top of page
Writer's pictureКултура β

Мартиновски: СПФ покажа колку е убаво кога поетите прават размена на творечки искри

Со извадок од песната „Паркот те помни“ го најавуваме Владимир Мартиновски, учесник на Интернационалното поетско читање во рамки на вториот Скопски поетски фестивал кое ќе се одржи на 31 август во Младинскиот културен центар во Скопје, со почеток во 19 часот.

Паркот ни е најстарата градска архива

(Оној бор стопати бил нечија статива)

Клупите помнат милион први бакнежи

Брезите милувања срцеви татнежи


Чешмите допири на безброј миленици

(Врбите бладања проширени зеници)

Костените озборувања пијани разговори

Елките ‒ караници смешни изговори


„Ако е точно дека денот по утрото се познава, првото издание на Скопскиот поетски фестивал долгорочно најавува сончево време за поезијата во Скопје на фестивалски план. СПФ покажа колку е убаво кога поетите прават размена на творечки искри и пожари со публиката жедна за добра поезија, но и со музичари, сликари, илустратори, филмаџии, фотографи...“ - впечатоци од минатогодишното издание:


Владимир Мартиновски (Скопје, 1974) e поет, раскажувач, есеист, теоретичар, книжевен преведувач. Работи како редовен професор по предметот Компаративни поетики на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Докторирал на Универзитетот Париз III – Нова Сорбона. Бил претседател на ДККМ (2009-2013). Член е на Македонскиот ПЕН и на ДПМ. Член е на извршниот одбор на Меѓународната асоцијација за семиотика.

Comments


bottom of page