј Медиќ Лазаревски
Во текстот минатата недела со наслов „Што е квир книжевност?“ се обидовме да поставиме некакви генерални видувања околу тоа што прави една книжевност да биде квир. Оваа недела, ќе се обидеме да направиме еден поширок преглед на квир книжевноста на современата македонска книжевна сцена со акцент на одредени романи, збирки раскази и поетски збирки од современи македонски автори.

Современа македонска квир проза
Една од првите квир книги на македонската современа сцена е збирката раскази „Оргазмични писма“ од Ирена Цветковиќ. Книгата е објавена во 2008 од издавачка куќа „Ѓурѓа“ и може да се смета за прва македонска лезбејска прозна книга. Писателот и критичар Гоце Смилевски за книгата вели: „И. Цветковиќ ја воведува во македонската книжевност темата која кај нас досега беше присутна само во траги – темата на лезбејската љубов. (...) Над носечките ликови од овие раскази секогаш е надвиснат законот воспоставен од околностите и од општествените норми, па тие грчевито се обидуваат да го ослободат своето тело од принудата тоа да биде површина означена со законот, со општествените барања, со обичаите и традицијата, со телесните навики. Пукнатината низ која до нив допира малку светлина е сексуалното задоволство, како и надевањето во некоја подобра иднина и поинакво опкружување“. Друг многу значаен автор за развивањето на македонската квир книжевност, што доби голема видливост не само во земјава туку и надвор од нејзините граници, е Петар Андоновски. Во овој квир-контекст, иако пошироко сфатено можеби и сите негови дела би влегле тука, ги издвоивме книги „Лето во кое те нема“ и „Не кажувам“. „Лето во кое те нема“ е, веројатно, првиот квир-роман во современата македонска книжевност што се занимава со една љубовна тријада испитувајќи ги љубовните односи и поставености меѓу геј ликовите, но и нивниот однос со нивното минато, семејство и потекло. Затоа е и квир-роман, а како што ќе каже и Оливера Ќорвезировска во нејзинот поговор на романот, не е роман за прељубата и неверството како здодевни императиви на љубовните триаголници. Вториот роман од Петар Андоновски што тука го одвојуваме е неговиот најнов роман. Во рецензијата за романот објавена на „Култура Бета“, а напишана од Теодор Тасевски се вели: „Во своите романи, Петар Андоновски честопати сака да ни претставува нови и несекојдневни, романтични, а и семејни динамики, кои знаат во голема мера да отстапат од она што се смета за норма, дури и од нормата кај квир врските. Ова ни укажува на тоа колку различни начини постојат за да се воспостават човекови односи и врски во општеството. Сепак, главното нешто што ме плени беше намерното одбегнување на идеализирање на ваквите врски. Во ‘Не кажувам‘, идејата не е да се долови колку некои луѓе можат да бидат посреќни на поинаков начин на заедничарење и создавање семејство, туку да се претстави оваа несекојдневна динамика од една приземна, човечка и целосно реална гледна точка. Во романот нема чисто дефиниран среќен крај во кој главните ликови ги пребродуваат стегите на општеството, наоѓаат спас во оваа динамика вон хетеронормативноста и среќно си живеат до крајот на животот. Напротив, односите ни се претставени токму такви какви што би биле во реалноста – несовршени.“ Овој пристап што Андоновски го има во овој роман придонесува кон отворање на цела нова тема во нашата книжевност, а тоа е квир-семејството притоа целосно пристапувајќи ѝ на темата без никакви табуа и токму како што кажа и Тасевски во неговиот текст, несовршено.
Во овој преглед на македонска квир книжевност влегуваат уште неколку романи. Ќе преминеме на романот „Лебед“ од Ана Стојаноска каде што главна позиција има љубовта како таква, без разлика дали станува збор за машко-женска, машко-машка, романтична, брачна или семејна. Но, она што го издвојуваме кај овој роман како квир е и она што професорката Лидија Капушевска-Дракулевска го истакнува како важна тема во романот, имено, хомосексуалната љубов. Па таа вели: „Драматичноста на нарацијата е засилена и со тематизацијата на хомосексуалноста како една табу-тема во нашата средина, инаку ретко присутна тема во книжевноста кај нас. Кога на ова ќе се додаде и фактот дека приказната во романот ја следи животната сторија на две самохрани мајки, станува јасно дека ракописот на Стојаноска остварува и една општествено-ангажирана функција.“ Оваа констатација на професорката Капушевска-Дракулевска дека романот остварува и една општествено-ангажирана функција е исто многу важна кога зборуваме за квир книжевноста бидејќи тие книги не се насочени само кон раскажување на одредена квир-приказна, туку и на отворање на нов дискурс на книжевната сцена, но и во општеството врзано со квир-постоењето, правата, квир-животот придонесувајќи кон видливоста, прифаќањето и детабуизирањето на квир-лицата генерално.
Лидија Димковска е уште една авторка којашто во своите романи вметнува и користи квир-ликови и квир-теми. Најпрво, такво нешто лоцираме во романот „Резервен живот“ каде што имаме приказна за сијамски близначки, за сестрите Злата и Сребра, кои ги истражуваат можните начини на остварување на љубовта, остварување на сексуалноста со тематизирање на настраноста на телото. Во овој контекст слободно може да влезе и најновиот роман за млади на Димковска, „Тринаесетиот“ во кој се појавува ликот Косар Мајски односно Маја – на почетокот небинарен лик кој се движи меѓу личноста на Маја внатре во станот каде живее и личноста на Косар кога е надвор од својот дом. На крајот на романот Маја оди во странство да направи промена на полот – една голема табу-тема во нашето општество што храбро се провлекува во овој роман за млади токму со цел да се детабуизира и да се прикаже животот на транс-лицата, лица кои на родово ниво можеби се најмаргинализирани во ова општество.
Понатаму, збирките со раскази „Вечерен автробус“ и „Наназад“ од авторот од поновата генерација прозаисти, Стефан Алијевиќ, се книги што директно влегуваат во квир дискурсот пришто врзуваат со него и феминистички и еколошки прашања. „Вечерен автробус“ беше наградена со признанието „Штефица Цвек“, па во образложението се акцентира токму ова: „Како што напредува збирката, се чини дека добива поголем импулс и продолжува со потресни приказни за насилството и предизвиците со кои се соочуваат ЛГБТИ луѓето, како и другите малцински групи во конзервативните и малограѓанските средини.“ Она што авторот го поставува како свој доминантен наратив во првата збирка, го продолжува и во најновата книга „Наназад“ каде повторно се актуелизираат темите на феминизмот, екологијата и квир-прашањата овојпат на еден посилен автофикциски план. Врзување на квир-темите со феминизмот се случува и во романите на Љупчо Петрески, „Лазарка“ и „Потклек“, со многу поголем акцент на женската телесност како тема и давањето глас на маргинилизираните како постапка. Петрески самиот за „Лазарка“ кажува: „Идејата за романот се роди кога почнав да го читам ‘Целосниот дневник на Силвија Плат’. Како што пополека навлегував во нејзиниот свет, ја почувствував нејзината потреба од безусловна љубов ослободена од наметнатата позиција на жената која според хетеронормативното општество треба да биде покрај шпоретот и сопругот во домот. Како една од многуте жени која светот ја губи прерано, знаев дека треба да создадам прозен текст во кој ќе се реконструира митот за Лазарката. Но, се разбира, Силвија Плат не е единствената инспирација – тука можам да набројам еден куп авторки и уметници кои искусниот читател ќе ги препознае кога го чита романот. Овој краток роман го следи животот на една сосема обична жена, пренесен низ сеќавања, внатрешни монолози, а со многу малку дијалог, сѐ со цел да се укаже на потребата од дијалог со Другиот“. Во „Потклек“ овие идеи се актуализираат преку главната хероина која е општествено изолирана, отуѓена личност, потисната од своите стравови хипохондријата и меланхолијата, преку интимна исповед допира до сржта на своето (не)постоење како жена која го истражува сопственото тело, сексуалноста и односот со мајката и сопругот.
Сите овие книги, на повеќе различни начини, го разработуваат квир-иденитетот, квир-прашањата и квир-постоењето креирајќи квалитетни книжевни дела, кои се ненаметливи и непристрасни притоа реактуализирајќи ја квир-реалноста која што постои околу нас.
Поезија
На поетски план ситуацијата стои малку поразлично. Тука не можеме да зборуваме за квир книги како такви, туку за засебни песни од одредени книги низ кои се проткајуваат квир нишки или обработуваат одредени квир теми, но на ниво на песна и во една поуниверзална форма, на моменти и метафорично и игриво, впрочем, како што е и типично за поетскиот жанр.
Па така, квир нишки можеме да лоцираме во некои песни од стихозбирката „На крајот сè ќе биде како што треба“ од Моника Стојановска – на пример во песната „Помеѓу“ се вели: „Во мирисливата ноќ сите може да ми бидат љубовници, / која е разликата?“ при што се открива универзалната порака „Љубов е љубов“ и темата на слободата. Нешто слично можеме да најдеме и во песните на Калиа Димитрова. На пример во песните „Ноќен лептир“ („како одиш нога пред нога / со жестоки чекори на наоми кембл / дур носиш дрвен крст во твојот црн денди мантил, / на погребот на баба ти / (единствено машко од женска страна) / и што сè’ нема смисла во таа сцена и во твојот ден), како и во песната „Машко“ (се тркалаш по креветот и ги молиш дивите од твоите постери да те однесат на далечен алсфалт за да тропкаш со омилените штикли / … / си ги избројал ли некогаш бенките по своето тело? / си посакал ли некогаш да излезеш од него?) се тематизира бивањето геј, обраќањето на лирскиот субјект кон геј-пријателот, односите традиција-квир, затвореноста во плакар, односот странство-дома, (не)удобноста во сопственото тело итн.
Стефан Алијевиќ е присутен со квир-темите и на поетски план, па така, во песната „Опстанок“ објавена во хрватската антологија на регионална квир поезија „Рушење на четирите ѕида“ (Ќе бидат ли нашите слободи пак скратени? / Ќе бидат ли нашите движења одново уништени? / Срцето можеби ќе ослабне, / Ама погледот секогаш ќе ги лови истите бои на воздухот: / црвена, портокалова, жолта, зелена, сина, индиго, магента) ја исчитуваме секојдневната борба за опстанок како квир лице, бивањето геј и универзалното прашање за слободата. Во споменатата антологија наоѓаме и неколку песни и песни во проза на Дарко Алексовски. Тоа се љубовни писма и обраќања во кои атмосферата е квир, има тематизирање на љубовта како таква и секако, присутно е прашањето за слободата како и кај претхнодите автори поради што може да се каже дека слободата се појавува како носечка нишка во многу квир песни.
Квир-темите се присутни и кај повеќе автори од поновата поетска генерација. Во стихозбирката „Ќумур смоквин млеч“ од Стефан Спасовски имаме отворање на темата на повеќе рамништа. Па така, во песната „Тие“ преовладува небинарноста на лирскиот субјект, во „Туѓо тело“ акцентот е поставен на сексуалноста и телесноста, во „Сега тој е“ акцентот е ставен на машкото тело и, генерално, во последниот циклус „Само в сон сонуваш самовили“ квир-от е присутен преку суштествата со настрани тела, самовилите и давањето на ексцентрична позиција на Лилит. И во „Ајде уште еднаш“ од Бојан Станиќ може да се исчита квир-наратив. Генерално книгата се занимава со отвореноста на машкоста кон чувствителноста, кон искажувањето на чувствата притоа во песните се поништува целосно патријархалното поимање на чувствата и на љубовта.
Понатаму, во „Утроба од јаготки“ од Дамјана Видическа, како пример ја одвојуваме песната „Обратната“ каде што се истакнува ангажираноста за сфаќањето на „обратноста“, а во целата збирка се присутни темите на телесноста, на менструацијата, феминизмот итн. Во „Багет полн печени полжави полиени со уље истечено од Вардаровите галии“ од Андреј Медиќ Лазаревски, пак, е претставено изместувањето на традиционалните позиции на поезијата која е влезена во македонскиот канон, има игра со родот на лирскиот субјект во насловната песна, како и присуството на ликовите на т.н. бета мажи во песните.
Превод
Важен за квир книжевноста во македонски контекст е книжевниот превод на квир-дела од други јазици на македонски. Тоа може да е начин на кој може да се влијае врз продукцијата на македонската квир книжевност со што им се овозможува, пред сѐ, на читателите да се сретнат, акомодираат и запознаат со темите преку книжевноста. Исто така, преку преводот се создава и корпус на квир лектири кои понатаму ќе служат како образец, поттик, еден вид понуден јазик на кој ќе можат да се изразат потенцијалните автори кои би се занимавале со овие теми.
Преводот е важен од аспект на пренесување на културните обележја, сленгот, терминологијата, наративот и дискурсот или, поточно, изнаоѓање на нивни еквиваленти во македонскиот јазик, со цел тоа да комуницира со и да ја отсликува македонската квир заедница. Крајната цел е да се работи на активно градење на квир речникот во нашиот контекст. На оваа тема информативен е разговорот на поткастот „Inside/Out“ што го водат преведувачките Марија Јанеска и Милена Остојиќ за поезијата на транс-поетесата Алисон Периш и нивното потенцирање дека јазикот кој се користи при преведување квир текстови мора да доаѓа од самата заедница бидејќи на тој начин се преведува сопственото животно искуство на заедницата за да можат другите да го разберат.
Во рамки на македонската издавачка дејност има неколку квалитетни примери што се врзуваа со пренесување на странска квир-книжевност во домашната сцена. Најпрво, би ја споменале едицијата „Квир сквер“ на издавачката куќа „Темплум“. Едицијата е започната пред десетина години, досега има седум изданија меѓу кои се култната „Морис“ од Форстер, понатаму „Пристоен живот“ (антологијата на лезбејскиот расказ од регионот), а овде е и теориската книга „Како да се биде геј?“ од Дејвид Халперин. Општо земено, придонесот на Темплум за квир книжевноста во Македонија не застанува само на оваа едиција, а освен тоа треба да се истакне и списанието „Маргина“ кое самото по себе е квир и се труди да донесе превод на квир текстови.
Вреди да се спомене ситуацијата со романите на Едуар Луј кој се јавува како автор кој е присутен на нашата читателска сцена, за чии преводи се зборува и чии жанровски и тематски одлики ја инспирираат македонската книжевност. Од него до сега се преведени три книги од кои две во „Полица“ и една во издавачката куќа „Илика“. Освен тоа што Едуар Луј е преведен во „Илика“ со романот „Кој го уби татко ми, за оваа издавачка би била интересно да се спомне и едицијата на драми со преводите на „Мачката Елеонора“ од Карен Јес и „Сексуалните неврози на нашите родители“ од Лукас Берфус во кои се отвораат прашањата за телесниот идентитет, сексуалната слобода, живеењето со ограничености и притиснатоста од нормите. Би ја споменале и издавачката куќа „Сигмапрес“ која е заслужна за донесувањето на голем број теориски книги, како и за објавување на македонски теориски книги кои обработуваат квир теми што секако се добра поткрепа за понатамошно теоретско и практично книжевно развивање. Секако, кај нив е важна и прозната едиција каде што е објавена, на пример, „Кон светилникот“ од Вирџинија Вулф, авторка којашто ја издвоивме како многу значајна за развојот на квир културата. Секако, значаен е и фестивалот „Скопје прајд викенд“ коишто секоја година подготвуваат зборници со авторски текстови или преводи на квир-теорија. Покрај сите нив, на сцената се присутни и други издавачки куќи кои повремено објавуваат дела значајни за квир публиката, квир класици или, пак, создаваат безбедни простори за квир-изразување.
Со сето ова, можеме да видиме дека и современата македонска книжевноста заедно со издавачката политика на одредени издавачки куќи и фестивали значително работат во полето на квир-книжевноста и квир-културата што помага до доближување на оваа култура до поголема публика. Ваквата работа придонесува таа култура да се детабуизира, да се сфати како природен дел од широкиот културен спектар, каква што и е. Исто така, преку неа значително се збогатува македонската квир-сцена градејќи можности на слобода, заедничарење и градење на разни и различни идентитети кои можат постојат и во културата како многу значаен дел од животот.
Автори на овој текст се Марија Велинова и Андреј Медиќ Лазаревски, тој произлезе како резултат од соработката за настанот „Q Форум: Колку е квир македонската книжевност“ со Коалиција „Маргини“ којшто и го поддржаа неговото објавување.




Comments