top of page
  • Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

Летна фестивалска тура: Поетска ноќ во Велестово (прва станица)

Крајот на летото и почетокот на есента секогаш се резервирани за книжевните и филмските фестивали кои започнуваат со „ДримШорт“ во Струга, потоа „Поетска ноќ во Велестово“ во Охрид, паралелно на него и „Македокс“ во Скопје, а истиот викенд и „Бош фестивал“ во Гевгелија. Наредната недела „Струшки вечери на поезијата“, а потоа и „Браќа Манаки“, па „АртАреа“, „Скопскиот поетски фестивал“ и други... Тимот на Култура Бета ќе се обиде да покрие барем дел од овие фестивали со соодветни текстови, галерии, интервјуа... Прва станица на тимот е фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“ кој годинава го слави својот 35. јубилеј, а годинава со богата програма која во фокус ја има поезијата пишувана од жени, но и промоција на младата македонска поезија, интернационални гости, работилници...


Фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“ започнува во петок во 21 часот, традицонално на селската чешма во Велестово (Охрид) со промоција на изданието „Самодиви“ што е панорама на поезија пишувана од жени, од преродбата до денес. Во панорамата се застапени 114 авторки, а е приредена од поетите Славе Ѓорѓо Димоски и Јулијана Величковска со предговор на Славчо Ковиловски.




На промоцијата ќе говорат приредувачите, а свои песни ќе прочитаат поетесите Весна Ацевска, Виолета Танчева-Златева, Лидија Димковска, Снежана Стојчевска, Делвина Крлуку, Љубица Шопова, Сузана Мицева, Павлина Атанасова и Марија Велинова. По промоцијата ќе следи интернационално поетско читање со поетите Феликс Шилер (Германија), Албан Туфа (Албанија) и Шпетим Селмани (Косово). Потоа, под тремот на црквата Успение на Пресвета Богородица во Велестово ќе биде отворена изложбата на Тони Попов.

Панорамата „Самодиви“ и антологијата „Ново раѓање на зборот“

Вториот ден од фестивалот започнува во 17 часот во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид каде ќе биде промовирана антологијата на младата македонска поезија „Ново раѓање на зборот“, а насловена така по повод 100 години од раѓањето на поетот Ацо Шопов, приредена од Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, а во издание на ПНВ Публикации. Во антологијата се застапени 42 автори и авторки родени од 1991 година наваму.


На промоцијата ќе говорат приредувачите на антологијата, а со свои песни ќе се претстават младите поети и поетеси Ивана Јовановска, Андреј Медиќ Лазаревски, Марија Велинова, Исток Ј. Улчар, Павлина Атанасова, Макрина Јорданова, Емануела Ковачевска Китановска и Јована Стаматовска.


По промоцијата на антологијата следи интернационалното поетско читање „Поезија - Залез“ каде ќе учествуваат Феликс Шилер (Германија), Албан Туфа (Албанија), Шпетим Селмани (Косово), Марија Костиќ (Србија), Весна Ацевска, Виолета Танчева-Златева, Снежана Стојчевска, Сузана Мицева, Љубица Шопова и Делвина Крлуку од Македонија.

Најава за дел од поетесите-учеснички




Третиот ден од фестивалот започнува во 11 часот во охридската гимназија со работилницата „OH READ #2“, работилница за креативно пишување и дијалог преку преведување поезија, наменета за млади. На работилницата ќе говорат поетите Албан Туфа (Албанија), Шпетим Селмани (Косово), Марија Костиќ (Србија) и Павлина Атанасова (Македонија).



Потоа со почеток во 18 часот во кафе и барот „Шила“ во центарот на Охрид ќе се случи уште едно меѓународно поетско читање со поетите Павлина Атанасова (Македонија), Албан Туфа (Албанија), Шпетим Селмани (Косово) и Марија Костиќ (Србија), потоа дебата за важноста на литературните преводи со учесниците и публиката и потоа вториот дел од читањето со поетите Феликс Шилер (Германија), Перица Сарџоски (Македонија) и Андреј Медиќ Лазаревски (Македонија) и учесничките од „Самодиви“: Весна Ацевска, Виолета Танчева-Златева, Снежана Стојчевска, Делвина Крлуку, Љубица Шопова, Сузана Мицева и Марија Велинова.


Спонзори на годинешното издание на „Поетска ноќ во Велеството“ се Општина Охрид, РЕАД, Министерство за култура, Комерцијална банка, Пелистерка, Пупе компани, винарница Киево. Помагатели на фестивалот се Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, ПНВ Публикации, кафе и бар „Шила“, ОСУ „Св. Климент Охридски“, ресторан „Домаќинска куќа“, пицерија „Немо“, апартмани „Немо делукс“, црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во с. Велестово, а медиумски покровители Охрид њуз и Култура Бета.


За потсетување, минатата сабота во кафе и барот „Шила“ во Охрид се одржа преднастанот на 35. Поетска ноќ во Велестово, „Прелудиум“ каде учество земаа Танос Гогос (Грција), Марко Грегур (Хрватска), Марија Дејановиќ (Хрватска), Марио Де Роза (Италија), Ѓоко Здравески, Долорес Атанасова – Лори, Сашо Огненовски, Ким Симонсен (Фарски Острови) и Марина Икономова Шокева.


Во неделата дел од учесниците беа во посета на „Арт поинт Гумно“ во с. Слоештица, а фестивалот „Поетска ноќ во Велеството“ и иницијативата „Арт поинт Гумно“ потпишаат меморандум за соработка по повод 35. јубилеј на фестивалот и 20. јубилеј на иницијативата. Во име на овој свечен чин се одржа и камерно поетско читање на кое учествуваа поети од Македонија, од Хрватска, од Грција и од Чешка. На настанот присуствуваа и фотографите од Либеречката школа за фотографија, коишто се на резиденцијален престој во Слоештица.


Во саботата беше отворена и скулптурата „Раката на поетот“ од уметникот Никола Пијанманов, поставена во чест на 35. јубилеј на фестивалот!

Следете ја Култура Бета, следуваат уште импресии од нашата летна фестивалска тура!


410 views

Comments


bottom of page