top of page
  • Writer's pictureДамјан Златановски

Културна самодеструктивност или модерен фашизам?

Летото заврши, сонувачите се разбудија, деновите се скусија, исончаните образи избледеа и сега по полека се враќаме кон старо-новите рутини. Велат дека најубаво е човек со мали чекори да се враќа кон старите или да ги отпочнува новите навики. Па затоа сакам колумнава да биде најлесна што може да се напише, за да биде и што полесна за читање, ако воопшто посаканото е возможно. Еве ќе почнам со летото. Неверојатно брзо дојде и замина, како однапред испланиран продолжен викенд. Ко само два дена да го делеа утрото кога го препознав летото по пегавите образи на сестра ми со уписите за факултет. Но, и во тоа брзање кое го одбележа летово, можам да кажам дека успеав да посветам време на нештата кои ме исполнуваат. Успеав да одморам, а и да бидам продуктивен. Успеав да се посветам на себе, а и да прошетам успеав. А една од работите кои исто така успеав да ги направам беше и мојата посета на годинешниов Сараевски филмски фестивал - искуство кое дефинитивно вреди да го имате на вашата bucket list-а.


Она кое ме фасцинираше најмногу беше чувството кое СФФ го носеше во себе. Чувствував како да го прошетав целиот свет, а не го напуштив ни Балканот. На филмската селекција, гостите и организацијата можат да им позавидат и светски реномирани фестивали од овој тип. Дефинитивно ни на миг не се посомневав дека сум на настан организиран од светски домови на седмата уметност. Сараево филмски фестивал успеа да ми ја отвори душата и во неа всади чувства кои ме оставија со глава полна дилеми и прашања, а усни сушни и без одговори.


Едно од нештата кои ме замислија беше спонтаната, а неизбежна компарација на еден ваков настан од светски калибар и потенцијалот за негово случување во Македонија. Кај се културно-уметничките настани во Македонија и кој ги крие? Уметноста, како и филмот, е директна рефлексија на општеството. Дали можеби отсуството на културни збиднувања и уметност во македонското општество е знак за непостоење на истото? Или пак повременото јавување на иницијативите за промена симболизираат дека општеството опстојува на последните воздишки? Зарем ние не сме способни да создадеме домашен, а светски препознатлив бренд? Не е дека кај нас нема фестивали, нема настани и нема збиднувања. Напротив, постојано се раѓаат нови идеји, нови предлози, нови обиди. Но тука е и проблемот што иако одвреме-навреме ќе се роди искра која ќе зажари со потенцијал за прераснување во традиција за гордеење, истата гасне уште пред да прерасне во пламен.


Културата, сама по себе има функција да ја слави уникатноста на еден народ. Неговата традиција и обичаи, менталитет и дух, креативност и мисла. Културните збиднувања се витален орган на едно општество. Тие претставуваат место за меѓусебно вмрежување, истакнување на себе, промовирање на талентите, изразување на критика и/или согласност и добивање духовна сатисфакција. Она кое ги поврзува уметноста и културата во самата нивна смисла е функцијата која ја имаат како универзален јазик на динамично учество и влијание во (и врз) општеството, човековото размислување и интеракција, способноста да побудат чувства, полемика и размислување. Да доведат до нови идеии, инспирација и дух на промена, прогрес и нова перспектива кои носат до поздрав општествен систем.


Епа добро сега, штом е така работата, зошто по триесет години не успеавме да поставиме темел на македонската културно-уметничка сцена. Зошто ни една дланка настани, програми и фестивали не можеме да наброиме кои до ден денес се изградени како симбол на македонското општество? Дали можеме изворот на социјално-политичките проблеми да го бараме токму во дефицитот на креативното творештво? Оти вмешувањето на политиката во уметноста и креативната слобода доведе до нивото на кое сме сега. На политиката не и е место во уметноста, туку на уметноста во политиката! Уметничкото творештво е главно говорно средство меѓу политиката и општествениот став, и како такво мора да остане во својата најчиста форма да би опстојала самокритичноста и самосвеста на заедницата. Затајувањето на културата е модерен фашизам!


Политиката е свесна на моќта која ја носи присуството на уметноста во едно општество, но она на кое не е свесна е моќта која ја има нејзиното отсуство. Селективноста на содржина, гледањето на критиката и несогласността како предавство, стравот од различното и новото, се одлики на фашизмот, не на едно здраво општество. Стравот уметноста да не стане АРТилерија е можеби рационален, но искоренувањето на истата за можен прогрес на настаните е фашизам на мислата и креативната слобода. Вчера ја славевме победата над фашизмот, зарем треба денес повторно да стравуваме од истиот?


Влогот во квалитетни програми, кадри и идеи е влог во долговечноста на македонштината. Уметноста и културата освен универзален јазик и огледало на општеството, служат и како главен афирматор на еден народ во светски рамки. А ретки се оние народи блажени ко нашиот, со рака на среќата допрени да изобилуваат со талент. Зрно свест е потребна за да тргнеме од ова талкање во место, да престанеме да опстојуваме и започнеме да постоиме. Културата е скапа, некултурата уште поскапа. Толку.






 

Сите автори стојат во целост зад кажаното во своите колумни, дела, песни, кратки раскази и друг вид на текстови кои ги објавуваме. Култура β не мора секогаш да се согласува со ставовите на авторите, а искажаните ставови не секогаш ја рефлектираат уредувачката политика на Култура β.







371 views
bottom of page