Пишува: Дарко Беровски
Почетокот на нешто ново често знае да е некое чудно чувство, но зошто? Можеби бидејќи сме нетрпеливи за времето да си го направи своето, а со тоа избледува дел од личната креативност и слободата на изразување. Ова се темели на брзината од денешното живеење и тоа што сме преплавени со нови вести, со што за миг може да станеме стара вест. Тука игра голема улога кој медиум служи како главен извор и на што тој се темели. Примањето на бран на информации од еден мал електронски уред, преку алгоритам кој нѐ познава повеќе одошто ние самите е отуѓување од суштината на нашето постоење и уште повеќе манипулирање на апстрактните зборови како „слобода“, „демократија“,. „изразување“ и сите тие описи кои често се искористени како срцевина на многу идеали. Затоа преку оваа колумна би сакал да ви претставам зошто е важно да се негуваат потрадиционалните медиуми, важноста на свесниот избор на извор на инфомации и убавината во работата со отворени умови.
Медиумот е свој јазик, со своја структура и системска граматика. Едноставно ја има таа моќ постојано да го обликува и реобликува начинот на кои поединците, општествата и различните култури го перципираат и разбираат овој свет. Присуството на ова е неизбежно до здивот на последниот човек. Страшното е кога тој медиум е некоја социјална мрежа која цели да ја максимизира нашата активност на таа апликација, а не да информира. Преку ова доаѓа до сѐ поголемо присуство на манипулација и следење на одредена агенда, со што одредена порака ја добива валидноста да биде дефинирана како факт, правилно и вистинито. Затоа кога нешто е опипливо самата волја на поединците како колектив, но и на индивидуално ниво е покреативна. Нештото добива поголема социјална интеракција и ни се разбудуваат многу други работи само со тоа дека треба со некого да се видиме во живо. Тука сметам дека кога ќе се направи осврт на нешто опипливо, без разлика дали нештото се темели на информирање, лично изразување или колективен придонес, креаторот или креаторите му посветуваат повеќе внимание, време и душа, со што се доаѓа до суштинскиот мотив на таа порака, пренесувајќи ја најчисто до примателот. Низ текот на целиот тој процес имаме лепеза на различни искуства и цело време сме во реиспитување и активно размислување дали пораката си го задржува органскиот тек или се форсира некој функционален алгоритам. Исто така, кога си дозволуваме повеќе време во креацијата се опкружуваме со отворени и разумни луѓе, со што ќе можеме спроводливо да комуницираме и енергијата креирана во тие моменти да прави уште поголем жар за самото движење. Па, во текот на целиот овој процес се генерира максимумот од сите вклучени така што секој е свесен во кој дел е највреден и придонесува со апсолутна посветеност. Тука е важно тоа што е искомуницирано од секој интерен и екстерен глас да се гледа како совет и да не се сфаќа лично.
После ова кратка дружба се надевам дека со голема возбуда ќе се посветите да го задржиме овој опиплив израз и нема сѐ повеќе да изумира квалитетот на сметка на квантитетот. Иако не ветувам дека овој рецепт води до брз и ефикасен успех, сметам дека ваквиот процес прави целта да звучи забавна и креативна од самиот почеток, а крајот како задоволство за нов почеток. Затоа следниот пат свесно размислете за што, зошто и како примате информации и од каков медиум. Додека улогата на телефонот нека остане тој да ни служи нас, како што и првично беше направен.
Сите автори стојат во целост зад кажаното во своите колумни, дела, песни, кратки раскази и друг вид на текстови кои ги објавуваме. Култура β не мора секогаш да се согласува со ставовите на авторите, а искажаните ставови не секогаш ја рефлектираат уредувачката политика на Култура β.
Comments