top of page
  • Writer's pictureКултура β

Митко Апостолов: На Скопје му е потребен фестивал на поезијата. На поезијата ѝ е потребен Скопје.

Извадок од песната „Падот на Икар“ од Митко Апостолов, еден од учесниците на 2. Скопски поетски фестивал кој со своите стихови ќе се претстави на настанот „Во друштво на мртвите поети: како битник ‒ џез и поезија“ на 30 август во Младинскиот културен центар. Станува збор за тематско поетско читање посветено на битничката генерација поети, на кое авторите во придружба на џез-музичарите Шамба и Сол ќе читаат своја поезија на начинот на кој тоа го правеле битниците.


„Впишан сум во корката вода

во обесмртен молк стален

се најдов сам на дно од сол, восок и камен.“


Зошто на Скопје му е потребен „Скопскиот поетски фестивал“?


Митко Апостолов: На Скопје му е потребен фестивал на поезијата. На поезијата ѝ е потребен Скопје. Во градот на контрасти одекнува ехото на големиот земјотрес и бучавата на градежните машини. Се чувстува стихијата на големиот пожар и силната тихост на Вардар.


Онаков каков што е, овој град живее низ животите на оние што поминуваат и на оние што останале; така тој е неповратно променет и таа промена неповратно зачувана. Допрва треба да видам друг ваков град од каде што може со леснотија да се извлече стих од маката и радоста, од гневот, немоќта и тагата на љубовниците... За вечноста на смртта и за минливоста на животот. Ако ме прашувате мене, поезијата е начин на кој ќе се зароби ова ослободување на песната ‒ преку овој фестивал да се срочи во една фокална точка за од него да се растури светлината на стихот во времињата што идат. Да се овековечи и оживее Скопје.



Митко Апостолов е роден 1987 година во Тетово. Дипломирал на Машинскиот факултет во Скопје. Пишува поезија и кратка проза. Автор е на стихозбирката „Тело одречено од пливање“ и на збирката кратки раскази „Некои бладања од војната“.

223 views
bottom of page